Се чека налог за снимките од меаната каде седел Мицкоски
3 јуни 2020Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се соочува со обвинување за две кривични дела доколку се докаже дека седел во затворениот дел на кафеаната во скопско Дебар Маало каде вечерва се одвиваше вистинска мала драма.
Вработените во угостителскиот објект на улица Боемска најпрво попладнево не и дозволиле на Пазарната инспекција да направи увид во затворениот дел од ресторанот со образложение дека тој е затворен. По два часа инспекторите виделе како од објектот излегува лидер на политичка партија. Го препознале Христијан Мицкоски.
„Вечерва Државниот пазарен инспекторат во околу 18:15 часот беше спречен да изврши увид во еден угостителски објект со образложение дека објектот е од затворен тип и дека нема гости внатре. Колегите продолжија во другите угостителски објекти, но сепак се вратија кај истиот угостителски објект со уште една замолница да се отвори објектот за да извршат надзор. По некои два и пол часа успеавме да влеземе во објектот, но пред тоа имаше други дејствија, од објектот излегоа луѓе коишто инспекторите не беа во можност да ги легитимираат бидејќи неможеме да легитимираме, но препознаен е политичар, односно претседател на политичка партија“, изјави Мери Проја Продановска од Државниот пазарен инспекторат.
Оттогаш пред локалот се случува вистинска збрка. Пред објектот најпрво пристигнал началникот на СВР Скопје поставен од ВМРО-ДПМНЕ, Ристе Ставревски, а по него и дополнителниот началник поставен од СДСМ. Состојбата станала тензична, а според извори од МВР, околу локалот дошле и припадници на обезбедување на политичка партија. Поради тоа, била повикана Единицата за брзо распоредување. Оттогаш ЕБР е присутна во и околу локалот и чека налог за да ги одземе снимките од безбедносната камера во локалот, но и од околните угостителски објекти. Полицијата од Јавното обвинителство бара одобрение за снимките поради постоење сомнение за прекршување на мерките за заштита од пандемијата на коронавирусот. Според дополнителната министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска се работи за две кривични дела според членот 205 и 206 од Кривичниот закон. Согласно членот 205- Пренесување заразна болест предвидени се парични или казни затвор од 1 до 10 години, додека според членот 206- Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија следува парична казна или затвор до една година.
Раководителката на Инспекцискиот надзор Продановска најави дека ќе бидат поднесени кривични пријави и за сопственикот на угостителскиот објект кој не дозволувал надзор во објектот.