1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензионирањето на судиите ќе отвори низа проблеми

ДТЗ
30 јуни 2022

Над 70 судии и обвинители од 1 јули заминуваат во пензија - судовите бараат начин како да се пополнат дупките. Министерот за правда вели дека има три можни решенија.

https://p.dw.com/p/4DSsW
Deutschland Justiz Gerichtssaal OLG Karlsruhe
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

На повеќе судови во внатрешноста на земјата им се заканува клуч на врата од 1 јули, кога над 70 судии и обвинители треба да заминат во пензија. Откако владејачкото мнозинство во македонското Собрание, по неколкудневни бурни расправи и инциденти со опозицијата, не успеа да ги донесе измените на Законот за работни односи, на судиите и обвинителите не им се продолжи работниот однос за уште три години, со што бројни судски предмети коишто се во тек ќе треба да се вратат на почеток. Судските органи се затечени од ваквиот развој на настаните. Судскиот совет веќе утре (1.07) на седница ќе треба да утврди кој се ќе се најде на листата за пензионирање, по што ќе се знае кои судови и обвинителства ќе претрпат најголем удар по овој голем бран на одлив на судски кадри.  

Во обвинителствата и судовите веќе се прават планови како да се пополнат празните места, барем до декември, кога околу 60-тина кадри треба да го завршат школувањето на Академијата за судии и обвинители. Министерот за правда, Никола Тупанчески вели дека сѐ уште има можност да се изгласаат измените во законот. Според него, недостатокот на судии и јавни обвинители е комплексна проблематика, поради што во опција се три решенија.

Неочекуван исход 

„Затекнати сме од ситуацијата, но ќе мораме ова да го решиме“, вели претседателката на Судскиот совет за ДВ, Павлина Црвенковска. Таа вели дека допрва ќе мора да се направи анализа каде ќе биде најкритична ситуацијата со кадри, по пензионирањето на голем број судии и обвинители. Сѐ уште е неизвесно и колку судски предмети ќе треба да почнат од почеток поради големиот бран на пензионирања.  

„Во моментов има 475 судии, со анализа ќе се утврди каде ќе може да се пополнат дупките и да се прераспределат кадрите. Тие што мора да се пензионираат ќе заминат, а потоа ќе видиме што понатаму“, вели Црвенковска.  

Министерот Тупанчески вели дека одењето во пензија на судиите и јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одново. „Да не заборавиме, не се работи за една или за две постапки ,кога се менува судијата во постапката, тогаш процесот започнува одново. Тоа е првата работа. Тука се разбира како Дамоклов меч ни виси и институтот на застареност, дел од постапките коишто се во тек или кои што се движат може да имаат одредена застареност во однос на нивниот правен епилог“, изјави Тупанчески .  

Според министерот, во опција биле три решенија - да се даде можност на лица коишто имаат одредено искуство во сферата на правосудството како што се адвокати, стручни соработници со пократка обука да бидат дел или да бидат решение од овој проблем. Втората опција била да се зголеми бројот на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, како некој вид на бајпасирање на актуелната состојба и третата опција е со измени на Законот за работни односи да се продолжи за три години работниот век на судиите и јавните обвинители. 

„За првпат во историјата на државата се случува во еден ваков момент олку голем број на судии и јавни обвинители да одат во пензија“, вели Тупанчески.

Nord-Mazedonien Nikola Tupanceski, Justizminister
Министерот Тупанчески вели дека одењето во пензија на судиите и јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одновоФотографија: Justizministerium Nord-Mazedonien

Како ќе се пополнат дупките? 

Судовите во Берово, Тетово, Битола, Гевгелија и дел од обвинителствата се наоѓаат пред сериозен предизвик како да продолжат со работа, во услови на наплив на нови предмети.  

„Во Гевгелија останува само еден обвинител, со кадар кубури и обвинителството во Битола - вишото обвинителство во овој град ќе остане со тројца обвинители“, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за ДВ.  

Таму каде што е најалармантна ситуацијата веднаш ќе се испратат кадри на замена - до декември, додека не го завршат школувањето новите кадри, или пак на период од една година, додека не се изнајде посоодветно решение. Но, додека не го завршат школувањето 28 кадри за обвинители и 31 за судии, не можеме да ангажираме други кадри. Ако не се донесат измените на законот, ќе мора да ги покриеме дупките со прераспределба на кадри“, вели Јовески.  

Nord-Mazedonien Staatsanwalt Ljubomir Jovevsk
Таму каде што е најалармантна ситуацијата веднаш ќе се испратат кадри за замена, вели Љубомир ЈовескиФотографија: DW/Petr Stojanovski

Проблеми без причина 

Владејачкото мнозинство во Собранието предложи измени на Законот за работни односи со цел да им се даде можност на судиите и обвинителите да го пролонгираат работниот стаж за уште три години, додека не заврши школувањето на 60-тина кадри коишто се на Академијата за судии и обвинители, со што ќе се ублажи недостигот на кадар. Ваквите законски измени беа предложени по итна постапка, што предизвика бурна реакција и инциденти меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Опозицијата обвинува дека власта шверцерски сака да им го продолжи мандатот на подобни судии и обвинители. Тие реагираа зошто законот се носи со европско знаменце и зошто негов предлагач е Министерството за труд и социјална политика.  

Рокот за усвојувањето на законот е до 1 јули, но расправата синоќа беше прекината од страна на собранискиот спикер Талат Џафери откако за збор се пријавија 40 пратеници.  

„Според мене, без причина се направија проблеми од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ“, вели шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за ДВ.  

Таа вели дека ќе треба да замине во пензија обвинителката Гордана Смаќоска, која што работеше на предметот „Аполонија“, поврзан со познатото казино во Гевгелија.  

Nord-Mazedonien Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Без причина се направија проблеми од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вели Вилма Русковска  Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поголем проблем, според неа, ќе има во внатрешноста на земјата, каде, ако се стави клуч на врата на судовите, граѓаните ќе треба да патуваат од еден во друг град за некоја судска услуга.  

Во пензија треба да заминат неколку обвинители од скопското обвинителство, како и тројца судии од Основниот суд Скопје 1. Од кривичниот суд за ДВ објаснуваат дека станува збор за судии кои постапуваат по прекршочни предмети. „Нивните предмети би се распределиле на други судии од прекршочен оддел со што не би имало причина за застарување на предметите по кој тие постапуваат“, велат од судот.  

Евроамбасадорот Дејвид Гир деновиве укажа да не се појави недостиг на кадар во судството и во обвинителството. „Предлог-измената на Законот за работни односи е важна за да се избегне недостатокот од персонал во судството и во обвинителството. Чекаме да се комплетира и бројот на судии во Уставниот суд, без кои тој не би можел да функционира“, порача Гир пред расправата во Комисијата за европски прашања. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема