Лондон протера руски дипломати
14 март 2018Велика Британија поради нападот со нервен гас врз поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал протерува 23 руски дипломати. Ова го најави премиерката Тереза Меј во Долниот дом на парламентот во Лондон. Дипломатите имаат време од една седмица да ја напуштат земјата.
Според Меј, Русија е одговорна за обидот за убиство на Сергеј Скрипал. „Тоа претставува противзаконска употреба на насилство против Обединетото Кралство од страна на руската држава“, истакна британската премиерка. Таа најави дека сета руска државна сопственост во Велика Британија ќе биде замрзната, ако има докази за тоа, дека била употребена во заканата по животот и сопственоста на граѓани во Велика Британија.
Покрај тоа Лондон ги запре билатералните контакти „на високо ниво“ со Русија. од оваа причина беше повлечена и поканата за посета на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Лондон.
Претставници на британската влада и членови на кралското семејство нема да патуваат на Светското првенство во фудбал на лето во Русија.
Руската амбасада во Лондон веднаш реагираше со порака дека одговорноста за влошувањето на британско-руските односи, ја сноси актуелното раководство на Велика Британија.
Претходно Русија остави да истече британскиот ултиматум до неа за разјаснување на обидот за атентат. Москва остро ги отфрли обвинувањата против неа дека е вмешана во инцидентот и се закани со последици.
Повеќе:
-Кремљ се брани од „циркусот“ со труењето
-Агенти и одмазда: смениш ли страна, те чека отров
-Поранешен руски шпион веројатно отруен во Англија
Имено британската премиерка Меј услови дека Москва мора до денеска да се изјасни за потеклото на нервниот гас Новичок употребен при обидот за атентат. Оваа супстанција била некогаш развивана во Советскиот сојуз и припаѓа кон најопасните бојни отрови.
„Русија не дозволува да ѝ се обраќаат со јазик на ултиматуми“, порача претпладнето портпаролот на Кремљ Дмитри Песков. Тој додаде дека на Лондон по дипломатски канали му било соопштено дека Русија нема врска со нападот.
Скрипал и неговата ќерка на 4 март беа пронајдени онесвестени на една клупа во градот Солсбери во јужна Англија и сѐ уште се борат за живот во една клиника во градот.