1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Побрзо Нобелов лауреат отколку нов мандат?

ФАЦ
2 јануари 2019

2019 го Грција е изборна година, а актуелниот премиер нема многу да понуди, се вели во анализата на ФАЦ за шансите на Алексис Ципрас да остане на функцијата и клучната улога на Преспанскиот договор во изборната година.

https://p.dw.com/p/3Au3E
Alexis Tsipras
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Giannakouris

Ципрас, Нобелов лауреат?- насловена е анализата на германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЦ) посветена на грчкиот премиер Алексис Ципрас и бурната година, која му претстои на домашната политичка сцена. Авторот и одличен познавач на состојбите на Балканот, Михаел Мартенс, на почетокот истакнува дека пред четири години никој не можел навистина да смета дека Алексис Ципрас ќе биде грчки премиер со далеку најдолг мандат во кризните години:

„Во јануари 2015 година, кога Ципрас победи на првите парламентарни избори, многумина му предвидоа само краток мандат. Почетните збркани месеци на првиот владин кабинет на Ципрас се чинеше ги потврдуваа таквите предвидувања [...] Но и покрај сѐ, тој со својата Сириза успеа да победи и на предвремените избори во септември 2015 година, кои се одржаа по таканаречениот 'Грегзит-референдум', на кој Грците се изјаснија за останување во еврозоната“.

Во анализата се потсетува дека Ципрас повеќепати во изминатите месеци потенцирал оти сака да го исполни својот мандат до последниот ден и дури наесен да се кандидира за реизбор на редовните парламентарни избори. Доколку може да ги оствари своите најави, тој дури ќе стане и првиот грчки премиер по цели две децении кој успеал да „истера“ цел мандат, истакнува авторот, но веднаш упатува на фактот дека слабата позиција на Сириза во анкетите во моментов и растечкиот притисок од страна на водечката опозициска партија „Нова Демократија“ и нејзиниот лидер Кирјакос Мицотакис говорат за тоа дека предвремени избори во мај се поверојатни:

„Во моментов, навистина се чини дека на Ципрас му е потребно мало чудо за повторно да биде избран за премиер. Не е ни сигурно дека ќе ја изгуби власта уште пред истекот на неговиот мандат. Најважната причина за тоа е храбриот обид, кој тој самиот го презема: помирување со соседната држава Македонија, кое можеби уште во февруари може да доведе до надминување нервирачкиот 'спор за името' [...] Ако успее ризичниот обид Ципрас и неговиот македонски колега, Зоран Заев, дури би можеле да ја освојат Нобеловата награда за мир. Како и да е, двајцата се номинирани. Медиумите во Македонија и во Грција неодамна објавија дека Видед Бушамауи од Тунис, добитничка на Нобеловата награда за мир од 2015 година, го искористила своето право да дава предлози. Ако номинацијата биде успешна, тоа исто така ќе биде уште еден доказ за непредвидливоста на политиката: Ципрас настапи на политичката сцена за да ја ослободи Европа од 'Меркелизмот' и за време на предизборната кампања речиси нескриено ја претставуваше Ангела Меркел во традицијата на националсоцијалистите - само за да на крајот да заврши додуша без олеснување на долгот за Грција, но со Нобеловата награда за мир и како близок политички сопатник на германската канцеларка“, читаме во анализата на ФАЦ, во која се истакнува и дека на внатрешнополитички план сето ова не менува ништо во тоа дека Ципрас можеби наскоро ќе мора во описот на својата функција да наведе „в.д. мини-премиер“, затоа што договорот со Македонија се заканува да го растури неговиот владин кабинет.

„Министерот за одбрана, Панос Каменос, од десничарско-популистичка партија 'Независни Грци' (Анел), коалицискиот партнер Сириза, го отфрла договорот со поранешната република во Југославија. Тој  со недели се заканува дека ако ратификацијата на договорот дојде на дневен ред во атинскиот парламент, тој ќе се откаже од неговото министерско место и Анел ќе ја напушти владата. Калкуацијата зад сето ова е очигледна. Во анкетите, Анел повеќе од една година е далеку под трипроцентниот цензус за влез во грчкиот парламент. За Каменос во националистичката мобилизација преку отфрлање на наводното 'предавство на грчките интереси' од страна на Ципрас се крие последната шанса неговата партија да ја пренесе преку цензусот. Компромисот со Македонија, имено, е исклучително неомилен во Грција. Отпорот против него носи избирачки гласови“, читаме во анализата, во која уште се истакнува: „Иако Ципрас за ратификација на договорот може еднократно да се надева на некои гласови од либералната опозиција, сепак без Анел тој ќе го загуби владиното мнозинство. А дали ќе има и доволно гласови од опозицијата за ратификација на договорот, исто така е неизвесно. Единствено нешто што е извесно е дека помирувањето со Македонија со очекуваните односи на силите во наредниот грчки парламент нема да има никаква шанса“, читаме во анализата на ФАЦ, потсетувајќи на постојаните укажувања на Кријакос Мицотакис дека Нова Демократија никогаш нема да го ратификува Договорот од Преспа.