1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигнат договор за Брегзит-преодна фаза

ЖА / агенции
19 март 2018

ЕУ и Велика Британија се договорија за преодна Брегзит-фаза до крајот на 2020. година, соопшти британскиот министер Дејвид Дејвис во Брисел на заедничка прес-конференција со ЕУ-преговарачот Мишел Барние.

https://p.dw.com/p/2uaIZ
Belgien  Europa Brexit Michel Barnier David Davis
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Mayo

Преодната фаза би важела 21 месец од  Брегзит во март 2019. година, време во кое Велика Британија ќе мора да се придржува на правилата на ЕУ, но затоа ќе го задржи пристапот кон внатрешниот пазар на ЕУ и ќе остане во нејзината царинска унија, како што соопшти Мишел Барние, преговарачот на Брисел. Оваа точка е посебно важна за фирмите од двете страни на Ламанш, кои на овој начин ќе можат без прекин да продолжат со деловната работа. Но, Лондон нема да учествува во процесите на донесување одлуки на ЕУ во Брисел. Компромисот ѝ даде поттик на британската фунта - британската валута порасна за речиси еден процент на 1,4087 долари.

Преговарачите постигнале сосгласност и во финансиските прашања, како и во поглед на правната сигурност на граѓаните. Со тоа, околу 4,5 милиони луѓе во ЕУ и Велика Британија, засегнати од Брегзит, можат да бидат поспокојни, рече Барние. Договорено е луѓето кои ќе се доселат во ЕУ или Велика Британија по преодниот период, да ги имаат истите права како и претходните доселеници.  

Повеќе на темата: 

Мобинг врз ЕУ-граѓаните во Англија

Може ли Брегзит сепак да биде откажан?

Камен на сопнување во преговорите било и тоа како да се избегне гранична контрола помеѓу ЕУ-членката Ирска и британска Северна Ирска. На ова посебно притиска Даблин, во неопходен случај да се пропише дека северниот дел од островот и по Брегзит ќе мора да се придржува на ЕУ-регулативата, ако не се најде друго решение. Британската премиерка Тереза Меј упорно се противеше на ваков исход. Во предлог-текстот на договорот оваа точка ќе остане отворена.

Зелено светло за компромисот ќе треба да дадат шефовите на држави или влади на ЕУ на самитот на крајот на неделата. Се очекува тие да ги усвојат и одредниците за следните фази од преговорите. Тоа ќе биде уште потешко, зашто во прашање ќе биде идниот трговски договор. До наесен треба да бидат завршени сите отворени точки во идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ по „разводот“.