1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помирливи тонови меѓу Ципрас и Меркел

Р.Видервалд/дпа/сн24 март 2015

Пред посетата на грчкиот премиер на Германија двете земји водеа „војна“ на зборови. Дали Меркел и Ципрас успеаја да остварат нов старт на германско-грчките односи а со тоа и основа за решение на должничката криза?

https://p.dw.com/p/1EvxK
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Да се прикаже добра мимика, добра атмосфера. Тоа беше целта. Алексис Ципрас и Ангела Меркел на нивната средба во Берлин не изоставија ништо од државничкиот протокол сѐ со цел да му стават крај на јавниот раздор меѓу Германија и Грција. Демонстративно единство беше прикажано не само на црвениот тепих туку и на заедничката пресконференција на претседателите на владите на двете земји:

„Ние сме заеднички убедени во тоа дека мировниот проект Европа е огромен мировен проект и оти ова мировно дело мора да биде продолжено од секоја политичка генерација“, истакна германската канцеларка Ангела Меркел

Изјави за грчките платежни проблеми, оценки за тоа кои реформи кога треба да бидат спроведени, коментари за споровите за минатото- сето тоа Меркел и нејзиниот гостин од Атина јавно не го тематизираа. Наместо тоа ја истакнаа важноста на структурните реформи:

„Наша заедничка цел е остварување на големи структурни реформи во Грција, до кое не дојде кај претходните влади“, истакна грчкиот премиер Ципрас. Меркел се надоврза: „ Дека се уште потребни структурни реформи, дека е уште потребен солиден буџет, дека е уште потребна и функционирачка управа. Верувам дека тоа се и нашите заедничките точки“

И за темата за отштетата за германските злосторства во Втората Светска Војна можеа да се слушнат само помирувачки зборови. Никој во Грција не сака да запленува германски имот, вети грчкиот премиер:

„Тоа за нас не значи материјално барање, тоа не е ниту поврзано со актуелната криза ипозицијата на Грција во еврозоната и неопходноста брзо да се изнајде решение.Тоа е чисто билатерална тема, која за нас пред се има етичка вредност“, истакна Ципрас.

Пред портите на канцеларијата на сојузниот канцелар, грчки и германски демонстранти покажаа што очекуваат од средбата. Грција и Германија треба да престанат да се расправаат. Ова порака изгледа беше слушната, дури и ако сцени на демонстративно бакнување какви што имаше меѓу демонстрантите, со сигурност не може да се видат во канцеларијата на Ангела Меркел.