1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порошенко: Никакви преговори со сепаратистите

Бетина Маркс/ Жана Ацеска8 мај 2014

Во Берлин владее длабока загриженост поради ескалацијата во Украина. Бундестагот дебатираше за тоа, а украинскиот претседателски кандидат Петро Порошенко се сретна со повеќемина германски политичари.

https://p.dw.com/p/1BvRC
Фотографија: ODD ANDERSEN/AFP/Getty Images

Украинскиот претседателски кандидат Петро Порошенко при својата посета на Берлин ја оправда акцијата на армијата против проруските сепаратисти, кои ги нарече терористи. Оној кој носи автоматска пушка и убива луѓе разбира само еден јазик, а тоа е јазикот на силата, изјави Порошенко, одбивајќи преговори со сеператистите:

„Тие не се ничии претставници. Ние мораме повторно да воспоставиме ред и да ги истераме терористите од улиците“, изјави претприемачот и политичар, кој важи за најизгледен кандидат на претстојните претседателски избори на 25 мај. Порошенко се залага за потесно поврзување на Украина со ЕУ и се солидаризираше со демонстрантите на Мајдан. Во Берлин тој го поддржа предлогот на германсикиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер за втора рунда Женевска конференција. На преговарачка маса таму не сака да ги види проруските сеператити, вели Порошенко. Украина таму треба да ја претставува само шефот на дипломатијата.

Никакво одлагање на изборите

Следниот решавачки чекор за земјата се претседателските избори на 25 мај, кои треба да бидат организирани во сите украински региони.

Frank-Walter Steinmeier Bern
Франк Валтер Штајнмаер се ангажира за втора рунда Женевска конференцијаФотографија: Reuters

„Оние кои се обидуваат да ја дестабилизираат ситуацијата во источна Украина, имаат единствено намера да спречат одржување на изборите“, вели Порошенко. Во источниот дел од земјата меѓутоа не смее да биде одржан „лажен референдум“, на пример како оној планиран за в недела (11.05) во Доњецк за отцепување на регионот.

„Не се плашиме од референдумот, ниту од уставни промени или децентрализиција на власта“, истакна Порошенко, кој во Берлин се сретна со канцеларката Ангела Меркел, министерот Штајнмаер и повеќемина пратеници во Бундестагот. Политичарот од ЦДУ, Андреас Шокенхоф по средбата со Порошенко изјави дека пред претседателксите избори е илегално одржување референдуми. Постојат укажувања дека за 9 и 11 мај се планирани провокативни акции, при што свои прсти има вмешано и Русија.

Дебата во Бундестагот

Во германскиот парламент двајца министри ја искажаа својата загриженост за употребата на насилство во Украина.

„На прагот сме на нова конфронтација на нашиот континент“, изјави министерот за надворешни работи Штајнмаер. Тој сепак се надева дека не е предоцна да се спречи ескалацијата, да надвладее разумот. Тој лично моментно се ангажира околу втора Женевска конференција на која би разговарале Украина и Русија, а би учествувале и ЕУ и САД.

Штајнмаер истакна дека планираните претседателски избори за 25 мај во Украина мора да се одржат. Тоа треба да е во интерес и на Москва, зашто токму таа ја доведува во прашање легитимноста на украинското привремено раководство. Штајнмаер се изјасни и за уставна реформа и разоружување на милициите. Министерот како „чекор во вистински правец“ го оцени говорот на рускиот претседател Владимир Путин во кој тој се изјасни да запре отпорот против изборите. Но, сепак, тоа не е гаранција за стабилизација на ситуацијата, изјави Штајнмаер за Дојче веле.

OSZE Beobachter Flughafen Berlin Tegel 3.5.14
Урсула фон дер Лајен и Акесл Шнајдер, воен набљудувач, по ослободувањетоФотографија: Reuters

Дискусија за мисијата на ОБСЕ

Штајнмаер ја отфрли критиката за мисијата на воените набљудувачи на ОБСЕ. Неа јавно ја изрече пратеникот на ЦСУ, Петер Гаувајлер, а го поддржа опозицијата. Политичарот од Партијата на левицата, Волфганг Герке критикуваше дека со испраќањето на воени набљудувачи беше загрозена многу поголемата и поважна цивилна мисија, во која учествуваат околу 500 набљудувачи од ОБСЕ а која е прифатена од сите страни во конфликтот. Штајнмаер напротив истакна дека не разбира зошто работата на воените набљудувачи се смета за помалку важна од цивилната мисија на ОБСЕ.

Седумчлената група воени лица, под германско раководство, пред две недели беше во источна Украина. Во градот Доњецк воените лица и нивните придружници беа фатени од страна на проруските сепаратисти и држани една недела. Нивното ослободување, по многу интервенции, се случи во саботата. Штајнмаер и министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен им заблагодарија за посредувањето на сите вклучени, а посебно на рускиот специјален пратеник за човекови права, Владимир Лукин.

Критика на сметка на Путин

Политичарката од Зелените, Мари-Луиз Бек упати остра критика на адреса на Русија. Москва работи на дестабилизирање на Украина и придонесува за граѓанска војна во соседната држава, додека истовремено во Русија изумира цивилното општество, зашто претседателот Путин задушува слободно и мултикултурно општество. Наместо тоа, тој шурува со десничарските популисти од цела Европа. Бек инсистираше да не се прифаќа отцепување на Крим од Украина и припојувањето кон Русија.