Подивеа ли Бугарите?
2 јуни 2022Можеби секој народ има способност од време на време да подиви. Да излезе надвор од рамките на цивилизираното однесување и да се претвори во свирепа глутница. Тоа, знаеме, им се случи на Германците во периодот 1933-45 година, а во моментов, рускиот народ е во оваа ситуација. Што се случува со бугарскиот?
Разлика меѓу цивилизирано и дивјачко однесување
Цивилизирано однесување е однесувањето кое се заснова на почитување и дисциплинираност, со следење на кодекс на однесување кој не дозволува силните да ги малтретираат слабите, туку напротив – очекува силниот да ги заштити слабите. Различните не се доживуваат како опасност за групата, туку како можност за збогатување на искуството на поединците.
Цивилизацијата создава услови за обичните луѓе да живеат добар, уреден и удобен живот, бидејќи се сигурни дека утре нема да има насилник (или владина агенција) да им земе сѐ. Цивилизираното однесување е вештачко. Тоа не постои во природата, туку е предизвикано од свесните напори на човечкиот разум.
Дивото однесување е она кое не е родено од напорите на човечкиот ум. Тоа е дел од природата. Во рамките на дивото однесување силните ги вознемируваат слабите, „другите“ се доживуваат како непријатели на групата, секоја разлика се доживува како опасност или израз на слабост и се казнува. Насилството се подига во основен принцип на општествениот поредок и силните имаат безусловно право да земат што сакаат од слабите, кои пак не гледаат смисла да си го средуваат животот, кој неминовно еден ден ќе го уништи бандит или државен функционер.
Подивеа ли Бугарите?
Накусо, цивилизацијата е арена на пристојност. Дивината е арена спротивна на пристојноста. Погледнете го Филип Димитров (бивш бугарски премиер, н.з.) и ќе видите пристоен човек, претставник на цивилизацијата. Погледнете го Костадин Костадинов (лидер на националистичката „Преродба“) и ќе го видите спротивното на пристоен човек, претставник на дивјаштвото. Првиот, додека беше премиер, сакаше да ја постигне онаа „максимална удобност за масите“ што Черчил ја опишува како срцето на цивилизацијата. Вториот политичар, кој е активен денес, сака да брка и да ги затвора во логори сите што се разликуваат од него.
Бугаринот на прв поглед се чини дека подивува. Украинските бегалци од војната бегаат назад, избркани од дивјаците на бугарското крајбрежје на Црното Море и од државните власти кои не можеа да им обезбедат цивилизирани услови за живот на жртвите на Путиновите орди. Очигледно е дека расте поддршката за партијата на гореспоменатиот Костадинов чија идеологија е омраза и насилство. Како што мнозинството Бугари, кои поттикнати од срамното вето на ГЕРБ-ВМРО против Северна Македонија, декларираат омраза кон своите македонски роднини.
И претходно имаше знаци на такво бугарско дивјаштво. Во втората половина на 1980-те, повеќето Бугари беа измамени од пропагандата на БКП и се обидоа да ги мразат бугарските Турци. На почетокот на 1990-те, имаше периоди кога се чинеше многу реално бугарското општество да влезе во „југословенскиот режим“ на меѓуетничко истребување. По повод озлогласената „Истанбулска конвенција“, се чинеше дека Бугарите се на работ да ги обесат на дрвја сите оние што им се чинеше дека имаат „нетрадиционална“ сексуална ориентација. Но, тогаш, кога се крена чадот, испадна дека Бугарите ниту ги мразат Турците, ниту биле подготвени да ги истребат, ниту навистина сакале да ги обесат „нетрадиционалните“.
Декларативно – дивјак, а всушност – пристоен
Се чини дека бугарскиот народ е див и варварски само на декларативно ниво. Ова има свое објаснување. Научен со генерации дека ништо не зависи од неговите напори, бугарскиот народ е „свиткан“ и со особено ниска самодоверба. Ова му создава празнина во душата, која ја пополнува со пораки дека е тиранин и дека ги сака тираните – како Путин, Хитлер или Пиноче. Така, мисли свитканиот Бугарин, кој ќе биде забележан и препознаен како „некој“, колку и да нема видливи достигнувања.
-повеќе од авторот: Слави Трифонов- повеќе од „истото“ или нешто „друго“?
Под декларативното дивјаштво, сепак, лежи еден пристоен, иако мал, народ. Тоа е видливо дури и во неговиот начин на живот, во споредба со, на пример, рускиот. Погледнете ги руските села и помалите градови. Тие се свињарници. Ништо не е средено, ништо не се инвестира од проста причина што со дивјаштвото таму во секој момент може да дојде газда и да ти земе се. И да те стави во затвор. Зошто да вложувате труд во уредувањето на вашиот обичен живот?
Бугарското битие не е такво. Не толку уреден како германскиот, да речеме, но бугарскиот начин на живот е светлосни години поцивилизиран од рускиот и така ја открива суштината на бугарската свест . Разговарајте со овие луѓе и ќе откриете дека тие ги споделуваат вредностите на дивјаштвото во крчмата. Дома си е кроток, пристоен, па дури и полн со почит. Ова е видливо и во големата студија за европски вредности- European Values Study- која се спроведува во ЕУ на секои 10 години од 1990 година наваму. Тоа покажува дека Бугаринот, иако помалку цивилизиран од Холанѓаните или Французите, на пример, генерално се вклопува во општата европска слика. Според некои показатели, Бугарите, како и Унгарците изгледаат многу подиви од европскиот просек. Но, Бугарите не дозволија Бојко Борисов да стане дивјак како Орбан.
Во Бугарија изворот на дисциплина доаѓа главно однадвор
Бугарскиот народ се чини дека се плаши да ја сподели својата основна пристојност поради ниската самодоверба. Некако не изгледа многу херојско да се биде само пристојна личност. Похеројски е да се слават Путин, Хитлер или Пиноче и да викаш дека Македонија е бугарска. Од оваа ситуација произлегува дека нешто мора да се направи со самодовербата на Бугарите, која треба да го делегитимира дивјачкото однесување и да ја легитимира пристојноста како основна вредност.
-повеќе од авторот: Бугарско-македонски спор: Што им е на овие луѓе?
Тука ни помага големото истражување на холандскиот социолог Херт Хофстеде. Во последните децении на 20 век тој го истражувал прашањето за самодисциплина, што е главна карактеристика на цивилизацијата: колку е човекот посамодисциплиниран, толку е поцивилизиран. Хофстед открива дека во различни европски нации, центарот на дисциплината („центарот на контрола“) е на различни места. Кај северните и западните народи, тој е во самите поединци, т.е. дисциплината доаѓа одвнатре. Кај источните и јужните народи, тој центар на контрола е претежно надворешен: дисциплината во однесувањето е наметната однадвор – од традицијата, семејството, религијата, општеството, државата. Бугарите, како јужен и источен народ, имаат главно надворешен извор на дисциплина.
Владетелите мора да го убедат народот дека е подобро да се биде цивилизиран
Оваа ситуација отвора огромен простор за лидерство. Бојко Борисов ја легитимираше дивата компонента во бугарската свест и донекаде бугарското општество подиве. Веројатно дошол до заклучок дека не е којзнае колку важно да се биде цивилизиран човек. Денешните владетели се пристојни луѓе, социјализирани во цивилизирани земји каде центарот на контрола е внатрешен. Ако имаат доволно лидерство над збунетиот бугарски народ, на овој народ нема да му биде тешко да се убеди дека е подобро да се биде цивилизиран отколку да подиве. Тоа нема да биде тешко, бидејќи иако збунет и дезориентиран, бугарскиот народ, за разлика од Русите, успеа да остане во основа пристоен.