Потпишување на договорот за решавање на спорот за името
17 јуни 2018Договорот ќе биде потпишан во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Езеро.
Делегацијата на македонската влада ја предводи премиерот Зоран Заев, а во нејзе се и вицепремиерката, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Македонската делегација во Грција ќе биде пречекана од грчкиот премиер Алексис Ципрас и од грчката владина делегација. Договорот треба да го потпишат министрите за надворешни работи на двете земји - Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц.
На свечената церемонија во Грција свои обраќања треба да имаат премиерите Заев и Ципрас.
Според предвиденото, официјалната средба на двете делегации потоа ќе продолжи на македонската страна на Преспа, во Отешево, каде што двете делегации ќе имаат билатерален разговор и свечен ручек.
За време на целата церемонија, и во Република Грција и во Република Македонија, ќе присутсвуваат Потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации, Розмари Ди Карло, Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и Заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, и Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.