По Соборот: СПЦ нема храброст
3 јуни 2013Кога пред десетина дена Соборот на Српската православна црква (СПЦ) почна со заседавањето, јавноста сметаше дека клучните прашања ќе бидат разрешени. Меѓутоа, тоа не се случи, а за возврат јавноста е информирана за промените кои и претходно беа познати. Верскиот аналитичар Марко Ѓорѓевиќ вели дека на вистински начин не е ниту разгледуван „случајот Качавенда“, но ниту случаите на епископите Филарет и Пахомие, кои како што вели експертот, од темел ја потресоа СПЦ.
„Така што добивме некои противречни информации, но по посреден пат. Во тие информации се споменува дека имаше бурни расправи околу ’некои владици’. Но, има толку многу од тие проблеми, а немаме јасни соопштенија“, оценува Ѓорѓевиќ.
Без санкции за Качавенда
Владиката Василие Качавенда само е пензиониран, а владиката Бачки Иринеј, кој претседаваше со Синодот на СПЦ, само соопшти дека се усвојува неговата оставка, без какво било понатамошно објаснување.
„Соборот имено ја потврди одлуката на Светиот архиерејски синод, со која неговото преосвештенство Зворничко-тузлански епископ, господин Василие, конечно и трајно е разрешен од должноста за управување со Епархијата зворничко-тузланска“, изјави владиката бачки, Иринеј.
Статусот на Качавенда натаму ќе се решава внатре во црквата и тоа е се’ што во овој момент е познато. На негово место е именуван Бачко-петровачкиот владика Хризостом. Соборот едногласно го разреши и епископот средноевропски Константин, а неговите обврски ќе ги преземе лично патријархот Иринеј, што е т.н. „ставропигијален систем“. Ѓорѓевиќ вели дека е недопустливо што Соборот не разгледуваше горливи прашања кои ја тресат црквата, но и дека тоа, како што вели, е одраз на нејзината моментална состојба.
„Тоа ни зборува дека СПЦ, епископатот во сегашниот состав, нема храброст да се соочи со проблемите и ги турка под тепих. А, би било време. И, тоа е лош знак. Единствената новина е тоа што оној ригиден однос на СПЦ кон бриселскиот договор можеби би бил ублажен. Останатото се неважни подробности“, смета верскиот аналитичар Ѓорѓевиќ.
Јакнење на врската меѓу црквата и државата
Црквата не се занимаваше со своите проблеми, но затоа настојува да ги зајакне врските со државниот врв на Србија, бидејќи, според аналитичарите, таа врска значајно попушти по протестите во Белград против Бриселскиот договор, кој е постигнат за Косово меѓу Белград и Приштина. На него се слушнаа повици за линч на државните функционери од страна на некои црковни великодостојници. Во прилог кон тоа оди и посетата на вицепремиерот на Србија Александар Вучиќ на Соборот, по што владиката бачки Иринеј изрази задоволство што детали од договорот се соопштени на Соборот.
„Никој не изговараше некакви суперлативи за Бриселскиот договор, но ни е помогнато да го сфатиме и амбиентот и реалните димензии на она што со тој договор го обезбедуваме за иднината“, рече епископот бачки, Иринеј.
Тука лежи потврдата на верските експерти дека црквата би можела по Соборот благо да ги ублажи ставовите кога станува збор за Бриселскиот договор. Александар Вучиќ по посетата на Соборот рече дека власта може да смета на поддршката на црквата.