Потопувањето бродови нема да ги запре бегалците
18 мај 2015Се чини дека ЕУ е одлучна во намерата за спроведување на својот авантуристички план-воени акции против шверцерите на бегалци во Либија. На самитот на НАТО во турскиот град Анталија, Федерика Могерини, надлежна за ЕУ-надворешната политика, на делумно зачудените шефови на дипломатиите им го објасни планот да се пука со топови врз шверцерите. Доколку ОН и либиските власти го одобрат планот, ЕУ веќе во јуни би требало да почне со формирање флота која би ги потопувала бродовите на шверцерите на луѓе во либиските територијални води или би ги лоцирале и уништувале веќе на либиска територија. Бившата италијанска министерка за надворешни работи, сега одговорна за ЕУ-дипломатијата, се најде под жесток притисок од Рим. Италија сака конечно нешто да се преземе против доаѓањето бегалски бродови во земјата.
Могерини овој проект го реализира целно и, за европски стандарди, со експресна брзина. По големата бегалска катастрофа со над 800 загинати во април, шефовите на држави или влади од ЕУ и‘ дадоа налог за испитување делотворна воена акција во Средозeмното Море. Всушност, намерата не беше се‘ да оди толку брзо и радикално, барем не беше таков планот на германската влада. Таа сега зад кулиси се обидува малку „да ја закочи“ акцијата. А за тоа има добри причини.
Многу отворени прашања
Бројни прашања се отворени. Кој би требало да одлучи што е шверцерски брод, а што не? Дали навистина ќе бидат фатени главните организатори и организирано нивно правно гонење? Зарем не постои опасност да страдаат и невини луѓе, доколку трупите на ЕУ ги нападнат шверцерите дури и на либиско тло? Како ќе се заштити ЕУ од можни противнапади? Шверцерите, кои заработуваат милијарди, според сомневањата, сепак тесно соработуваат со сите можни тешко вооружени паравоени структури. Тоа не е акција како онаа против пиратите во морето пред Сомалија, каде бродовите на мисијата „Атланта“ беа неспоредливо посилни од своите противници.
И најважното прашање-може ли оружената акција вистински да ја реши бегалската драма? Одговорот е јасен-не. Луѓето кои веќе нема да можат да бегаат преку море, би „заглавиле“ на подолг рок во Либија и тоа во бедни услови на живот. По некои време мигрантите и шверцерите на луѓе би побарале нови рути. Преку Турција? Тунис? ЕУ првенствено морада го реши својот внатрешен конфликт околу прифаќањето бегалци и мигранти според квоти.
Околу тоа допрва претстојат кавги. Некои држави апсурдната воена акција ја врзуваат со дискусиите околу квотите според мотото: ние ќе се согласиме на напади против шверцерите само ако постои поправилна распределба на бегалците. Бродоломниците како заложници на политичкото ценкање? Тоа е чист цинизам.
Борба против шверцерите на луѓе
Секако, спротиставувањето на криминалните банди шверцери е важно, неизбежно. Но, нивниот бизнис-модел нема да се распадне ако бродовите им бидат потопени, туку само тогаш кога заминувањето во Европа ќе биде можно и на легален начин. Тогаш нема да има потреба од шверцерски услуги. Освен тоа, често прокламираната соработка со земјите на потекло на бегалците се‘уште е само мртво слово на хартија. Причините за бегањето не се отстранети.
Велика Британија, Унгарија, Словачка и други земји изричито одбиваат прифаќање на повеќе мигранти. Тешко ќе биде постигнување нужен пресврт во политиката кон бегалците. Ако ЕУ сега поставува влог врз бродски топови, тогаш тоа оди во прилог на тврдолинијашите. Ним и онака најдрага би им била целосна „изолација“ на Европа според австралиски модел.
Дури и ако ОН, значи Русија и Кина, во Советот за безбедност на ОН ја поддржат мисијата на ЕУ, и тогаш ќе биде потребно „зелено светло“ од либиските власти. Што би било можеби најголемата пречка за воинствените планови на Федерика Могерини. Во таа хаотична држава не постои влада и структури на власт според западен урнек. Патем, Либија се најде во сегашната ситуација барем делумно и поради воената акција (со добри намери) на НАТО во граѓанската војна. Нова воена акција на ЕУ нема да придонесе кон стабилизација. Поради целосно неизвесните последици по бегалците и по самата Либија, ЕУ би требало најдобро да ја заборави воената акција.