1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на популистите во Италија

Бернд Ригерт
5 март 2018

На парламентарните избори во Италија победи деснонационалниот политички табор, но најсилна партија поединечно е левопопулистичкото Движење 5 ѕвезди. Двете страни меѓутоа немаат доволно гласови за самостојно владеење.

https://p.dw.com/p/2thMp
Italien Wahl 2018
Фотографија: picture alliance/ZUMAPRESS/S. Guidi

Врвниот кандидат на Движењето 5 ѕвезди, Луиџи ди Мајо, пред изборите предвиде дека ноќта по изборите ќе донесе „хаос“ во Италија. Предвидувањето му излезе точно. Весникот „Ла Стампа“ денеска изутрина излезе со наслов. „Ди Мајо победи - со Италија не може да се владее!“ Движењето 5 ѕвезди, по пребројани две третини од гласачките ливчиња, освои околу 31% од гласовите за парламентот и 33% од гласовите за сенатот. Тоа е повеќе од очекуваното, но не е доволно за да се состави влада. Анти-естаблишмент партијата досега категорично отфрлаше можност за коалицирање. „Среќни сме поради овој одличен резултат, но сега нема да кажеме воопшто ништо за можни коалиции“, објасни портпаролот на Ди Мајо ноќеска во Рим.

Italien Wahl 2018 | Kombibild Luigi Di Maio und Matteo Salvini
Луиџи ди Мајо и Матео Салвини

Најголем број гласови за себе врза деснопопулистичката листа. Деснорадикалната „Лега“, популистичката „Форца“ на Силиво Берлускони и две неофашистички фракционерски групи заедно освоија 36%. Но, и тоа не е доволно за составување влада. Способна за коалицирање од оваа десничарска мешавина би била во најдобар случај нешто поумерената „Форца“, смета политикологот Џанлука Комин од универзитетот ЛУИСС во Рим.

Повеќе:  Италија на пат кон „пат-ситуација“

Берлускони, кој во кампањата се однесуваше како човек кој ќе одлучува за тронот, може да си претстави коалиција со ослабнатите социјалдемократи. Но, дури и ваква коалиција, според прогнозите, не би имала мнозинство за влада. Аналитичарите уште во текот на ноќта ваквата коалиција ја нарекоа „Дракула“-коалиција, поради тоа што, како што велат, двата „партнера“ ќе се исцицаат меѓусебно. Социјалдемократите паднаа на под 20% гласови и немаат шанса за самостојно формирање влада. Портпарол во Рим најави дека партијата во секој случај ќе оди во опозиција.

Italien Wahl 2018 | Rechtes Parteienbündnis laut Prognosen vorn | Berlusconi
Силвио Берлускони се однесуваше како човек кој ќе одлучи за тронотФотографија: Getty Images/P. Marco Tacca

Да триумфира може ксенофобичниот лидер на „Лега“, Матео Салвини, кој настапуваше со мотото позјамено од американскиот претседател Трамп - „Италија на прво место“. Тој стигна до неверојатни 16% гласови. Со тоа ја надмина партијата на Берлускони, која сега мора да стравува за својата лидерска позиција во десничарската група. Салвини се гледа себеси како нов премиер, но со него не сака да коалицира никој од другите политички табори. Во текот на ноќта Салвини на Твитер напиша еден единствен збор: „Благодарам!“ Портпарол на Салвини изјави дека ќе се случи „револуција на разумот“. Европа ќе мора да се навикне на тоа дека италијанскиот народ повторно има силен глас, рече тој: „Во Европа не станува збор само за бројки и штедење.“ „Лега“ доби честитки од француската десна популистка Марин Ле Пен. Таа на Твитер напиша дека ЕУ преживува многу лоша ноќ. Тоа што околу 60% од Италијанците гласаа за популистички, националистички, ЕУ-скептични партии, во Брисел нема да предизвика радост.

Italien Wahlkampf Lega Nord - Matteo Salvini, Parteivorsitzender
Матео Салвини напиша еден збор: „Благодарам!“Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Ansa/A. di Marco

Коментаторите во италијанските медиуми се главно согласни дека по победата на популистите е можно само едно прагматично решение. По пропаднатите коалициони преговори, доколку до тоа воопшто дојде, италијанскиот претседател Серџо Матарела би можел да состави преодна технократска влада. Таа влада би имала време од една година да подготви нови избори. Италија досега повеќепати имала технократска влада - последен пат на врвот на финансиската криза од 2011 до 2013 година.

Дел од експертите, како политикологот Џанлука Комин, пак сметаат дека кандидатот на „5 ѕвезди“, Ди Мајо, сепак има некакви шанси да стане премиер. „Тој има релативно умерени ставови и во кампањата се однесуваше државнички. Тоа би можело да помогне“, нагласува Комин.

Некогашниот носител на надеж на социјалдемократите, поранешниот премиер Матео Ренци, вечерта по изборите не можеше да се види никаде. Тој ги доведе социјалдемократите - кои пред изборите имаа персонални кавги - до резултат од под 20% гласови. Сопартијците го обвинуваат Ренци дека се однесувал арогантно.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија