Последното Југо на Балканот
7 март 2019Лојалноста е мртва. Живеј за награда. Така вели Родри Гигс, брат на неверниот Рајан Гигс од Манчестер Јунајтед, во зајадливата реклама која деновиве се врти низ британските социјални мрежи. Духовита квачка која несакајќи ја фати поентата на совремието во кое живееме. И предизборието во кое запливуваме.
На почетокот на оваа недела можевме да дознаеме точно и прецизно каде лежат лојалностите во оваа земја и регионот и кои се наградите кои ја определуваат нејзината квалитетна содржина. Да потсетам, клучните вести во понеделник беа посетата на Филип Рикер, и веста дека Фолксваген ќе отвора фабрика – некаде околу нас, но не кај нас. Додека политичкиот и медиумски свет, зависен од трошките давани од УСАИД и Калето паѓаше во блага трескавица и занес кон Рикер, граѓаните разочарано следеа како наградата во форма на добро платени работни места се сели некаде северно од Северна Македонија.
Интересот на јавноста за локацијата на Фолксваген е предвесник за промената на расположението на јавноста чие жариште на интерес полека преминува од калта на политиката кон јасните пресметки на економијата. Промена која не е падната од небо, туку е финален нус-продукт на дихотомијата во пристапот кон регионот од страна на двете клучни сили и нивните спротивставени рецептури за нас, диктирани од сопствените предности и слабости. Судир помеѓу пазараниот пристап на Германија базиран врз економија, социјала и работа, од една страна, и територијалниот пристап на САД базиран врз политика, стабилократија и клиентела, од друга. Понеделникот беше само медиумски јасна прилика на таа реалност. Која инаку се случува катадневно, со стотици граѓани наредени пред Германската амбасада. И десетици корумпирани политичари, новинари и нво-јапиња наредени пред Амбасадата на САД за дневна доза на „најдобра демократија што може да се купи за пари”. Секој со сопствените фактори, како што вели рекламата.
Србија е веќе на чекор до Европската унија. Судејќи според тврдењата на Даниел Сервер, нејзината последна препрека за забрзано членство е одбивањето на руската стратегија на Могерини и Болтон за размена на српско-косовско територии како предигра за понатамошна политичко-безбедносна дестабилизација со која ќе се спречува пазарната еволуција на регионот. Според Сервер, доколку Вучиќ и Тачи прифатат размена на територии, тоа ќе значи крај на надежите за членство на Србија и Косово во ЕУ. А со тоа и колапс на можноста за испливување од ендемската сиромаштија и крај на надежите за спас од патриотски индуцираните катастрофални демографии во овие држави. Судејќи според промената на тонот во изјавите на Вучиќ и Тачи во однос на размената на територии, се чини дека логиката на пазарната формула за Митровица и Прешево во ЕУ добива предност пред анахроното стабилократско подметнување за Митровица во Србија и Прешево во Косово. А сите заедно зачаурени на дното на гологазното балканско сиромаштво и патриотски менија со деликатесно вкусни корења од коприви и зелки.
Помеѓу германската и американската понуда
Одбојноста на Германија (и неколку други држави) кон размената на териториите и најавата за пресметка со Виктор Орбан означува крај на конструктивната дефанзивност во однос на обидите на Трамп за наметнување политички пред економските критериуми. Диктирани од неподготвеноста на САД економски да инвестираат таму, каде што политиката на вечно и перпетуално форсирање нови генерации на пријателските им служби од УДБ, СИД и КОС веќе предизвикува демографски помор на народи. Благодарение на политика на статус кво, така субстантивно сублимирана во поговорката на Пабло Ескобар дека на „луѓето за сите времиња не им е гајле за децата на ниедно време”.
Дилемата на Белград и Приштина дали да се определат помеѓу германската пазарно-економска или американската стабилократско-клиентелна понуда ќе биде разрешена во следните неколку месеци, ако не и недели. За разлика од нашата влада која веќе се има определено за втората понуда. Бидејќи земја која има сериозни намери и желби за членство во ЕУ и добивање инвестиции од Германија секако нема да си дозволи на неколку недели пред одлуката за пристапни преговори да се впушти во таква дрска и силеџиска криминализација на администрацијата, праводуството и општеството како што тоа го спроведуваат Заев и Ахмети. Колку и да се обидуваат министерските пиони на двата манипулатори да нѐ убедат во спротивното, нивните конкретни дела укажуваат јасно и гласно дека сите заложби за членство во ЕУ се само неискрени празни муабети. Дури и по цена на безмилосна демографска канибализација на сопствените етникуми.
Стабилократскиот и коруптивен политичка ментален склоп на двата властодршци ги упатува да продолжат таму каде што Груевски беше прекинат - како последно американско Југо 45 на Балканот. Заев и Ахмети кренале раце од ЕУ и пазарна економија. А тоа подразбира инсталација на нов, апдејтиран, усовршен систем на криминална автократија во која сѐ ќе биде по закон, сѐ ќе биде според правила, сѐ за добро на граѓаните. Преостанува глумење на интерес за пазарната опција на Германија. И некаде за година-две, ќе се осмелиме да изустиме дека и диктат-демократиите на Орбан, Качински, Фицо и Борисов се инсталираа по влезот на нивните земји во НАТО.
Пролетна изборна забава
Во меѓувреме, пролетната забава за народ започна со изложување на имињата на надежните идни лидер(к)и на државата. За квалитетот на понудата е доволно индикативен фактот што клучна точка на предизборието не е дали овој или онаа е позаслужна да заседне на Водно, туку дилемата дали сите три ликови заедно заслужуваат толку труд да се излезе и гласа за нив. Загриженоста околу цензусот не е наследство од Референдумот, туку конкретна илустрација дека граѓаните во понудените ликови не препоанаваат доволно убедлива дистинкција од веќе постоечката понуда, партиска или персонална.
За жал, сите три кандидати дадоа сѐ од себе уште на старт на сопствените кампањи да нѐ убедат во зависноста од нивните лидери. Почнете од Силјановска која со својата појава само ја акцентуриа гломазноста на сенката на високиот Мицкоски, надвисен - заштитнички - над неа. Потоа, трагикомичното парадирање на Пендаровски по Мала Речица и покорното слушање на поуките на Ахмети, проследено со елаборации „сум, ама не сум консензуален”. Сѐ до презентацијата на Река кого новинарите трпеливо го ислушаа пред да почнат да го распрашуваат Зијадин Села. Немам сомнеж дека во деновите пред нас на сите три кандидати ќе им светне сијаличката во глава дека блискоста до лидерите го деконспирира нивното гравитационо сателитство. Но, нема втора шанса за давање прв впечаток. А првиот впечаток ја засилува дилемата дали ќе има излезност на изборите.
Други колумни од авторот:
Албанската СДСМ и симулација на демократијата
Проблем не е минатото на кандидатите, туку капацитетот
Проблемот на Силјановска не се фри-шоповите и албанофобијата. Ако Заев може да биде Премиер, а Љубе советник, тоа правило треба да важи и за Гога. Проблемот на Пендаровски не се неговите забошотени улоги во полициските антиалбански походи низ Гостивар или ДУТ. Ако сме го амнестирале Али, Хазби, Агрон за 2001, истото треба да важи и за него. Проблемот на Река не е блискоста со Муса и студентските пријателства со Али. Ако сме му простиле на Зијадин за седенките со Теута, Острени и Али, истото треба да важи и за професорот. Проблемот на кандидатите не е нивното минато, какво што сите ние, смртниците, го имаме и го третираме на сличен начин како и кандидатите за историски читанки. Проблемот на сите три кандидати е немањето автентичен и убедлив капацитет дека во иднина ќе можат да направат разлика во управување со државата и ќе се отклонат од тешката рака на коруптократијата која сака да ги насади на Водно.
Природата на нивните кандидатури е политичка рефлексија на новото време во која лојалноста е мртва и сѐ што вреди е наградата. Определбата на ВМРО-ДПМНЕ да номинирана екс-СДСМ лик, определбата на СДСМ да форсира екс-ВМРО лик и одлуката на Алијансата да номинира лик близок до ДУИ, а притоа сите гракаат унисоно дека станува збор за „натпартиски“ кандидати, е доказ дека и Мицкоски и Заев и Али и Зијадин се свесни дека популарноста на партиите им е на прилично стаклени нозе. И затоа спасот се бара во формулата на „три нијанси на сивило”, изнајмувајќи кандидати отспротива со цел да се даде привид на непартиство без да се наруши монолитот.
Претстојните избори се однапред осудени да бидат сметани за натпревар на партиски рејтинзи, како силен петинг пред парламентарните избори. Прерогатив на кандидатите е што прифатиле да бидат инструменти во таа предигра. И засега таа задача добро ја извршуваат. Силјановска со привлекување на разочараното лево-националистичко крило на СДСМ. Пендаровски со навестување на претопувањето на партиските естаблишменти на Заев и Ахмети. Река со давање до знаење на Заев дека дури и доколку замине Ахмети, СДСМ нема да може да смета на гласовите на Албанците. Но колкав е нивниот капацитет и храброст во престојната трка да излезат надвор од веќе зацртаните шини на предвидливост, од унисоните рецитирања за ЕУ и НАТО? Или пак ќе се осмелат да го сторат она што граѓаните го очекуваат – не да се докажуваат со напади кон вообичаените сомнителни лица отспротива, туку по мангупите од сопствените редови. И со тоа да докажат дека лојалноста кон граѓаните им е побитна од добивањето награда од партијата. Следствено, во Мај ќе добиеме Претседател според теркот на партиите. На следните парламентарни избори Претседателот ќе си добие шеф според проценката на граѓаните. И нивниот осет за лојалност и награда.