ЕУ ја запиша Македонија, Иванов ја отпиша
3 април 2017Разочарување и огромна загриженост за стабилноста и неизвесната иднина на Македонија. Вакви се првичните реакции на стручната јавност по последното одбивање на претседателот Ѓорге Иванов да ги деблокира демократските процеси во земјата. Едночасовната тет-а-тет средба на Иванов со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во Скопје, заврши со пораки кои значат едно: Македонија влегува во ризична и неизвесна фаза, во која најизвесни ќе бидат поледиците и санкциите.
„Господинот Туск многу кажа со малку зборови“, вели амбасадорот Ѓорги Филипов.
„Тој отворено најави дека натамошната поддршка од ЕУ ќе зависи од тоа како Македонија ќе ја менаџира оваа политичка криза. Советот беше јасно срочен: кога претседателот ќе најде разумно и демократско решение, Македонија ќе може да смета на натамошна поддршка од Унијата. Со други зборови, тоа значи дека ова решение ниту е демократско, ниту пристојно, ниту засновано на здрав разум“, вели Филипов.
Според негова оценка, иако изјавата не наликува на закана, таа фактички е „последно предупредување пред донесување на вистински мерки со кои ЕУ ќе го искаже своето несогласување и на реален, а не само на вербален начин“.
Притоа потенцира дека процедурата за одредени целни санкции е временски инертна и не е едноставна.
„Претпоставувам дека тоа ќе оди постепено. Но опасно е кога ќе се влезе во процедура за санкции, бидејќи тешко се влегува, но уште потешко се излегува од нив, односно тешко се сопираат тие мерки. Но по ова, на ЕУ не ѝ останува ништо друго“, констатира Филипов.
Тој забележува и дека јавноста од Туск слушна дека тој одговорил на писмото кое Иванов на 7 март го испрати до претседателот на Европскиот совет, (исто како и до Генералниот секретар на НАТО, г. Јенс Столтенберг и претседателите на двата стратегиски партнери на Македонија - САД и Турција), во кое даде свое образложение на актуелната состојба во Република Македонија.
И додека содржината на писмото што Иванов го прати до нив беше јавно објавено, досега немаше информација дека од некого добил одговор.
Економијата ќе страда
Таа нетранспарентност засега е помалиот проблем. Поголемиот е ризикот во кој се впушта Македонија со одбивањето на претседателот да го почитува Уставот и да ги прифати домократските стандарди на ЕУ.
„Интонацијата во гласот на Туск зборува за многу нешта“, вели амбасадорот Виктор Габер.
„Таа куса и директна изјава го одразува неговото нездоволство од разговорот со Иванов. Кратките изјави се најречити. Нема заобиколување, нема оставање простор за идни компромисни солуции. Особено ме фраприра спомнувањето на зборот 'пристојност', бидејќи сметам дека тоа е опомена за начинот на кој несоодветно се води политиката во Македонија и дека таа е во спротивност со европските вредносни критериуми. Таква пристојност е потребна меѓу два партнера кога се договараат за заеднички цели“, вели Габер.
Тој потсетува дека Македонија има партнерски однос со ЕУ преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација, преку визната либерализација и кандидатскиот статус.
„За жал, сега во прашање е доведена препораката за почнување на преговори. Таа ќе исчезне од нивниот речник (на ЕУ-н.з) во наредниве месеци“, прогнозира Габер.
Ставот на Иванов, според Габер, ќе се одрази на економските односи, ќе предизвика пад на инвестициите, зголемување на каматите и најава на санкции.
„Во прашање ќе биде доведена реализацијата на Договорот од Пржино, што по сите упорни настојувања од Брисел за негово спроведување, ќе се сфати како навреда и неуспех на ЕУ“, вели Габер.
СДСМ: Иванов е закана за РМ!
Според политички аналитичари, дефинитивно е јасно дека преку одлуката на Иванов власта има јасна намера да „се збогува“ со ЕУ, бидејќи само на тој начин нејзината врхушка ќе избегне правна одговорност за индициите за криминал.
Со реакција се јави и СДСМ, потенцирајќи дека Иванов не смее повеќе да штити криминалци и мора да овозможи мирен трансфер на власта!
„Со ваквото негово однесување, Иванов претставува директна закана за државните интереси на Република Македонија! Европа и светот гледаат дека однесувањето лично на Ѓорге Иванов не се заснова на демократски начела, пристојност и здрав разум! Затоа е таква и последната порака од лидерите и институциите на ЕУ, што во Македонија ја пренесе претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Интеграциите во Европската унија и НАТО се стратешки определби на граѓаните и на Република Македонија. За заедништво се изјаснија над 700.000 граѓани на Македонија, чии гласови се преточени во 67 пратенички мандати. Ќе се формира новата реформска Влада на граѓаните на Република Македонија!“, повторува СДСМ во соопштението, но досега не е најдена формулата како да се направи тоа.
Туск дојде во Скопје две недели по посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, кој не се сретна со Иванов и не успеа лично да му ги пренесе пораките да се почитува парламентарното мнозинство и да не се поттикнуваат меѓуетнички тензии. За две години ова е трета посета на Туск на Македонија. На последната средба во март 2016 година, тој и Иванов разговараа за постигнување заедничко европско решение за бегалската и мигрантската криза. Македонија е единствената земја од балканската турнеја на претседателот на Европскиот совет, која не е членка на ЕУ. Туск од Скопје заминува во Бугарија, а турнејата задутре ќе ја заврши во Грција.
Дестинацијата кон која се стреми Македонија - останува непозната.