Помпео следната недела во Охрид
27 септември 2019Првиот американски дипломат Мајк Помпео доаѓа во С. Македонија следната недела на разговори со државниот врв. Американскиот Стејт Департмент попладнево потврди дека Помпео доаѓа на турнеја низ повеќе европски држави. Неговата рута започнува во Рим на 1 октомври, каде најпрво оди на аудиенција кај Папата Франциско, а потоа се среќава со италијанскиот државен врв. Оттаму, Помпео продолжува за Црна Гора, а следната станица му е Скопје. Иако Стејт Департментот не наведува точен датум, од распоредот може да се заклучи дека Помпео ќе дојде во Охрид, каде е најавена посета на манастирскиот комплекс „Св Богородица Перивлепта“. Од Охрид, Помпео продолжува за Атина на средби со грчкиот државен врв.
Колин Пауел е првиот и последен американски државен секретар кој досега ја посетил Македонија. Пауел дојде во Скопје на 13 април 2001 година во екот на воената и политичка криза во земјата. Две години пред него, во јуни 1999 година, за време на косовската криза, во земјата престојуваше и американскиот претседател Бил Клинтон.