1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пописот ќе ги седне на иста маса Заев и Мицкоски

ДТЗ
26 март 2021

Статистичката операција која по две децении треба да се спроведе во земјата, е една од темите кои ќе бидат отворени на средбата во понеделник.

https://p.dw.com/p/3rFiA
Nord-Mazedonien Präsident Stevo Pendarovski Zoran Zaev und Hristijan Mickoski
Фотографија: Büro des Präsidenten von Nordmazedonien

На пет дена пред официјалниот старт на пописот на населението и домаќинствата во Северна Македонија, се уште се кршат копјата околу оправданоста од спроведувањето на ваквата операција во екот на третиот бран на пандемијата. Во сенка на заканите за бојкот, затворање на вратите пред попишувачите и барањата сложената статистичка операција да се одложи за некои подобри времиња, или барем се додека не се вакцинираат попишувачите, надлежните ги завршуваат последните подготовки за пописот, кој во земјата се чека веќе две децении. Премиерот Зоран Заев најави дека во понеделник пописот е една од темите поради којашто ќе седне на иста маса со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

-повеќе на темата: Мицкоски со писмо до амбасадорите: попис во септември, локални избори во ноември

„Верувам дека изјавите дека нема да отвораат врати се само од поединци. Уште еднаш сакам да ја потенцирам одговорноста што ја имаме сите граѓани пред нашата земја и пред идните генерации. Ќе ја искористам секако можноста да зборувам со Мицкоски за ваквите изјави“, вели Заев.

Nord-Mazedonien Skopje | Volkszählung in Nord-Mazedonien - Obdachlose
Пописот на резидентното население почнува на 1 април и ќе се одвива до 21 април.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, не е суштината во тоа дека е предвидена казната од 200-300 евра за оние кои што ќе одбијат да се попишат. „Казната е голема, не е мала, но се надевам дека нема да ја има затоа што секој од нас може да оддели не повеќе од 10 минути и конечно по 20 години да имаме попис во нашата земја. Мал милион податоци и детали, кои ни се насушно неопходно потребни како држава, без разлика кој раководи со неа, за да можеме да креираме соодветни успешни политики, во полза пред сè на економските интереси“, рече Заев.

Консензус за важни прашања

Пописот, изборниот модел, гласањето со отпечаток од прст, отворени листи за локалните избори, одблокирање на законите во Собранието...Долга е листата на теми кои се очекува да бидат отворени на средбата меѓу Заев и Мицкоски, која е закажана за в понеделник во 13 часот во Клубот на пратениците. „Граѓаните очекуваат да се постигне консензус за важните прашања, затоа што се во грч, а состојбата е на раб на издржливост“, порача Мицкоски во повикот за средба со Заев, испратен преку медиумите. Премиерот ја прифати поканата.  Тој се надева дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе најдат решение пописот да почне на 1 април, особено, по најавите за пристигнување на вакцините на АстраЗенека в недела, по што ќе започне масовната имунизација на населението. Во првата група за вакцинирање ќе бидат опфатени и попишувачите. Тоа е еден од условите коишто ги наметна лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој изјави дека „не му паѓа на памет да разговара со неимунизиран попишувач“.

-повеќе на темата: Попис или збир на провокации против пописот

Заев е убеден дека членови на ВМРО-ДПМНЕ кои јавно изјавија дека нема да се попишат ако попишувачите не покажат документ дека се вакцинирани, се поединци и дека сепак пописот ќе биде поддржан и од опозицијата. „Верувам дека пораката синоќа испратена од господинот Мицкоски - дека ако се вакцинираат попишувачите - тогаш тие јавно ќе дадат поддршка за пописот и тогаш навистина сите субјекти ќе бидат про-пописот, освен Левица“, додаде Заев и ја повика Левица да се приклучи кон оваа важна статистичка операција.

Matthew Palmer
Заменик-помошникот државен секретар во САД, Метју Палмер,побара од Мицкоски да соработува со останатите партии со цел успешно спроведување на пописотФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Emric

И заменик-помошникот државен секретар во САД, Метју Палмер, денеска побара од Мицкоски да соработува со останатите партии со цел успешно спроведување на пописот. „Палмер ги охрабри Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат со другите за решавање на огромните предизвици со кои се соочува земјата, вклучително и решавање на разликите со Бугарија и успешно спроведување на претстојниот попис на населението, што е важна статистичка алатка за подобрување на управувањето“, соопшти амбасадата на САД.

Нема одложување на пописот, вели Симовски

„Нема одложување на пописот, најголемата статистичка операција започнува на 1 април“, порача денеска на прес-конференција директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски. Тој  апелираше до граѓаните да не подлегнуваат на повиците за бојкот и неучество на пописот, бидејќи „немаат за цел заштита на населението од пандемијата, туку целта им е да не се одржи оваа статистичка операција.

Nord-Mazedonien Volkszählung Apostol Simovski
Ако има бојкот, ако е тој масовен бојкот, тогаш и понатаму ќе тонеме во калта сѐ подлабоко и подлабоко, вели Апостол СимовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ако има бојкот, ако е тој масовен бојкот, тогаш и понатаму ќе тонеме во калта сѐ подлабоко и подлабоко. Единствената земја во светот сме што цели 20 години не спровела попис. Ако сакаме овој период да го продолжиме и понатаму и да тонеме подлабоко од оваа состојба во којашто сме сега, тогаш нека повелат сите и нека бојкотираат“, рече Симовски и додаде: „Прашајте ги економските субјекти до каде можеме да тонеме без податоци од попис, прашајте ги сите оние заинтересирани инвеститори дали воопшто ќе размислуваат во оваа држава. Да, болеста зема голем замав, ама ако падне економијата уште повеќе од ова што паѓа заради пандемијата, тогаш не ќе можеме ни да се прехраниме“.

-повеќе на темата: Симовски за пописот во НЦЦ: Одамна сме под два милиони

Тој е дециден дека пописот ќе биде безбеден, бидејќи целосно и доследно ќе се почитуваат сите донесени протоколи. Преку апликацијата за самопишување на дијаспората заклучно со 08 часот денеска се евидентирани 148.719 лица. Самопопишувањето на државјаните кои живеат во странство започна на 1 март и ќе трае до 21 април. Пописот на резидентното население почнува на 1 април и ќе се одвива до 21 април.