Софија и Скопје со заедничко писмо до Брисел
21 февруари 2022
Бугарскиот премиерКирил Петков најави дека со македонскиот премиер Димитар Ковачевски ќе достават заеднички предлог до Европската комисијата, Брисел да биде гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот устав во текот на пристапните преговори со ЕУ. Во интервју за „Еурактив“, Петков вели дека тоа не е билатерално прашање, туку е во согласност со принципите на сите земји членки на ЕУ.
„Мислам дека сега имаме разбирање со новата влада дека во Уставот треба да биде вклучено дека секој Бугарин во Северна Македонија може да се чувствува рамноправен со другите Македонци со поинакво потекло. Оваа еднаквост и антидискриминација се согласивме дека треба да се направи и сега треба да го најдеме вистинскиот механизам за да се осигураме дека ќе се случи“, вели Петков.
Притоа е разговарано Брисел да бидат гаранција за ова како дел од пристапните преговори. „Не е дека едната земја притиска, а другата вели не, туку сега планираме да излеземе пред Европската комисија со заеднички предлог, на принципите на Копенхашките критериуми, на принципите на законска заштита на луѓето со поинакво потекло. Не се работи за билатерално прашање, туку принципи на сите земји членки на ЕУ во целост. Тоа може да биде пример и за пристапните процеси на другите земји од Балканот“, вели Петков.
Предупредување
Доколку ова писмо се прати, Владата практично би се обврзала на нешто за кое не е уставно надлежна (измена на Уставот прави Собранието со 80 пратеници), предупредува поранешниот министер Никола Димитров. „И второ, повторно ние правиме концесија, без притоа да има договор за прашањата што во проблемот со Бугарија нам ни се клучно важни, како на пример – чист македонски јазик во преговарачката рамка“, вели Димитров во објава на Фејсбук.
Според него, со најавата на Петков за испраќање на заедничко писмо до Брисел со кое ќе побараат вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав да стане европски услов и за неговото исполнување да гарантира Брисел, „ние самите бараме бугарското барање да стане европско“.
Според Димитров, Петков зборува за некаква потреба од правна заштита за етничките Бугари во Северна Македонија, нешто што веќе е уставно гарантирано за сите македонски граѓани без разлика на нивната етничка припадност. Ова според него, или води кон целосна победа/пораз договор, или кон отежнување на каков било договор во иднина, бидејќи со оваа тактика јасно е оти ќе останат како нерешени само прашањата што за земјата се суштествени.
„Затоа, за овој чекор да има елементарна логика, во најмала рака Бугарија во истото писмо треба да се обврзе дека ќе ја прифати рамката во која за македонскиот јазик нема да има (до)објаснувања, заедно со другите суштински елементи за македонската страна, како што е на пример фактот дека нашето делување во Советот на Европа никако не може да се подведе под мешање во внатрешните работи на Бугарија“, укажува Димитров.
Главното прашање, вели тој, е – дали е тоа обезбедено.
„Искрено се надевам дека е така. Оти без таква гаранција, ова не само што би било исполнување на уште едно нивно барање без никаква возвратна концесија, туку е рамно на национален пораз“, смета Димитров.
Во духот на европските вредности
Премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите денеска порача дека се она за што се разговара со Бугарија е во духот на Резолуцијата што е донесена во македонското Собрание и во духот на европските вредности. Коментирајќи го барањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за писмени гаранции од ЕУ и Бугарија за македонскиот јазик, идентитет и малцинство наспроти нивното барање за Бугарите во државата, Ковачевски посочи дека разговорите со Софија се водат во духот на европските вредности и врз основа на задржување на дигнитетот на граѓаните на двете држави.
„Се разбира, во целиот тој процес е вклучена и Европската комисија бидејќи на крајот на денот преговарачката рамка треба да биде одобрена од сите земји членки на ЕУ и врз основа на тоа Македонија да го добие датумот за почнување на првата меѓувладина конференција“, вели Ковачевски.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, денеска на брифингот со новинарите оцени дека се наоѓаме во посензитивен период во разговорите со Бугарија и оти дијалогот ќе продолжи на ниво на експерти и политички групи. Тој вели дека целта е ова прашање да биде затворено еднаш засекогаш и да не ни се отвора повторно, преку сеопфатен документ којшто би бил протокол или декларација, каде што ќе се ставаат сите документи важни за сите страни.
Во одговор на прашањето дали дел од билатералните теми за кои сега се преговара меѓу Скопје и Софија, би станале дел од преговарачката рамка, Османи рече дека за Преговарачката рамка прво одлучува ЕУ бидејќи земјите-членки треба да ја прифатат преговарачката рамка. „Ниту без нив, ниту без нас, не може да се усвои преговарачката рамка. Затоа сега се усогласуваме и билатерално, што би било прифатливо за нас во преговарачката рамка, а што би било за земјите-членки“, потенцираше Османи.