1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успешен почеток на пописот, евидентирани над 90 илјади луѓе

БГ
6 септември 2021

По речиси 20 години, во Северна Македонија вчера почна попис. Надлежните се задоволни од првиот ден и велат дека се попишале над 90 илјади луѓе.

https://p.dw.com/p/3zwzV
Северна Македонија Попис
Попис во Северна Македонија. фото:архиваФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во првите 12 часа од пописот, во неделата на 5 септември, попишани се 91.681 лица, 28.355 домаќинства и 37.404 станови што претставува повеќе од успешен почеток на пописот, соопшти преку својот Фејсбук профил во неделата министерот за правда Бојан Маричиќ. 

Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски вчера на терен ја следеше операцијата и им порача на граѓаните дека оние кои нема да им отворат врата на попишувачите „си прават штета себеси“. 

„Пописот нема друга цел, не служи на ниту една политичка паритја, не служи ни на поединци, туку служи на оние кои треба да го градат развојот на државата“, рече Симовски. 

Целата постапка трае околу 3 минути за едно лице или околу 15 минути по домаќинство, а ја спроведуваат илјадници обучени попишувачи, контролирани од специјални инструктори во секој реон. 

Влез во домот - само со легитимација

Надлежните ги повикуваат граѓаните задолжително да инсистираат на почитување на ковид протоколите и доколку наидат на прекршување да го пријават попишувачот. Сите граѓани имаат право да инсистираат попишувачот да е вакциниран против Ковид-19, а во спротивно, можат да побараат друг термин. Сите попишувачи носат брендирана маичка и легитимација, која граѓаните имаат право да ја побараат на увид. Симовски вели дека граѓаните не треба да пуштаат во своите домови лица кои немаат пописна легитимација. 

Во рамките на пописот веќе се евидентирани околу 200.000 државјани од дијаспората кои од порано имаа можност да се пријават онлајн. 

Пописот ќе трае до 30 септември, а Симовски очекува конечните податоци да бидат објавени по Нова година. Дотогаш, по 20 години пауза, конечно треба да се знае колку луѓе живеат во државата, во какви услови, со кое ниво на образование и работен статус, и многу други статистички податоци потребни за креирање на политиките во иднина. 

Повеќе владејачки политичари вчера ги повикаа граѓаните масовно да учествуваат на пописот, додека опозициската Левица повика на бојкот. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема