Последен круг против корона
8 јуни 2021Бројките раѓаат оптимизам. Во најголемиот дел земји во Европа се намалува бројот на починати од или со коронавирус. Клучна е зголемената имунизација на населението, особено на старите лица. Секако дека пандемијата уште не е завршена, но многу нешта одат во прилог на тоа дека Европа е на добар пат да влезе во финишот, односно во догледно време да ја стави короната под контрола.
На втор поглед се покажува дека немаат сите членки на ЕУ подеднакво удел во таквиот развој. Во Бугарија, Романија или Словачка нискиот број на вакцинирани и слабиот здравствен систем носат повисок степен на смртност отколку во други делови на ЕУ.
„Зошто не го вакцинираа татко ми?"
„Месецот април секогаш ќе ми остане во болно сеќавање", пишува Љуба Касова. „Кога ја примив првата доза во Велика Британија мојот невакциниран 85 годишен татко почина во Бугарија. Зошто јас, средовечна жена бев заштитена, а околу 90 проценти од над 80 годишните во Бугарија не?", прашува Касова.
Таа е основач на престижната консултантска фирма Акас во Лондон која им помага на медиумите во комуникацијата со своите корисници. Нејзиниот очајнички повик за помош беше објавен во британски „Гардијан”. Во текстот се чита како во рамки на ЕУ разликата во благосостојбата и политичката ориентација за време на корона може да бидат пресудни за живот и смрт.
Тоа започнува со лекарската грижа. Според податоци на европската статистичка агенција Еуростат, на пример, во Полска има 238 доктори на 100 илјади граѓани, најниска вредност во цела ЕУ. Во Унгарија се 338, во Белгија 312, а во Велика Британија 284. За споредба: во Германија има 431 лекар на 100 илјади жители. Во Бугарија со 421 доктор на 100 илјади луѓе на прв поглед се чини дека има добра лекарска грижа. Сепак, земјата според податоци на Џон Хопкинс универзитетот има најголем удел на смртен исход во однос на бројот на регистрирани случаи - и тоа во рамки на цела ЕУ. И во Унгарија, Словачка, Романија и Италија уделот е поголем отколку во други земји членки на Унијата.
Статистиката покажува дека таквата стапка е повисока онаму каде постарите лица не биле приоритетно вакцинирани, каде јавните здравствени институции се финансиски лошо потковани и каде што има задршки во однос на вакцинирањето.
Во Италија на пример до средина на февруари годинава само шест проценти од лицата над 80 години имале примено барем една доза. Во Германија според Роберт Кох институтот биле 20 проценти, во Франција 23 проценти.
Експертот за податоци Матео Вила од италијанскиот Институт за меѓународна политика ИСПИ смета дека „Италија можела да спаси животи ако здравствениот персонал го вакцинирале во период од два месеца наместо еден како што тоа го сторија Германија и Франција.”
Италијанците дозите вакцини што ги имале на располагање лошо ги распределиле за населението над 80 години, вели Вила за италијанските медиуми. Кај оваа група корона инфекција особено често завршува со смрт.
Франција за пример?
Италија до крај на 2020 имаше константно високо ниво на смртност. Од почетокот на годината бројот на лица починати од или со корона почна да паѓа и со тоа и смртноста на моменталните три проценти. „Тука се гледаат ефектите од вакцината”, вели Доминик Штилфрид, шеф на Централниот институт за здравствено осигурување за весникот „Ханделсблат”. Намалувањето на смртноста било последица на тоа што просечната старост на заразени е падната на под 40 години. Тоа пак го отсликува големиот процент на вакцинирани меѓу постарите лица. Зачудувачки е развојот на ситуацијата и во Франција и Велика Британија. Обединетото кралство кон крајот на ноември 2020 имаше степен на смртност од преку 15 проценти, а сега е само 2,84 проценти. Во Франција степенот на смртност од рекордни 24 проценти во април 2020 падна на 2,4 проценти во јануари годинава и на 4 јуни достигна 1,91 проценти.
За Љуба Касова тоа не е некоја утеха. „Кога татко ми почина на 8 април едвај седум проценти од бугарското население над 80 години имаа примено барем една доза, додека во Велика Британија тогаш беа вакцинирани веќе 97 проценти од старите лица”, пишува таа за „Гардијан”.
Ниту еден месец подоцна нештата не беа значително подобрени. Уделот на вакцинирани меѓу преку 80 годишните едвај порасна на 10 проценти. Заклучокот на Касова гласи „Татко ми економски веќе немаше значење за општеството, затоа и им беше помалку битно да го заштитат неговиот живот.”