Просторот пред Белата куќа доби име „Black Lives Matter“
5 јуни 2020Градоначалничката на главниот град на САД, Мјуриел Баузер, именувањето на просторот пред Белата куќа во Вашингтон го објави на Твитер. На видеото кое го објавува Баузер се гледа како вработен во градот на досега безимената раскрсница, каде се среќаваат 16. улица и Х-улицата, става табла на која е напишано „Black Lives Matter“ (Животот на црнците е важен). Освен тоа, на 16. улица истото е напишано со огромни жолти букви.
Владата на Доналд Трамп во понеделникот вечерта даде наредба за празнење на тој дел од градот од демонстранти. Истовремено, Трамп пред Белата куќа држеше говор во кој се закани со активирање на армијата поради протестите ширум земјата по смртта на Џорџ Флојд. Непосредно потоа Трамп со придружба замина во црква на раскрсницата и таму со Библија в рака позираше пред камерите.
Шефот на кабинетот на Баузер, Џон Фалчикио, на Твитер напиша: „Неделава имаше спор околу тоа чија е оваа улица. Градоначалничката Баузер сакаше да стави јасно до знаење дека е ова улица на градот Вашингтон.“ Освен тоа, според Фалчикио, градоначалничката сакала да „им оддаде чест на демонстрантите кои во понеделникот протестираа мирно“.
Градоначалничката на Вашингтон, Баузер, денеска од американскиот претседател Трамп побара и повлекување на војската и останатите безбедносни сили на неговата влада од улиците на главниот град. Во писмо до Трамп таа вели дека ја укинала вонредната состојба воведена поради протестите по смртта на Флојд. Протестите во Вашингтон во меѓувреме минаа мирно. Баузер, како што нагласува, е загрижена дека сојузните безбедносни сили на улиците на Вашингтон претставуваат ризик и дека поради тоа би можело да избувнат нови протести.