Политички кловн или нова политичка надеж?
28 февруари 2013Бепе Грило е еден вид татко за многу негови приврзеници. На плоштадите ширум земјата тој изнесува гнев, презир против политичкиот естаблишмент на Италија, кој го споделуваат многумина Италијанци, по политичките скандали во последните години. Тој исто така успешно го користи интернетот за директна и нефилтирирана комуникација со избирачите.
Грило, кој во Италија е познат како актер и сатиричар, подоцна се вклучи во активната политика. Во 2009 година денес 65-годишниот Грило ја формираше неговата партија, Движење 5-ѕвезди (Movimento 5 Stelle). Уште во 2007 година година повика на „Vaffa-day“ и десетици илјади луѓе ширум земјата ги изведе на улиците на протести против владејачките политичари во Италија. Тој го води еден од најуспешните политички блогови во Италија, а речиси еден милион луѓе го следат на Твитер.
Трета по јачина политичка сила
Движењето 5-ѕвезди на парламенарните избори прерасна во трета политичка сила во земјата. Формирање на влада без најмалку таа да биде толерирана од Движењето на Грило, се чини невозможно, бидејќи ниту еден од партиските сојузи не располага со сопствено мнозинство во двата дома на парламентот. Освен ова речиси се исклучува можноста за тесна соработка на двете најсилни политички сили, централно-левичарскиот сојуз на Пјер Луиџи Берзани и централно-десничарскиот сојуз предводен од Силвио Берлускони.
Во меѓувреме се забележува претпазливо приближување на Берзани и Грило. Грило, откако беа објавени очекувањата за резултатите од изборите изјави: „Нема стратегија, ќе поддржиме идеи, кои се на иста линија со нашите, од закон до закон“.
Тешка алијанса
Преклопувања меѓу паратијата на Берзани Партито Демократико и Движењето 5-ѕвезди има: „Бепе Грило замина во политиката поради неговиот личен конфликт со Силвио Берлускони. Тоа е основна мотивација со која би можела да живее и партијата Партито Демократико. Нема сојузи за интереси“, вели Роман Мурун од Гете институтот во Палермо.
Истовремено Грило и Берзани во никој случај не се на иста линија, пред се’ исто така лично. За Грило, Берзани е дел од политичката елита на Италија и носи соодговорност за политиката во последните години. Лука Верзичели, политиколог од универзитетот во Сиена во интервју за ДВ оценува дека станува збор за „невозможна мисија“, што се однесува до двата сојуза.
Доколку политичарите сепак успеат да ги надминат меѓусебните задршки и да водат сериозен дијалог, тогаш би било барем можно по некои важни точки да се развие заедничка стратегија. „ Да се воведе нов изборен систем, економијата да се стабилизира, да се преземат мерки против манополите и јавните давачки, пред се’ да се намалат дотациите за политичарите, би можеле да бидат заеднички проекти. Но, нешто повеќе од ова нема“, вели Верзичели.
Втор Берлускони?
Најголемиот непријател за Грило останува Силвио Берлускони. И покрај оваа одбивност сепак постојат заеднички црти меѓу двајцата политичари. Сојузите кои ги предводат се фокусираат на личности. Двајцата користат груб јазик, се сметаат за популисти, кои можат да ги поведат масите. И двајцата успеаја новоформирано политичко движење веднаш да го внесат во парламентот.
Според Роман Мурун од Гете институтот други споредби речиси да нема. „Колку што се знае, Грило кон женскиот пол се однесува во голема мерка коректно. Колку што е познато, тој има нормален приватен живот“. Политички Грило е реакција на Берлускони, кој би регрутирал луѓе претежно од левичарскиот центар.
Но, уште една сличност со Берлускони сепак има: и двајцата во голема мерка во последно време дојдоа во судир со правосудните органи. Грило е веќе казнет - поради убиство од небрежност. Во 80-тите години тој предизвика автомобилска несреќа, во која животот го загубија повеќе луѓе.