1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Пехчево нема пожарникари, шумското има- дупнати канистри

5 август 2021

Не само добро опремени противпожарни служби, туку Пехчево и Берово треба да добијат и хеликоптер, бидејќи овде се белите дробови на Македонија, велат Пехчевци .

https://p.dw.com/p/3yZHf
Nordmazedonien | Feuerwehr in Struga
Фотографија: Aleksandar Manasiev

Немам зборови со кои можам да упатам благодарност до пожарникарите од Бугарија, но и од Словенија, кои денес се упатени кон овој регион. Нема поголема надеж и помош кога гледаш дека огнот со неверојатна брзина ти се доближува до куќата“, ги споделува жител на Пехчево впечатоците и емоциите по минатата тешка и непроспиена ноќ. 

„Состојбата не е под контрола. Целото месно население е вклучено во битката со огнот. Најтешко е кај Умлена и Робово, две густо населени села. Ако пожарот не биде запрен, ако го премине пехчевскиот атар, тогаш нема да запре до Симитли во Бугарија. Сите жителите се мобилизирани и ‘опремени’ со лопати и гребла, а градов не е опремен буквално со ништо. Треба да се знае дека Пехчево нема противпожарна служба, дека потребите ни ги покрива општина Берово која има еден камион-цистерна стар 40 години, еден нов, и два џипа. Тоа е се. Нека дојде инспекција да види како ни е опремено шумското стопанство. Немаат исправна опрема за гасење пожари. Имаат канистри кои не се исправни, дупнати се и тече вода од нив. Со нив никаква работа не може да се заврши при многу помали ризици, а камоли при стихии со вакви димензии“, објаснува жителот на Пехчево. 

Вели дека подрачните единици на „Македонски шуми“ таму немаат ни списоци со луѓе кои знаат да работат со моторна пила, кои би биле мобилизирани да прават шумски просеци (појаси) за спас од пожари од поголеми размери. Ниту пак некому му текнало да ги повика долгогодишните „тендерџии“ за сеча и влеча на дрвна маса, за барем сега да помогнат со нивна механизација. 

Ноќеска сликата во тоа атар била страотна – се создала огнена линија во дијаметар од десетина километри која пеплосала огромна површина на борова шума. 

„Не само добро опремени противпожарни служби, туку Пехчево и Берово треба да добијат и хеликоптер, бидејќи овде се белите дробови на Македонија“, вели нашиот соговорник. 

Утрово на тој терен веќе се активни хеликоптери.

Nord-Mazedonien | Waldbrände in Trakanje
Фотографија: Arbnora Memeti

Награда за оние што помагаат

Во земјава вчера беа активни 10 пожари, а покрај сериозноста на состојбата во Пехчевско и на патот Берово – Делчево, исто така загрижувачка беше состојбата во Општина Македонски Брод. На предлог на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој, Владата вчера донесе Одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот за 2021 година, со кои ќе се додели парична награда од по 10.000 денари за вкупно 300 лица од кои дел се пожарникари, а дел граѓани кои помогнаа во гаснењето на шумските пожари. Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. 

Повеќе:

-Фотографија на денот: И на хероите им треба оддишка

-Кој и како да ги гасне пожарите? Се троши на луксуз, се штеди на противпожарни возила

-Што ги предизвикува пожарите во С. Македонија: Топло време или човечки фактор?

Владата го задолжи Генералниот секретаријат, во консултации и соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи да обезбеди сместување и храна за лицата кои како странска помош доаѓаат да помогнат со санирање на пожарите. 

Северна Македонија доби помош за гаснење на пожарите од Србија, Словенија и Бугарија. Пожарникарите од Бугарија уште вчера веднаш се вклучија во битката со огнената стихија кај Пехчево. Помошта е значајна, особено ако се има предвид дека и Бугарија во моментов се соочува со големи пожари на повеќе места во земјата. Токму вчера, водејќи битка со голем пожар во општината Сандански, загинале две лица - едниот службеник на шумското стопанство од Петрич, а другиот општински советник од Кресна. И во двата града денеска е прогласен ден на жалост. 

Европска солидарност

Европската комисија вчера објави дека испратила авиони, хеликоптери и противпожарни екипи во Италија, Грција, Албанија и во Северна Македонија за да им помогнат во справувањето со пожарите.

Два противпожарни авиони од Франција се испратени во погодените области во Италија, противпожарна бригада и два авиона од Кипар се испратени во Грција, од Чешка и Холандија се испратени два хеликоптера за помош во Албанија, а Словенија испрати тим од 45 пожарникари во Северна Македонија. Помошта е испратена преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ, а Комисијата сноси најмалку 75 % од трошоците за транспорт, се наведува во соопштението.

„Работиме 24 часа на ден за да испратиме помош додека беснеат пожарите во Европа. Цивилната заштита на ЕУ осигурува дека нашите механизми за гаснење пожар се користат во потполност. Ова е одличен пример за солидарност на ЕУ кога ќе се појави потреба“, изјави еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич. 

Оваа недела ЕУ испрати три противпожарни авиони во Турција, која беше зафатена од најнголеми пожари во последната деценија, во кои загинаа осум луѓе, а предизвикаа и големи материјални штети. 

Сведоштва за пустошот по пожарот во Кочани

Кој подметнува? 

Штети има и во Македонија – најмногу на шумскиот фонд за кој ќе бидат потребни неколку децении за повторно да се обнови, опожарени се куќи, помошни простории, возила, стопански имоти... Владата го задолжи Генералниот секретаријат да обезбеди податоци за прифаќање на техничка помош и помош во работна сила за обновување на објектите кои претрпеле штети при пожарите, понудена од Швајцарската Конфедерација.

Истовремено се истражуваат и причините за пожарите - дали се предизвикани од невнимание, од други причини или се подметнати. Полициски службеници од Галате вчера лишиле од слобода 32- годишен државјанин од Албанија кој илегално престојувал во земјата, поради сомнение дека подметнал пожар над гостиварско Пожаране. Едно лице е осомничено и за пожарот во Старо Нагоричане. Како што соопшти МВР, завчера, благодарение на брзата интервенција на полициска патрола и на екипа на Бригадата за противпожарна заштита од Скопје бил спречен пожар од поголем размер пред селото Блаце кон Катланово. Во овој случај две лица се под сомнение за предизвикување на пожарот.