1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220611 EU Kroatien Beitritt

23 јуни 2011

Хрватска, според се‘, ќе стане член на ЕУ на 1 јули 2013 година. Министрите за надворешни работи препорачаа шефовите на држави и влади, на самитот на ЕУ да ги прогласат за завршени преговорите со Хрватска.

https://p.dw.com/p/11hhQ
Фотографија: DW Fotomontage

Приклучувањето на Хрватска кон ЕУ во 2013 година е речиси готово. Германскиот државен секретар Вернер Хојер во Брисел изјави:

„Мислам дека се надминати најзначајните пречки. Поглавјата кои причинуваа големи проблеми, како конкурентноста или соработката во сферата на правосудството, се на добар пат.“

Вернер Хојер: Надминати се најзначајните пречки
Вернер Хојер: Надминати се најзначајните пречкиФотографија: DW

Во петок (24.06) шефовите на држави и влади на ЕУ треба да дадат согласност за планот за приклучување на Хрватска. Во втората половина на годинава договорот со Хрватска би требало да биде потпишан. Досега дилеми имаше пред се‘ Франција. Се стравува дека би можеле да попуштат напорите на Хрватска во борбата против организираниот криминал. Поради тоа, министрите за надворешни работи на ЕУ заклучија дека Европската комисија би требало да доставува извештаи за напредокот на Хрватска до моментот на приклучување. Доколку се јават сомневања, приклучувањето во ЕУ би можело да биде одложено.

Што ако некој не исполнува критериуми, а е веќе член на ЕУ?

Но, контролите веќе нема да се прават откако Хрватска ќе стане членка. Хојер вели дека за Хрватска не би смеело да има вонредни правила. И кај останатите земји на ЕУ, ЕК не врши постојани проверки околу тоа дали ги исполнуваат критериумите за приклучување. Сепак, Хојер тука гледа проблем:

Се стравува дека би можеле да попуштат напорите на Хрватска во борбата против организираниот криминал
Се стравува дека би можеле да попуштат напорите на Хрватска во борбата против организираниот криминалФотографија: AP GraphicsBank/DW

„Како да се однесуваме ако некоја земја пред приклучувањето перфектно ги исполнува условите, ги исполнува и во текот на ратификација на процесот и ден потоа, но одеднаш се јават сомнежи во врска со елементарни прашања?“

Како што на пример се случува со Унгарија. Владата во Будимпешта донесе контроверзен закон за медиуми. Некои експерти аргументираат дека тој не соодветствува на европските темелни вредности и дека овозможува цензура од страна на државата. Затоа Хојер сака да биде проверено кои можности и‘ стојат на располагање на ЕУ за спроведување на критериумите за приклучување и по приклучувањето кон ЕУ.

Автор: Кристоф Пресл / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски