Пожарите- закана за антички локалитети во Грција
5 август 2021Грчките пожарникари денеска продолжија да се борат со пожарите во Олимпија, на полуостровот Пелопонез, и на островот Евија. Преземени се значителни мерки во Олимпија за да се заштити овој антички локалитет и археолошки музеј.
Откако се запалија 20-тина куќи, „пожарот сега се движи кон областа Лала“, планинско шумско подрачје североисточно од Олимпија, изјави утринава локален претставник за грчката агенција АНА.
Олимпија, која е обично полна со туристи во овој период од годината, и шест места во близината се евакуирани вчера.
Повеќе:
-Грција, Турција, Италија– пожари и топлотен бран од историски размери
-Југоисточна Европа соочена со еден од најтешките топлотни бранови во последните децении
-Фотографија на денот: Пожарите кај Атина зафатија и куќи
Пожарот од утрово го гасат над 170 пожарникари, со помош на 50-тина возила, хеликоптери и авиони.
На островот Евија, околу 200 километри источно од Атина, во вторникот изби голем шумски пожар кој уништи стотина куќи и над 25.000 хектари борова шума.
Крајбрежната стража евакуираше околу 90 лица од северозападниот дел од островот, а агенцијата АНА соопшти дека утрово се евакуирани жителите на уште две села на Евија.
Невообичаено жестоките и бројни шумски пожари во Грција, Турција, С.Македонија, но и во други земји во јужна и југоисточна Европа, според експертите, се последица на климатската криза и глобалното затоплување, кои го зголемуваат и бројот и интензитетот на топлотните бранови и шумските пожари.