Пораката од Маракеш: Трамп нема да нѐ запре!
19 ноември 2016На крајот оваа слика: државници, научници, финансиски експерти, економски босови, заштитници на климата - сите заедно на една фотографија. Пораката гласи: „Нема да потклекнеме, ние одамна сме на патот кон не-фосилна иднина, со или без тебе!“ Притоа, се разбира, се мисли на Доналд Трамп, кој промените на климата по желба си ги толкува како измислица на Кина или на еко-мафијата.
Кина одамна го сфати проблемот
Кога сме кај Кинезите, најголеми производители на издувни гасови во светот, мора да се каже: долго време важеа за кочничари на конференцијата за климата, сакаа да се придвижат само ако тоа го стори и класниот непријател во Вашингтон. На средбите за климата се водеше геополитика. Тоа е минато. Пекинг (како и Индија, Бразил, Јужноафриканската Република, најголемиот дел од европските држави) сфати дека заштитата на климата е во сопствен интерес. Намалувањето на цената на обновливите енергии и одлуките на инвеститорите против јагленот сигурно придонесоа за тоа. Но, придонесе и сознанието дека последиците од менувањето на климата веќе не може да се негираат ниту на домашен терен и дека е поевтино брзо да се преземе нешто против издувните гасовим, отколку подоцна да се излегува на крај со последиците. Тоа досега не го сфати само Доналд Трамп.
Значи, климатскиот караван оди натаму. Ако треба и без Вашингтон. Дали Трамп ќе го откаже Парискиот договор за климата или дури и Климатската рамковна конвенција од 1992 година врз која се засноваат сите заклучоци за климата - ќе се покаже. Но, САД веќе сега отпаѓаат како можен диктирач на темпо на средбите за климата.
Во сенка на американските избори, конференцијата во Маракеш покажа: по еуфоријата од Париз минатата година, сега следува сортирање, работа на правните прашања и тоа до детал. Новиот договор за климата ќе почне да делува дури во 2020 година. Неговата конструкција е комплицирана, навистина сите држави треба да учествуваат во заштитата на климата. Во дел од сиромашните земји, меѓутоа, веќе има дел од државните претставници кои се зафатени со тоа. Треба да им се помогне, да се најдат пари, да се изгради доверба. Тоа е задача на индустриските држави, а по изборите во САД - сѐ повеќе задача на Европејците. Германија го сфати тоа и за прилагодување на промените на климата уште еднаш на маса стави дополнителни 50 милиони евра. Но, за германската влада, на крајот сепак беше малку непријатно: последниот ден 45 сиромашни држави ветија дека брзо ќе се откажат од јагленот. Климатскиот план на Германците, кој е предмет на големи дебати и кој и онака е само изјава за намери, предвидува само голема редукција на јагленот до средината на веков.
Екскурзии до проектот за углед
Инаку, конференцијата за климата е веќе ослободена од „алармизмот“ од претходните години. Тоа се должи и на фактот што сега живо може да се види што донесоа средбите за климата од Рио 1992-ра кои постојано беа предмет на потсмев. За време на двонеделната конференција во Маракеш цели делегации одеа во 200 километри оддалечената провинција Варзазат, каде се гради најголемата соларнотермичка централа во светот. Не во Германија, не во САД - во Мароко! Тоа за заштитниците на климата долго беше утопија. Африка во својот развој ја прескокнува фосилната индустриска ера и оди веднаш кон соларна иднина. Тоа е сѐ уште тешко, но е замисливо. И, за тоа придонесува и постојаното тешко преговарање на конференциите за климата.
Се продолжува натаму, првично без САД, но долгорочно сепак повторно со Вашингтон. Како беше она - добрата политика е признавање на реалноста. Кај едно порано, кај други подоцна.