1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Полска: Зелено светло за ѕид на границата со Белорусија

СН/агенции
30 октомври 2021

Полскиот парламент одобри изградба на трајно утврдување на границата со Белорусија. Сѐ повеќе мигранти сакаат оттаму да стигнат во ЕУ.

https://p.dw.com/p/42N2y
Во август годинава полските војници започнаа со изградба на привремена ограда на границата кон Белорусија
Во август годинава полските војници започнаа со изградба на привремена ограда на границата кон БелорусијаФотографија: Maciej Luczniewski/NurPhoto/picture alliance

Полскиот парламент одобри во петокот да се изгради ѕид на границата со Белорусија како одговор на зголемениот прилив на мигранти, главно од Блискиот исток.

Законот беше усвоен пред две недели од Сејмот, првиот дом на полскиот парламент. Потоа отиде во Сенатот кој го усвои синоќа. За стапување во сила сега е потребен потпис на претседателот Анджеј Дуда, кој веќе најави оти тоа ќе го стори во наредните денови.

Конзервативната влада во Варшава реагира на зголемениот прилив на мигранти на надворешната граница на ЕУ со проектот кој ќе чини околу 353 милиони евра. Граничниот ѕид треба да биде долг над 100 километри и висок 2,5 метри.

Бегалци од Ирак опкружени од полски полицајци и граничари на полско-белоруската граница
Бегалци од Ирак опкружени од полски полицајци и граничари на полско-белоруската границаФотографија: Kacper Pempel/REUTERS

Полската влада го обвинува белорускиот лидер Александар Лукашенко дека организирано испраќа мигранти и бегалци од кризните подрачја на надворешната граница со ЕУ. На крајот на мај, како одговор на построгите санкции на Западот против неговиот режим. Лукашенко најави дека нема да им пречи на мигрантите во својата земја на патот кон земјите од ЕУ.

Некои мигранти главно од Ирак и од Сирија, починаа од исцрпеност во близина на границата меѓу Полска и Белорусија, која е долга над 400 километри  и минува низ шума, мочуришно подрачје и по должината на реката Буг.  Полска подигна привремена ограда со бодликава жица кон Белорусија и таму испрати илјадници војници и полицајци, но мерките не успејаа да го запрат приливот на мигранти, иако граничарите имаат, според новиот полски закон, овластување веднаш да ги враќаат мигрантите назад преку границата.