1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Спасување, расчистување-последици од поплавите во Германија

ЖА / агенции
17 јули 2021

Додека бројот на жртви од катастрофалните поплави во западна Германија расте, во погодените региони се сумираат последиците. Претседателот Штајнмајер во посета на загрозените места, канцеларката утре ќе го посети Шулд

https://p.dw.com/p/3wc0B
Deutschland Unwetter Bad Neuenahr-Ahrweiler
Фотографија: Sascha Schuermann/Getty Images

 

Денеска германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер го посети кризниот регион Ерфтштат заедно со покраинскиот премиер на Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет и се сретна со претставници на екипите за спасување. Штајнмајер апелираше до граѓаните  за единство во поглед на катастрофалните поплави: „Штетите се огромни, за расчистувањето ќе треба време, но подготвеноста за помош мора да трае“, порача претседателот. 

Армин Лашет истакна дека станува збор за катастрофа на векот и огромна национална задача, ветувајќи што е можно поскора помош на настраданите. 

Канцеларката Ангела Меркел исто така планира посета на опустошениот регион во Рајнланд-Фалц, таа утре ќе допатува во местото Шулд.

Nach dem Unwetter in NRW l Bundespräsident Steinmeier und Ministerpräsident Laschet besuchen Helfer
Претседателот Франк-Валтер Штајнмајер и покраинскиот премиер на Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет во ЕрфтштатФотографија: Marius Becker/dpa/picture alliance

Додека од многу поплавени области во покраините Северна Рајна Вестфалија и Рајнланд-Фалц водните маси полека се повлекуваат, во урнатините во кризните подрачја и натаму трае потрагата по жртви. До денеска напладне (17.07.2021) бројот на настрадани достигна преку 130. Само во округот Арвајлер според полицијата има преку 90 мртви, но се стравува дека ќе ги има и повеќе, како што соопштуваат од полицијата во Кобленц. Стотици луѓе се повредени, а и тој број може да расте.

Deutschland Unwetter Dernau
Во областа Ајфел цели населби се и натаму под водаФотографија: Christoph Hardt/Future Image/imago images

Посебно големи се стравувањата поврзани со тешко погодениот регион на Ерфтштат во Северна Рајна Вестфалија: „Претпоставуваме дека има повеќе мртви, но точен број не знаеме“, изјави вчера покраинскиот министер за внатрешни работи Херберт Ројл во Диселдорф. Но, и покрај бројни урнати објекти до денеска напладне нема потврда за смртно настрадани во целосно поплавениот кварт Блесем. Портпаролот на округот меѓутоа истакнува дека ситуацијата и натаму е драматична, во Блесем, јужно од Келн, дојде до лизгање на земјиштето и огромни свлечишта, се создаде цел кратер при што пропаднаа три станбени објекти и една историска тврдина. 

-повеќе: 

Катастрофални поплави во Германија: Се трага по илјадници исчезнати

Поплави во Германија: „Сè е разурнато, сè снема!“

Шокантни слики од поплавите во Германија, расте бројот на жртви

Повеќе од два дена по несреќата, во регионите уште се сметаат за исчезнати десетици луѓе. Илјадници припадници на спасувачките екипи се во акција меѓу другото во Ајфел, каде водната стихија во ноќта кон четвртокот уништи цели населби. Во Северна Рајна Вестфалија има најмалку 43 жртви.

Тегобен поглед од небо на настраданите подрачја од поплавите во Германија

Водата полека почнува да се повлекува од повеќе региони. Во Келн водостојот на Рајна го достигна максимумот од 8,06 метри ноќеска, од денеска почнува да опаѓа.

Но на многу места снабдувањето со електрична енергија и телефонските линии уште се во прекин. Во долината на Ар многу сообраќајници се блокирани, инфраструктурата претрпе тешки штети – уништени се мостови, железницата не функционира во делови од Рајнланд-Фалц. Стотици спасувачи се во потрага по мртви, повредени и исчезнати.

Во Северна Рајна Вестфалија во Васенберг, на границата кон Холандија, по попуштањето на една брана на реката Рур е евакуирана населба со 700 жители, улиците во градот се под вода.