1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Последниот удар на Никола Груевски за ВМРО-ДПМНЕ

24 октомври 2020

Обвинувањата дека поранешниот лидер на партијата ги крадел донациите за свои лични потреби е еден од најтешките удари за ВМРО-ДПМНЕ. Има ли Мицкоски сила да побара „брза и сеопфатна истрага“. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3kNRk
Mazedonien Nikola Gruevski Ex-Premierminister
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Молчат сите. Молчат реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ. Молчат оние што сега бараат оставка на Христијан Мицкоски и екипата околу него. Молчи Христијан Мицкоски, заедно со оние со кои сега ја води партијата. Генерално, молчи и јавноста. Таа како да се навикна на обвинувањата, од кои некои се докажани во судница, за криминализираноста на поранешните партиско-владини структури. Само Никола Груевски се јави на Фејсбук по обвинението дека тој присвоил 1,3 милиони евра од донации за партијата за во една измамничка шема за покривање на трагите, со тие пари да ги купи оние озлогласени плацеви на Водно.

Ниту еден политичар во Македонија никогаш не изјавил дека направил финансиска грешка или некакво злодело. Сите тие ги поврзуваат судските истраги со „политички прогон“, затоа што или се преправаат дека заборавиле што направиле, или сакаат да го избегнат затворот и враќањето на парите, или светоста која ја проектирале за себе едноставно не им дозволува да размислуваат за нивната грешност.

Никола Груевски е еден од првенците на оваа армада. Така, кога неговиот кум од првиот брак заврши во притвор за мрачните зделки од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, преку фирма во Белизе, преку банка на Кипар, па враќање на парите испрани и обелени за да може да се купи плац на Водно од кое тогашниот премиер ќе може да ги гледа светлините на Скопје (затскриен од еден потпорен ѕид, како што самиот замислувал), Груевски на Фејсбук не напиша ништо поинакво од она што секој би очекувал:

„Власта продолжува со политичкиот прогон и хајките против мене и против други луѓе кои ги прогонуваат за да изнудат какви било невистинити изјави против мене. Денешната истрага има иста цел како и сите претходни и е без никаква основа затоа што тврдењата се лага очигледно смислена и конструирана со цел за моја дискредитација, понатамошен прогон, дефокус на јавноста од нивното катастрофално работење, тргувањето со националниот интерес, бројните и секојдневни проневери, криминал и рекет кој го прави власта. Сѐ што стои во објавата со која отвориле истрага е лага и неточно и еден ден сѐ ќе им падне. Ќе останат само траумите кои ги направиле кон сите кои ги прогонуваат...“, вели Груевски.  

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Соочување со „траумите“

Ако се слуша Никола Груевски ова општество треба навистина да почне да се занимава со траумите што ги оставиле судските истраги и процеси против него, а не со траумите што ги предизвика неговото владеење. Тоа можеби треба да формира и специјална комисија со психолози, социолози, психијатри, стручни луѓе за ресоцијализација која ќе се занимава со тешкиот живот на Никола Груевски во Будимпешта. Можеби уште веднаш, пред да се формира комисијата, некој од овие стручњаци треба да отпатува во Будимпешта и да се позанимава со трауматичното секојдневие на Груевски – да види колкави се неговите страдања откако Гордана Јанкулоска конечно мораше да замине во затвор за набавката на „мерцедесот“ наменет за негово уживање. Потоа, каква е неговата емпатија за Јанкулоска и за сите оние други кои мора да одат од рочиште на рочиште, од процес на процес, за системот кој тој го раководеше и командуваше, од кој некои делови се претворија во вистински криминализирани чудовишта. Можеби ќе чуе и некој збор сочуствителност за Ѓоко Поповски, кој одамна е во затвор и кој мораше да го подготвува проектот за набавката на „мерцедесот“. Можеби.

Други колумни од авторот:

-До илјада... и понатаму

-Како Нерон или како Ленин – што да се прави со спомениците?

-Последниот претседател на ВМРО?

А можеби треба да се испрати и еден историчар кој во лечењето на траумите би му помогнал во пишувањето на историските читанки со кои сега сака да ја задржи приврзаноста на вмровските структури. Својот 50. роденден Груевски го одбележа со подолг текст бесмислено насловен како „Ин мемориам“, во кој го глорификува Тодор Александров, очигледно настојувајќи (можеби потсвесно) да се идентификува со него. Вчера по повод 23 октомври, денот на основањето на ВМРО, тој повторно подготви историска читанка за наобразба на неговите следбеници. Ѓорче Петров, Христо Татарчев... и други имиња и настани се споменуваат во оваа историска читанка. Кој знае, можеби и тие се дел од оние трауми за кои зборова откако обвинителството долго истражуваше како тој си ги присвојувал за себе парите од донациите за партијата.

Друга комисија би можела да отиде во белата палата и да ги истражува траумите (ако ги има) од неочекуваните сознанија дека нивниот поранешен лидер ги пренасочувал партиските пари за лични цели. Ако истрагата открила дека 1,3 милиони евра го смениле правецот кон плаќањата за плацевите на Водно, може има и други пари кои завршиле во други банки и други фирми за други цели – испрани и обелени за да не се препознаат. Таа комисија може да земе неколку епизоди снимени на цд од познатата серија „Law and order“ од делот „Криминални умови“ и да поразговара за тоа дали тие забалежале такво нешто во последниве десетина години. Многумина имаат големо сомневање дека ќе откријат какви и да било работи во средината која има чуден „завет на молчење“, па макар биле крадени и партиските пари за лични потреби.

Затоа, веројатно, нема никакви реакции од ниедна структура на ВМРО-ДПМНЕ, ни сегашна ни поранешна. Таа ќе крати од плати, ќе нема пари за да струја (додуша, државата во еден спектакуларен општопартиски договор им помага парично да ги надминат овие проблеми), ќе се шепоти за тоа каде исчезнала можеби таа и таа донација, но јавно ќе молчи. Ќе прикрива што знае за евентуалниот криминал и ќе молчи. Ќе молчи и ќе се надева дека на следните избори ќе дојде на власт и финансиски ќе се освежи.

Доколку обвинителството успее во судот да ги докаже овие наводи за крадењето на партиските пари, кои се запрепастувачки, тоа ќе биде страотен удар за партијата. Таа сега молчи околу обвинувањата дека внатре во ВМРО-ДПМНЕ се крадело на големо, а од друга страна зборува за мафијашката држава што ја раководел Зоран Заев. Тоа е комплицирана игра за честа и честитоста, како што сака да зборува Христијан Мицкоски.

Да се молчи или не

Првата работа што би требало да ја каже е да побара од обвинителството до крај да ги истражи овие наводи, потоа да ги докаже, затоа што еден, двајца или тројца луѓе финансиски ја осакатиле партијата и ѝ нанеле голем морален пораз. Мислите ли дека Мицкоски има храброст да го направи тоа? Или побрзо ќе молчи за „злосторството во семејството“, што може да ѝ нанесе непоправлива штета на партијата и на нејзината перцепција во јавноста.

Ungarn Budapest Nikola Gruevski früherer Ministerpräsident Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Тој самиот може да формира своја комисија, која на партискиот врв ќе му ги сублимира деталите од сличен случај по последиците во нивната сестринска партија Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Германија и судбината на таткото на обединувањето, Хелмут Кол. Се разбира, во таа комисија неизоставно би требало да биде Влатко Ѓорчев, затоа што со неговите долгогодишни контакти со германските „побратими“ од ЕПП може да дознае повеќе како Кол беше отфрлен од неговото политичко чедо, Ангела Меркел.

За почеток, таа комисија би можела да ги разгледа овие факти коишто се јавно познати: - Донаторскиот скандал на ЦДУ доминираше во политичкиот живот на Хелмут Кол откако тој ги загуби изборите од Герхард Шредер во 1998 година. – Скандалот беше откриен во 1999 година. Благајникот на ЦДУ од 1972 до 1992 година, Валтер Киеп, беше уапсен под обвинение дека примир 1 милион марки донации во кеш за ЦДУ од еден познат бизнисмен и ги прикрил тие пари. Хелмут Кол тврдеше дека не знае ништо за тие пари. – Ангела Меркел, тогаш генерален секретар на ЦДУ, побара „брза и сеопфатна истрага“ за скандалот во кој е вклучен нејзиниот партиски шеф. Благајникот Киеп (веќе пуштен на слобода со кауција од 500.000 марки) изјави дека партискиот врв на ЦДУ знаел за овој таен трансфер на пари. „Шпигел“ објави истражувачка приказна дека тајните донации биле многу поголеми од 1 милион марки. – Во брзата ескалација на настаните еден ден подоцна подоцна Хелмут Кол ја презеде целата одговорност за скандалот и призна дека во 1980-тите и 1990-тие години како шеф на партијата бил вклучен во тајни донации за партијата. Две недели подоцна во телевизиско интервју Кол призна дека примил 2 милиони марки тајни донации, но не ги откри имињата, тврдејќи дека мора да ги држи во тајност затоа што им го дал зборот за тоа. – Една недела подоцна, на 22 декември 1999 година, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави колумна од Ангела Меркел во која таа повика нејзината партија да ги прекине односите со Хелмут Кол. Од 1990 година оваа научничка по квантна хемија од Источен Берлин беше протеже на Кол, а тој ја изгради нејзината кариера. Но дојде време за да се тргне по друг пат. Оваа колумна на Меркел беше оценета како акт на еманципација на ЦДУ од Кол, кој 16 години беше германски канцелар. Две години подоцна Меркел стана лидер на партијата, а во 2005 година и канцелар на Германија. Останатото сите го знаеме.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Што би можело да му препорача оваа партиска комисија на Христијан Мицкоски? Да напише колумна во која ќе повика на „брза и сеопфатна истрага“ каде исчезнале парите наменети за партијата и три години по неговиот избор и две години откако Никола Груевски избега во Унгарија конечно да ја еманципира партијата од него, а самиот тој да излезе од долгата будмпештанска сенка. И да го почне долгиот пат за партијата да се врати на власт. Може ли да го направи тоа Мицкоски? Многумина се сомневаат. Доколку го направи тоа Мицкоски ќе има извонредна шанса да се претстави како бранител на демократијата и правната држава во Македонија и да го фрли каменот од Будимпешта, кој сега толку многу ѝ тежи на вратот на партијата.  Доколку и натаму молчи за оваа истрага и тешките обвинувања за евентуалните криминални настани внатре во партијата тој ќе ја однесе неа уште подолу. Сите приказни од маршевите за враќање на правдата ќе се загубат во фонот на обвинувањата дека неговиот патрон ги крадел парите од партијата за негови лични задоволства. А тој молчи за тоа.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар