1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пенс: Судбините на САД и на Европа се меѓусебно поврзани

Ж.А. /агенции
18 февруари 2017

Американскиот потпретседател Мајк Пенс ги увери европските партнери во цврстата поддршка на САД на НАТО-сојузот, инсистирајќи на нивен поголем финансиски прилог во заедничката одбрана.

https://p.dw.com/p/2Xoal
Deutschland Münchner Sicherheitskonferenz 2017 Pence und Merkel
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schrader

„Во името на претседателот, ве уверувам дека и натаму цврсто стоиме на нашата поддршка на НАТО и нашите обврски во него. САД отсекогаш биле силен сојузник и тоа и ќе останат“, рече Мајк Пенс на Минхенската конференција за безбедност: „Судбините на САД и на Европа се меѓусебно поврзани.“

Потпретседателот на САД го повтори барањето на Доналд Трамп - Европејците подлабоко да брцнат во џебот и да дадат поголем прилог во заедничката одбрана: „Ветувањето за поделба на товарот ни оддалеку не е исполнето, што ја подрива основата на нашиот сојуз. Претседателот очекува сојузниците да се придржуваат кон зборот“, истакна Пенс.

Нетрпението со кое беше очекуван говорот на Мајк Пенс во Минхен се должи на дилемите во надворешнополитичката ориентација на САД под раководство на претседателот Доналд Трамп.

„Мир се постигнува со јачина. Претседателот Трамп е убеден дека мораме да покажеме воена сила, дека мора да им се спротиставиме на сите оние кои ја загрозуваат нашата слобода и нашиот начин на живот. САД ќе бидат силни под водството на претседателот Доналд Трамп, посилни од било кога досега“, порача Пенс, најавувајќи ги плановите на Вашингтон за „значително зголемување на буџетот на одбрана“.

За разлика од Трамп, кој во досегашните изјави за НАТО во прв план го истакнуваше финансискиот аспект, Пенс зборуваше за Алијансата како заедница на вредности: „Ние ќе бидеме заедно со Европа, зашто споделуваме заеднички идеи“, при што за примери ги спомена слободата, демократијата и правната држава.

Најавите на Трамп за нова блискост кон Русија не значат дека САД го одобруваат однесувањето на Русија во Украина, тврди Пенс: „САД и натаму ќе инсистираат на одговорноста на Русија, без оглед на истовремената потрага по заеднички нешта, за кои претседателот Трамп не се сомнева дека можат да бидат најдени“.