Пендаровски: Добро е што ВМРО-ДПМНЕ воспостави комуникација
6 мај 2021„Добро е што по девет месеци некомуницирање, се воспостави комуникација со институцијата претседател на Република Северна Македонија, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, кој толку многу недостасува во нашата земја“.
Ова за ДВ го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски, откако како бомба одекна веста соопштена на вчерашниот брифинг во ВМРО-ДПМНЕ: партијата ја одмрзнува комуникацијата со шефот на државата. По телефонски разговор, на барање на партискиот претседател Христијан Мицкоски, утре ќе се одржи средба помеѓу него и претседателот Стево Пендаровски. Средбата е закажана во вилата „Водно“, каде Мицкоски последен пат беше на 13-ти август 2020 година заедно со дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кога најави замрзнување на односите и комуникацијата со шефот на државата.
Повеќе: А замрзнување на комуникацијата со сезонските „експерти“?
Повод за таквата одлука на партијата беше незадоволството што Пендаровски му го даде мандатот за состав на нова влада на Зоран Заев, без претходно да добие уверување за оформено парламентарно мнозинство од 61 пратеник.
„Заклучивме заеднички дека денеска пратеникот Зоран Заев изразил уверување дека ќе работи на создавање на парламентарно мнозинство. Ќе се повикам на неколку изјави на Пендаровски, кој рече дека мандатот ќе го додели откако ќе добие уверување за оформено парламентарно мнозинство. Како второ, ќе се повикам на негова изјава дека ќе ги повика лидерите, а тоа не се случи. И трето, Пендаровски рече дека нема да даде мандат на лица со афери. За жал, Пендаровски денеска во една реченица сето тоа го поби, откако одлучи да му го даде мандатот на Заев, којшто нема парламентарно мнозинство. На тој начин брутално ја приватизираше и ја злоупотреби позицијата“, обвини Мицкоски лани во август.
Не се терористи, ама ни уставобранители
Ако тоа беше повод за замрзнување на комуникацијата, повод за нејзино одмрзнување стана изјавата на Пендаровски дадена во тв-интервју, дека лицата што упаднаа во Собранието на 27-ми април 2017 година не се терористи. Но, според Претседателот, тоа не значи дека тие заслужуваат амнестија за насилството.
„Тоа беше случај без преседан, за рушење на демократијата и уставниот поредок. Сторителите на тоа дело не заслужуваат помилување, а единствен начин да се обнови процесот е само ако се појават нови докази, кои во време на судењето не биле познати“, вели за ДВ претседателот Пендаровски.
Тој во изминатиот период добил дел лични писма од осудени за настаните од 27-ми април, и дел доставени преку нивни адвокати, во кои се бара помилување.
Повеќе: Пендаровски ја отвора темата за повторно судење за 27 април, за СДСМ случајот е затворен
Мицкоски не бара нивно помилување од Претседателот. Неговиот став е дека сите што го прекршиле законот и извршиле насилство треба да одговараат.
„Но да одговараат за тоа што го сториле, а не за тоа што не го сториле“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата смета дека тие лица треба да добијат шанса за повторување на судскиот процес (какво што имаше за случаите „Монструм“ и „Сопот“), во кој ќе приложат нови докази. Засега нема информации дали дел од тие докази ќе бидат посочени и на утрешната средба, иако се шпекулира и во таа насока. Покрај пресудите за 27-ми април, теми на утрешната средба Пендаровски -Мицкоски ќе бидат и прашања од актуелната политичко-економска состојба.
Прв признат претседател
Запрашан дали одмрзнатата комуникација на ВМРО-ДПМНЕ со институцијата претседател на државата е знак за зачеток на нова политичка култура, Пендаровски вели: „Ова е враќање на праксата што почна по мојот избор во мај 2019 година, кога главната опозициска партија за првпат го призна изборот на претседател“.
Оценката не е случајна, ако се има предвид дека во историјата на самостојна Македонија сите шефови на државата беа непризнавани.
Повеќе: Сите македонски претседатели - непризнавани
ВМРО-ДПМНЕ во деведесеттите години на минатиот век го оспори легитимитетот на тогашниот претседател Киро Глигоров, со став дека неговата победа е резултат на масовен изборен фалсификат. Исти обвинувања, но од страна СДСМ, имаше во 1999 година, кога Борис Трајковски победи во вториот круг од изборите, иако во првиот беше второпласиран со голема разлика во гласовите во однос на првопласираниот Тито Петковски. Поради тоа беше ословуван само како „граѓанинот Борис Трајковски“. Подоцна тој сепак ја доби довербата на СДСМ, но ја изгуби во матичната партија, па тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, им се извини на гласачите што го предложиле за нивен претседателски кандидат. По „граѓанинот“ Трајковски на претседателска функција дојде „господинот“ Бранко Црвеновски. Така беше ословуван од ВМРО-ДПМНЕ, која го обвини дека е избран на функција без доволен цензус. Но токму оваа партија со повик до членството масовно да излезе и да гласа за нивниот кандидат Сашко Кедев само два часа пред затворањето на гласачките места, најмногу му помогна на Црвенковски да го достигне цензусот. Подоцна отпадна обраќањето со „господинот Црвенковски“ и се сведе на обраќање со неговите иницијали „Б.Ц.“ Неговиот наследник Ѓорге Иванов во вториот мандат не беше признат од СДСМ, со образложение дека е избран на криминални, нефер и недемократски избори со системска кражба на гласови, додека ДУИ му го признаваше легалитетот, но не и легитимитетот.
За разлика од неговите претходници, единствено Пендаровски го почна мандатот како претседател чиј легитимитет не беше оспорен од опозицијата, иако таа честопати го критикуваше. Лани во декември (во периодот на замрзната комуникација) пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го дочекаа доаѓањето на Пендаровски за годишното обраќање во Собранието со транспаренти на кои пишуваше „Заев: Стево е неискусен политичар“ и „Не е мој претседател“, по што ја напуштија салата.