1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бутиџиџ - прв јавно деклариран хомосексуален министер во САД

ЖА / агенции
16 декември 2020

Од конкурент до член на владата на Џо Бајден - Пит Бутиџиџ, порано и самиот аспирант во борбата за Белата куќа, веројатно ќе преземе не толку престижен, но важен ресор.

https://p.dw.com/p/3mn3U
Pete Buttigieg
Фотографија: Martha Asencio Rhine/ZUMA Wire/imago images

Бутиџиџ се смета за надоаѓачка ѕвезда и талент во Демократската партија. Во кабинетот на Бајден веројатно ќе води не толку престижен, но важен ресор. Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден планира на 38-годишниот Пит Бутиџиџ да му го довери водењето на Министерството за сообраќај. Пит Бутиџиџ, исто како и Камала Харис, беше конкурент на Бајден во предизборите од редовите на Демократската партија, а по излегувањето од трката му даде поддршка на Бајден. Својата номинација ја оцени како „прекрасна можност" за создавање работни места, соочување со климатските предизвици и овозможување поголема праведност за сите. 

Без сјај, но министерство од голема важност

Доколку добие поддршка од Сенатот, Бутиџиџ ќе раководи со Министерството за сообраќај, кое нема толкав престиж како другите, но во идниот легислатурен период ќе добие на значење, со оглед на тоа што на инфраструктурата ѝ е неопходна голема инвестициска програма.

Бутиџиџ ја објави својата цел – САД до 2050 година да станат климатски неутрална земја, а неговото министерство притоа има една од клучните улоги. Тоа меѓу другото го регулира воздушниот и копнениот сообраќај, како и јавниот превоз, кои заедно создаваат највисока ставка во САД на емисиите на ЦО2, штетни по климата.

ТВ Си-Ен-Ен најави натамошни личности кои ќе соработуваат за реализирање на оваа цел: поранешната шефица на Службата за екологија ЕПА, Џина Меккарти ќе биде координатор за клима, за министерка за енергетика е предвидена Џенифер Гренхолм, поранешна гувернерка на сојузната држава Мичиген.

USA Pete Buttigieg küsst seinen Ehemann Chasten
Пит Бутиџиџ со својот сопруг ЧестенФотографија: Getty Images/S. Olson

Прв министер јавно деклариран како хомосексуалец

Бајден уште претходно најави составување на најразноликиот кабинет на сите времиња. Џенет Јелен е прва жена која би била на чело на  Министерствот за финансии, а Лојд Остин прв челник на Пентагон со црна боја на кожата. Пит Бутиџиџ исто така влегува во категоријата „прв... во историјата"- досега во САД немало јавно деклариран хомосексуален министер.

Од таа причина Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч номинацијата на Бутиџиџ ја нарече историска. Во кабинетот на Трамп исто така имаше еден јавно деклариран хомосексуалец – поранешниот амбасадор на САД во Германија, Ричард Гренел, , но за функцијата која ја извршуваше неколку месеци – директор на тајните служби, не беше потребна потврда од Сенатот.

Градоначалник и ветеран од Авганистан

Бутиџиџ досега нема никакво политичко искуство на сојузно ниво. До пред една година осум години бил градоначалник на Соут Бенд, град со 100.000 жители во Индијана, со прекин на мандатот во 2014 година поради седуммесечниот воен ангажман  во Авганистан. Бутиџиџ студирал на реномирани универзитети и покрај англискиот, зборува делумно течно уште седум други јазици: француски, шпански, италијански, малтешки, норвешки, дари и арапски. 

Пред преминот во политика бил советник во Меккинси.