1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По пожарите расте притисокот за одговорност

ДТЗ
3 август 2021

Пожарите коишто ја пустошат Северна Македонија ги извадија на површина сите слабости на системот за брза интервенција и спречувањето на катастрофалните последици од огнената стихија.

https://p.dw.com/p/3yUTY
Nord Mazedonien | Waldbrände Kocani
Фотографија: Arbnora Memeti

Земјата има ер трактори за гаснење пожари, ама исто како да ги нема. Во екот на летните горештини, тие веќе две години се приземјени во хангарите и чекаат сервисирање за да полетаат. Пожарникарите имаат возила, ама некои од нив дотраени и со работен век од 30-тина години. Често се оставени огнот да го гасат „со голи раце“, на тешки и непристапни предели, со застарени теренски возила и ограничени ресурси. Средства за обнова на пожарникарскиот возен парк тешко се обезбедуваат. И се чини, еден од најкомплексните проблеми коишто се појавуваат при секоја вонредна ситуација е тромавоста на институциите - често додека се издаде наредба и се координираат работите на терен, може да биде предоцна за да се спречи катастрофа. 

Nord Mazedonien | Waldbrände Kocani
Ден по огнените стихии во Кочани, Кумановско, Битола и  на уште десетина жаришта во земјата, се бараат одговори, но и одговорност.Фотографија: Arbnora Memeti

Проблемите кои со години назад се провлекуваат низ институциите влеваат страв и недоверба кај граѓаните. Ден по огнените стихии во Кочани, Кумановско, Битола и  на уште десетина жаришта во земјата, се бараат одговори, но и одговорност за пламените јазици коишто уништија домови, пеплосаа возила и добиток и нанесоа огромна штета на шумските површини и нивите. Кога е во прашање одговорноста, сите институции си ја префрлаат топката еден на друг. 

Кој е одговорен?

Дирекцијата за заштита и спасување синоќа се мобилизираше за гаснење на неколку пожари коишто беснеат во Северна Македонија и се закануват да се спуштат до населените места. Директорот Беким Максути за ДВ вчера изјави била неопходна брза реакција на институциите. И покрај административните и кадровските проблеми со кои се соочиле поради празникот, тој вели дека биле содадени тимови од повеќе градови да се упатат кон Кочани и да им помогнат на жителите во ноќната борба за спас на нивните домови. 

Сведоштва за пустошот по пожарот во Кочани

-повеќе на темата: Со два хеликоптери на АРМ и 50 тони вода се гасне пожарот кај Кочани

Но, зошто авионите за гаснење на пожарите не се никогаш функционални кога треба да се реагира? Ова е првото прашање коешто се наметна во јавноста по апелите на жителите на Кочани да се испрати воздушна поддршка за справување со огнот, кој ветерот брзо го ширеше кон градот. Здруженија повикуваат на одговорност од Максути, затоа што авионите за гасење пожари две години не биле одржувани во функционална состојба. Тој тврди дека во наскоро време ќе се реши проблемот со сервисирањето на авионите, по што едниот од нив веќе во октомври би можел да биде функционален.
На прашањето зошто се изгубило толку време за избор на некој од шесте оператори колку што се вкупно во Европа, за сервисирање на овие летала, Максути вели дека проблемот искрснал кога некои од нив повеќекратно ја зголемиле цената за услугата дури за 40%, па истата стигнала до околу милион евра за трите ер трактори.
Премиерот Зоран Заев синоќа најави дека и Владата ќе се ангажира за што поскоро да се реши проблемот. Дотогаш соседните земји најавија дека ќе испратат свои авиони, со цел да се помогне во справувањето со огнот. Изминативе денови, товарот од гаснењето на големите пламени јазици падна на припадниците на АРМ, пожарникарите и локалното население, а беа вклучени и три армиски хеликоптери во спасувањето на населените места. 

Ограничени ресурси

Но, активни пожари има многу, а армијата располага само со три хеликоптери за гаснење на пожари. Но, и тие се ограничени во своето делување. Пожарите можат да ги гаснат до зајдисонце. Подоцна поради намалената видливост, се издава наредба за нивно приземјување. 
„На температури повисоки од 37 целзиусови степени не е безбедно летањето на хеликоптер. Едноставно ги загрозуваме животите на посадата. Дали за задоволување на нечии болни амбиции треба да ги ризикуваме животите на нашите пилоти. Нека изгори се, нека бидат живи и здрави луѓето. Вчера никој не загина и никој не беше повреден и тоа е нашиот курс. Дрвјата повторно ќе пораснат“, порача денеска првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

-повеќе на темата: Пожарите под контрола: Републиката во(н) пламен

Пожарот во Кочани најверојатно избувнал поради спој меѓу жици на далноводи и се ширел бавно, но силниот ветер брзо го раширил. Тој признава дека државата има ограничени ресурси за справување со волку големи пожари.
Граѓаните посочија со прст кон Ангелов и  побараа одговорност и оставка од него. Директорот на ЦУК, пак, рече дека ќе побара извинување од сите новинари поради „нападите што ги трпел во текот на вчерашниот ден поради пожарите“. 
„Прво да ги изгасиме пожарите. Републиката е во пламен. Прво да ги локализираме, и нека се олади се, па ќе направиме анализа. Јас мислам дека е најважно што спасивме човечки животи. Ако има одговорност кај мене, јас ќе си дадам оставка и ќе си одам од земјава. Ама ако нема, тогаш барам извинување од сите кои ме напаѓаа во последните денови дека ЦУК ништо не превземал“, рече Ангелов.

Обвинувања

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски бара одговорност од власта поради пожарите кои избувнаа на повеќе локации во земјава. Од СДСМ, пак, со став дека системот функционира, сите надлежни институции, на централно и локално ниво се активни за справување со пожарите, граѓаните се солидарни, медиумите одговорно информираат, соседите, сојузниците нудат помош. „Само и само ВМРО-ДПМНЕ седи на страна, шири невистини, напразно и неосновано критикува“, велат од владеачката СДСМ. 

-повеќе на темата: Прогласена мобилизација, тимови од повеќе градови се вклучуваат за гаснење на пожарите

Премиерот Зоран Заев за „Фокус“ тврди дека надлежните органи биле на висина на задачата и нема причина да се бара некаква одговорност. „Сите институции навремено реагираа и нема човечки жртви, а се спасени и материјални добра на граѓаните. Системот функционира и солидарноста на општините и на другите институции беше видлива на дело. Нема од кој да барам одговорност и нема зошто. Напротив, дадов налог да се наградат сите пожарникари кои вчера работеа цел ден, цела ноќ до денеска сабајле, а голем дел продолжија да работат и денеска“, вели Заев.

Недостиг на пожарникари и стари возила

Недостигот на пожарникари и старите и дотраени возила се стара болка со која се соочуваат борците со огнените стихии. Центарот за граѓански комуникации (ЦГК)  лани објави дека на 30-те територијални противпожарни единици во земјата им недостигаат 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од 30 единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест единици имаат колку минимумот.

Nord Mazedonien | Waldbrände Kocani
Пламените јазици уништија домови, пеплосаа возила и добиток и нанесоа огромна штета на шумските површини и нивите. Кога е во прашање одговорноста, сите институции си ја префрлаат топката еден на друг. Фотографија: Arbnora Memeti

Кочани е меѓу градовите со најголем недостиг на пожарникари. Просекот на земјата е 0,64 пожарникари на илјада и петстотини жители. Најлошо од овој аспект стојат Гостивар (0,32), Куманово и Скопје (0,49), Кочани и Тетово (0,51) и Битола (0,52). Истражувањето покажа и дека во земјата има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години. „Градоначалниците да одлучат што им е приоритетно, дали скапи возила или пожарникарски возила“, порачуваат од Центарот за граѓански комуникации во анализа за медиумите.