Последните камења од „Тврдината“ паѓаат во дворот на Иванов
7 декември 2018Сторијата е продукција на Истражувачката Репортерска Лабораторија – ИРЛ Македонија, членка на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција. Повеќе за нашите партнери наовој линк.
Сведоците во судскиот случај за настаните од 27 април неделава за првпат посочија настани кои укажуваат на вмешаност на Кабинетот и институциите под надлежност на претседателот Ѓорге Иванов. Постоел ли таен брак меѓу најмоќните структури воден од тесна клика на моќни луѓе во власта и подземјето? Оваа сторија за првпат открива и документи кои покажуваат како Агенцијата за разузнавање со образложенија за безбедносна државна книга преземала луѓе од војската и одбрана. Која била целта?
Деновиве, уапсен е Владимир Атанасовски, директор на тајната полиција односно Управата за безбедност и контраразузнавање во време на техничката влада во периодот од 2015 до 2017. Во истражниот затвор од скоро е и Сашо Мијалков, братучед на Никола Груевски, со стаж од 10 години во тајната полиција и обвинет во аферата „Прислушување“.
Имиџот на институцијата, која долго важеше за најмоќна и најозлогласена во Македонија, се урива уште со влезот на Специјалното јавно обвинителство во истата. Не попусто случајот со УБК и прислушувањето го доби кодното име „Тврдина“. Тоа беше прв пат институција од судската власт да влезе во добро чуваните гнезда на извршната власт.
Во средата и четвртокот лица познати како блиски до подземјето јавно во судница раскажуваа како раководни лица од УБК го организирале нападот на пратениците на СДСМ и коалициските партнери во Собранието. Целта била да ја дестабилизираат државата и да предизвикаат воена состојба.
Но, освен лица од УБК, сведоците тврдеа дека и луѓе од Агенцијата за разузнавање и Кабинетот на претседателот Иванов не само што го знаеле, туку и го поддржале овој план.
Се посочуваат две од најзвучните имиња во Кабинетот на Иванов: Борис Јосифовски и Синиша Алексовски. Јосифовски е генерален секретар на кабинетот на Иванов, додека Алексовски е вработен во Агенцијата за разузнавање и долго беше Советник за државна безбедност на Иванов. Веќе и претходно се појавија информации за врски со руски и српски тајни служби на високо позиционирани лица во кабинетот на Иванов. повеќе на овој линк . Од досегашниот развој на настаните во судницата, но и од информациите кои во медиумите протекуваат од истрагите веќе почнува да се креира перцепција дека во Македонија постоела тајна конспиративна паралелна власт, дека безбедносните служби на граѓаните биле комплетно преземени од паравласт.
Сите луѓе на претседателот
Но, кои се Јосифовски и Алексовски и како градат кариери со брзина на светлината – од општински советници до први луѓе во Кабинетот на претседателот во само неколку години?
Годинава се „прославија“ со аферата „Сертификати за новинари“ кога ИРЛ обелодени дека двајцата пролетва им нуделе безбедносни сертификати за пристап до државни тајни на новинари, а пред себе држеле папки од случаите со безбедносни ризици од земјава: „Диво Насеље“ , Монструм“ и „27 Април“. Новинарите не добија сертификати, но никогаш не се дознаа мотивите на овие институции и лица за овој необичен чекор. Во март годинава, по оваа афера се обзнани дека и Алексовски и Јосифовски биле напати повикувани на разговор во обвинителството за случаите „Диво Насеље“ и „27 април“.
Подоцна, јавноста дозна и дека во парламентот на 27 април имало значајно присуство на вработени во Агенцијата за разузнавање, Армијата и Военото разузнавање.
„Присуството во Собранието на припадници на разни институции, пред се МВР и АР укажува на поголем степен на индиција дека сето ова е организирано од овие институции, односно од лицата кои ги водат овие институции,“ рече Владимир Пивоваров кој што претседаваше со телото во парламентот кое работеше на расветлување на настаните од 27 април.
Дознајте повеќе за луѓето на претседателот и нивните активности во видеото кое е дел од емисијата „Проверено“ во продукција на Истражувачката репотерска лабораторија.
Преселби за „заштита“ на националните интереси
Околу 9 недели пред настаните од 27 Април, Агенцијата за разузнавање бара дозвола од Антикорупциската комисија да вработи по итна постапка 18 лица, бидејќи тоа е задолжително во случај кога следат избори или нема влада. Бараат преземање на 13 лица од други институции и вработување на 5 нови лица. Според документите од Антикорупциската комисија кои ги побара Истражувачката репортерска лабораторија, Агенцијата за разузнавање како причина за овие итни вработувања ја наведува „новонастанатата безбедносна криза“.
„Заради заштита на националната безбедност на Македонија и нејзините трајни, витални, стопански и политички и други интереси, како и настанатата безбедносна криза, има неодложна потреба за преземање со спогодба на едно лице од Министерството за внатрешни работи на РМ“, ова е извадок од еден од дописите од Агенцијата за разузнавање доставени до комисијата, но во сите барања е наведена истата причина за итни вработувања и преземање на вработени. Погледнете ги сите документи на овој линк.
Последното преземање е направено на 26 април 2017 година, само еден ден пред крвопролевањето во македонскиот парламент, кога Агенцијата за разузнавање бара итна прераспределба на 10 лица од Министерството за одбрана и вработување на две нови лица. Сите итно и неодложно. Државната изборна комисија ги одобрила сите нивни барања.
Имало ли план за вонредна состојба?
Два дена претходно, на 25 април, Оливер Андонов, еднодневниот министер за внатрешни работи, беше поставен за директор на Јавното претпријатие „Јасен“. Во Јасен се наоѓа командниот штаб на Врховниот командант, односно претседателот Иванов и во време на воена состојба истиот се активира.
Во судницата неделава, обвинетите тврдеа дека лица од Кабинетот на Иванов се подготвувале за прогласување на воена состојба.
„Беше кажано дека во 22 часот Иванов ќе има обраќање и ќе прогласи воена состојба. Дека воена полиција веќе има кај Групчин. Но, тоа не се случи. Иванов во 22 часот повика на мир. Дејан Димовски – Боксер, вработен во УБК кажа дека таа информација ја добил од лице Синиша, кое работело кај Иванов, сведочеше Стефан Младеновски , еден од 33-та обвинети за упадот во Парламентот.
Според сведочењето на Александар Василевски- Нинџа, дента на 27 април во паравоениот штаб во ВМРО-ДПМНЕ од којшто наводно се давале информации и наредби како да се делува, бил присутен и Борис Јосифовски од Кабинетот на Иванов, но Василевски не го видел ова директно, туку го слушнал од друг.
Кабинетот на Иванов демантира
Од Кабинетот на Иванов во четвртокот преку соопштение ги демантираа ваквите тврдења.
„Во Кабинетот на претседателот никогаш ниту се разговарало, ниту се размислувало за прогласување воена или вонредна состојба“, соопштија оттаму. И посочувањето на генералниот секретар Јосифовски во сведочењето пред судот, според Кабинетот на Иванов, е „уште еден во низата очајни обиди за конструирање сценарио за неосновано вмешување на Кабинетот и лично на претседателот во настаните од 27 април 2017 година“.
Во секој случај, судските сведочења дополнително ја подгреаја теоријата дека зад сценариото стоела партијата. Василевски во судница рече дека „на осмиот кат во ВМРО-ДПМНЕ се сретнувале високите партиски функционери Миле Јанакиески, Биљана Бришковска Бошковска, Спиро Ристоски, Кирил Божиновски, Сашо Мијалков и Владимир Атанасовски и се организирале и давале насоки за спроведување за таканареченото сценарио за дестабилизација.
Инфилтрација на странски служби кај Иванов?!
Документите до кои дојде Меѓународната мрежа за известување за организиран криминал и корупција покажаа дека руските служби врзани со српските, а преку цела мрежа од соработници вгнездени високо во институциите на Македонија, се обиделе да влијаат на интегративните процеси во НАТО. Еден од објавените документи кој е класифициран како државна тајна и на којшто стои името на Владимир Атанасовски кому му била доставена оваа информација, покажува дека службите имале сознанија за мешање на руските и српските служби и нивни обиди за инфилтрација во високите кругови во сите безбедносни служби и полицијата. Но, еден дел од документот вели „регистриран е особен интерес за кабинетот на претседателот на државата“. Овде погледнете го конкретниот документ.
Во секој случај, двајца поранешни шефови на тајната полиција веќе се во притвор. Моќници и добро познати ноторни карактери од политиката, бизнисот и мафијата им прават друштво. Поранешниот премиер избега, но останаа сомнежи дека неговото бегство во Унгарија е организирано со помош на унгарски и руски служби. Веќе се вади на виделина „валканиот веш“ од Агенцијата за разузнавање, а поранешните блиски соработници на партијата и мафијата веќе почнуваат да зборуваат. Но, сите детали за она што навистина се случило, веројатно допрва дополнително ќе се истражуваат и докажуваат во судската постапка.
Автори: Сашка Цветковска и Александра Денковска Гоцевска; графика: Елена Митревска; насловна фотографија: Роберт Атанасовски. За изработка на оваа сторија придонесоа и Давид Илиевски и Деница Чадиковска, практиканти во ИРЛ – Македонија.