1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пахор реизбран за претседател на Словенија

ЖА / агенции
13 ноември 2017

Словенечкиот претседател Борут Пахор во вториот круг од претседателските избори доби преку 53 проценти од гласовите и останува уште пет години на чело на државата.

https://p.dw.com/p/2nVwL
Slowenien Wahl | Borut Pahor, Wahlsieger
Фотографија: Reuters/S. Zivulovic

Борут Пахор останува на претседателската функција во Словенија. По пребројувањето на повеќе од 93 проценти од гласачките ливчиња, Државната изборна комисија соопшти дека Пахор освоил повеќе од 53 насто, додека неговиот предизвикувач, социјалдемократот Марјан Шарец добил 47 проценти од гласовите. Шарец го призна поразот и му честиташе на старо-новиот шеф на државата.

Излезноста на вториот круг од претседателските избори (12.11) била рекордно ниска, како што соопшти словенечката Државна изборна комисија, на избирачките места се појавиле помалку од 40 проценти од 1, 7 милиони граѓани со право на глас. Марјан Шарец, градоначалник од малото гратче Камник, сепак е главното изненадување на изборите. Пред две недели, тој се чинеше во безнадежна позиција со освоени 25 проценти наспроти Пахор, кој тогаш доби доверба од 47 насто од гласачите. Но, овие двајца првопласирани кандидати мораа да одат во втор изборен круг, зашто во првиот не постигнаа апсолутно мнозинство.

Slowenien | Kandidaten Präsidentschaftswahl Borut Pahor und Herausforderer Marjan Sarec
Шарец му ја честиташе победата на ПахорФотографија: picture-alliance/AA/A. Beno

Шарец оствари драматичен напредок, што на изборната трка ѝ даде неизвесност и ја направи интересна. За медиумите, дуелот на Пахор и Шарец претставуваше принципиелен судир меѓу политичкиот естаблишмент со новите политички сили. Пахор досега беше на неколку челни позиции во државата - парламентот и владата, додека Шарец, дипломиран актер, на политичката бина настапи дури пред седум години. Набљудувачите очекуваат тој да формира своја партија, која на следните парламентарни избори би можела да игра важна улога.

Пахор се смета за политичар без строго изграден профил.  Тој е познат по своите маркантни медиумски настапи, но медиумите го критикуваат за отсуство на политичка програма. Шарец пак за време на предизборната кампања крстареше низ земјата и контактираше диретно со граѓаните.