1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поскапувањето ги испразни паричниците

ДТЗ
1 јуни 2022

Цените на многу производи повторно се вивнаа до небо. Многумина уште синоќа поитаа да се снабдат со масло за јадење и со брашно

https://p.dw.com/p/4C7xd
Symbolbild | Verbrauerpreise
Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Со едно лепче во рака, две-три банани, марула и јогурт изутринава многумина пензионери ја завршија обиколката на маалските дуќани. Ако до пред кризата се враќаа дома со преполни торби, со покачувањето на цените пазарувањето е сведено на минимум. Пари за луксузирање нема - се купува само тоа што е неопходно за да се помине денот. 

А, математиката како да се преживее од еден до друг месец на многумина се потешко им оди. Оти од изутринава цените на многу производи повторно се вивнаа до небо. Многумина уште синоќа, по најавата дека нема да бидат продолжени антикризните мерки на Владата, што повлече нов бран на поскапувања, поитаа да се снабдат со масло за јадење и со брашно. Ако во вторникот цената на зејтинот беше 135 денари, веќе денеска достигна рекордна цена од над 160 денари. Дел од производите веќе се продаваат со сменети цени, но во дел од продавниците се уште може да се пазарува по старите цени. 

Овошјето е луксуз

Поскапувањето највеќе се чувствува кај основните прехранбени производи, чии цени беа замрзнати во изминативе три месеци, со времена владина одлука. По одмрзнувањето, лебот рипна за четири па до седум денари. Граѓаните коментираат дека цените само растат, а лебот што го купуваат секојдневно е се помал и помал на грамажа - па за едно четиричлено семејство не им достасуваат ниту по два-три леба. Засегнати се и оние коишто купуваат брашно - ако досега можеше еден килограм да се купи за 35 денари, сега цената е рипната речиси двојно. Овошјето веќе со месеци наназад е луксуз, особено сезонските јагоди и цреши чија цена е над 100 дена за килограм.

„Сите прашуваат за цена, а ретко кој се одлучува да купи“, коментираат уличните продавачи во Охрид, кои секојдневно продаваат свеж зеленчук и овошје произведено во нивните дворови и ниви.

Од 1 март до 31 мај маржите во малопродажба беа ограничени на 5 отсто кај лебот, солта, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, млекото, свежото месо и сувомеснатите производи. Откако на полноќ истече важноста на мерките коишто беа донесени за ублажување на ефектите од економската криза, се отвори простор за вртоглав раст на цените на храната, горивото, акцизите и ДДВ-то. Најавата за поскапување на горивата вчера создаде колони до возила пред бензиските пумпи. Сите поитаа да го наполнат резервоарот, пред да се случи новиот бран на поскапувања, со кој бензините се качија над 100 денари за еден литар. Во најава е и поскапување на електричната енергија од најмалку 10%, што ќе биде дополнителен товар за и онака осиромашениот буџет на граѓаните.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесат закон со кој ќе предложат прехранбените производи да бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, а ДДВ-то на горивата да биде пет проценти.