Политички шок во Германија
20 ноември 2017Брегзит, Трамп и сега ова. Германската канцеларка Ангела Меркел, барем засега, не успеа да формира влада. Во економски стабилна и успешна Германија- срцето на Европа, моторот на ЕУ- сега е целосно нејасно како понатаму. Кусо пред полноќ во неделата, лидерот на Слободните демократи (ФДП) Кристијан Линднер објави дека прелиминарните коалициски преговори не успеале. Подобро е да не се владее. отколку погрешно да се владее, рече Линднер.
Острите зборови на Линднер доаѓаат по повеќенеделни тешки преговори за формирање на владина коалиција која, за волја на вистината, од почетокот повеќе делуваше како брак од нужда отколку од љубов.
На крајот, преговорите станаа премногу оптоварени со детаљи. Ниту еднаш никој не успеа да ја искористи шансата за да се надминат идеолошките разлики меѓу партиите.
Десноконзервативната АфД во Бундестагот
За првпат, деснорадикалната Алтернатива за Германија е избрана во парламентот, со што вообичаените можности за коалицирање отидоа во неврат. Нема лесни решенија во парламент во кој се претставени седум партии. Откако Социјалдемократите одбија да бидат дел од големата коалиција, Меркел беше принудена да влезе во преговори во кои, за првпат во нејзините 12 години како канцелар, не успеа да ја наметне својата моќ.
Ослабена од лошиот резултат на нејзината партија на изборите во септември, улогата на Меркел се сведе на медијатор- и тоа неуспешен. Очигледно, ФДП беше таа која ја спречи Меркел да најде нов наратив и да развие нови идеи за владејачката коалиција; коалиција која можеше да излезе од старите испробани политики и ќе ја тестираше новата политичка клима со храбри нови идеи.
Бегалската политика во центар на разговорите
Бегалската криза беше во центарот на конфликтот околу формирањето на новата влада. Либералната политика на Меркел и овозможи раст на АфД. И веројатно доведе до колапс на преговорите. Тоа не значи дека одлуката да им се помогне на луѓето на кои очајнички им требаше помош беше погрешна. Но исто така е вистина дека не беше можно да се спречи оваа поддршка за другите да стане закана за самиот себе.
Неуспешните коалициски преговори покажаа дека Германија се соочува со сопствени крстосници. Економскиот успех не го намалува стравот на луѓето од иднината во која бегалците ги симболизираат несигурностите во глобализираниот свет. Германија нема да биде единствената која ќе се разбуди во шок денеска. Сета Европа ќе биде, исто така. Затоа што сега пред нас се многу недели, можеби и месеци, несигурност.