1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензиски реформи: Празнење или полнење на администрацијата?

Костадин Делимитов
18 ноември 2020

Законските измени за задолжително пензионирање се дискриминирачки и уставно проблематични, предупредуваат експертите. Наспроти најавите, законот ќе важи и за приватниот сектор.

https://p.dw.com/p/3lLO7
Symbolbild zum Thema Bürokratie
Фотографија: picture-alliance/ZB

Задолжителното пензионирање на работниците на 64 години кај мажи и 62 години кај жени ќе важи и за приватниот сектор. Паднаа во вода првичните уверувања од Владата дека законските измени ќе важат исклучиво за јавниот сектор. Предлог измените на законот за труд, кои се во собраниска процедура, сепак се однесуваат на сите вработени во државата, со исклучок на здравствените работници и професорите. Само овие две категории на вработени ќе можат и по исполнување на старосната граница да продолжат да работат со писмено одобрување секоја година, односно до навршување на 67 години старост.

Што ја предомисли Владата, односно зошто законските измени ќе важат и за приватниот сектор, конкретно објаснување нема. Надлежните велат дека законските измени имаат за цел создавање услови за намалување на вработените во државната администрација и јавниот сектор, но и отворање на простор за вработување на млади кадри кои би дале придонес во унапредување на работниот процес.

Дел од упатените сепак се сомневаат дека вака поставени законските измени ќе ги дадат посакуваните резултати. Целиот процес, според дел од нив, отвора повеќе дилеми, за кои законското решение не дава јасни одговори: 

„Дилемите се дали самата измена на законот за работни односи во себе крие една избрзана популистичка мерка, или има за цел стимулативен економски развој и балансирање на пазарот на труд. Прашање е дали ќе има намалување на невработеноста, или дополнително оптоварување на Фондот за пензиско. Дали ова ќе значи растоварување на јавната администрација од десетина илјади работници кои се сакаше да се префрлат во стопанството, или ново вработување на млади, а можеби и партиски кадри, оти знаеме како одат работите кај нас. Доколку нема популистичка позадина и доколку има за цел да направи баланс помеѓу професионалните и семејните обврски, тогаш е во ред. Но од тоа што го гледам во пракса, чинам дека станува збор за одредена измена на законот преку која не добиваме одговори на дилемите“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

Mazedonien Skopje Baugerüst
Предлог измените на законот за труд, кои се во собраниска процедура, се однесуваат на сите вработени во државатаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Можни потреси на пазарот на труд

Стручната јавност предупредува и од потреси на пазарот на труд. Неповратно ќе се исфрлат од игра одредени категории на кадри кои се со искуство, а кои се дефицитарни, посебно во приватниот сектор. Реагираат и дека е дискриминација тоа што ќе им се овозможи на одредени групи на вработени да го продолжат работниот однос и по 64 години старост:

„Според мене, овде има елементи на директна дискриминација, притоа разбирајќи ја потребата дека навистина за одредени струки, посебно во здравството, не е време да се пензионираат вработените. Многу е интересно, па и парадоксално, бидејќи и денес вработените имаат можност да се пензионираат на 64 години со можност да побараат да се продолжи работниот однос до 67 години. Мислам дека актуелното решение е подобро од системски аспект, бидејќи дава поголема флексибилност на пазарот на труд и на пензискиот систем отколку предложената измена на членот 104 од Законот за работни односи. Вака само ќе се случи одредени вработени по пензионирањето повторно да се активираат со договори на дело во стопанството“, реагира Јовевски.

Повеќе:

Судирот на генерациите и пензиите

Македонскиот пензиски систем почнува да заздравува!

Социјална пензија за социјален мир!

Дел од упатените стравуваат дека со „присилното“ намалување администрацијата нема да стане поефикасна, ниту пак дека ќе се подмлади:

„Во услови кога и оваа Влада не најде решение за стотици вработени кои седат дома, а земаат плата, многу е веројатно дека се прави и простор да им се осигура на овие луѓе место во администрацијата. И не само ним, туку и на редица партиски кадри кои сигурно дека ќе продолжат да се вработуваат во администрацијата. За жал, освен декларативна, не гледам реална подготвеност и кај оваа гарнитура за ставање крај на овие проблеми“, критикува еден од експертите кој одблиску е запознат со она што се подготвува како решение.

Владата ги укинува, привремените вработувања се множат

Синдикалците обвинуваат за двојни стандарди

Реагираат и од синдикатите, кои предупредуваат дека целиот процес се турка избрзано и недоволно обмислено. Она што боде очи, според дел од нив, се двојните стандарди, што законски е проблематично:

„Законот мора да биде еднаков за сите според Уставот. Но тие предвидуваат до 67 години да може да останат вработените во здравство и науката, но од уставен аспект некој тоа би можел да го оспори пред Уставен суд и евентуално да падне. Не знам како тоа планираат да го превенираат, бидејќи сепак не сум експерт за уставно право. Но ако едни можат да продолжат, а други не, тогаш не сме еднакви пред Уставот и законот“, реагира Пеце Грујоски од синдикатот на УПОЗ.

За задолжителното пензионирање и за приватниот сектор реагираат и бизнисмените. Дел од нив предупредуваат дека тоа би било погубно за стопанството:  

„Во вакви услови приватниот сектор има недостиг на работници. Би било погубно ако задолжително се оди во пензија. Ако работникот се чувствува здрав и сака да работи и работодавачот, исто така, сака да го задржи, ако и двете страни - и работникот и работодавачот - се согласни, тој би требало да може да продолжи да работи“, реагира Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Nordmazedonien Tetovo OKTA Raffinerie
Стручната јавност предупредува од потреси на пазарот на трудФотографија: Imago Images/Zuma/

Во игра и идејата за докуп на стаж

Собраниската расправа околу законските измени е закажана за денеска. Во Законот за работни односи се менува членот 104, кој ќе гласи: „Договорот за вработување, работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.“

Законските измени треба да стапат во сила од наредната година. Сепак тоа нема да ги анулира поднесените барања за продолжување на договорите заклучно со август, кои ќе продолжат да важат до истекот на предложениот период. Колку вработени тоа го сториле досега, нема податок. Според анализите на Министерството за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја остварат околу 6.000 лица.

Symbolbild Bürokratie /Papierstapel
Дел од упатените стравуваат дека со „присилното“ намалување администрацијата нема да стане поефикаснаФотографија: Fotolia/kristall

Освен задолжителното пензионирање, во игра е и можноста за предвремено заминување во пензија со докуп на стажот. Оваа идеја се заговара веќе одреден период, но се` уште нема и конкретно решение. Она што е познато, а што повеќепати како решение го најави и премиерот Зоран Заев, би била опцијата за откуп на стажот до 5 години, со што би се овозможило за жените да се пензионираат на 57, односно мажите на 59 годишна возраст. Од Владата велат дека постои волја, но потребно е да се разработи и детална стратегија околу секторите каде би се овозможила оваа опција.

На крајот на минатата година, во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување има регистрирано околу 324.000 пензионери. Статистиката зборува дека секоја година бројот на корисници на пензии се зголемува за околу 5.000. Паралелно постојано расте и потребата за дотации од државниот буџет на сметката на Фондот ,кој не е во кондиција самиот да одвојува за пензии. Ако годинава за оваа намена од буџетот се одвојуваат околу 900 милиони евра, наредната 2021 година ќе требаат повеќе од една милијарда евра.