1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почеток на коалициони разговори за нова влада во Германија

ЖА / агенции
26 јануари 2018

Партијата на Ангела Меркел - ЦДУ, заедно со ЦСУ и СПД денеска ги почнува официјалните коалициони преговори за формирање нова влада. Но, тоа уште не значи дека ќе дојде до ново издание на голема коалиција во Берлин.

https://p.dw.com/p/2rXkK
Deutschland Große Koalition Sondierungsgespräche | Seehofer & Merkel & Schulz
Фотографија: picture-alliance/dpa/B.v. Jutrczenka

Четири месеци по парламентарните избори во Германија, денеска прво се состануваат тројцата партиски лидери, а потоа коалиционите разговори продолжуваат со учество на 15 политичари од ЦДУ, ЦСУ и СПД. Вчера СПД го соопшти составот на својот преговарачки тим и своите преговарачки позиции.

Спорно е колку брзо може да се дојде до договор. ЦДУ и ЦСУ вршат притисок за што поскоро завршување на советувањата, но лидерот на СПД, Мартин Шулц, предупреди да не се брза непотребно, споменувајќи рамка од две недели. Унијата би сакала до 8. февруари веќе да има решение за ново издание на големата коалиција.

Повеќе на темата: 

Германија: Социјалдемократите на крстопат

Никој не си игра со Ангела!

По согласноста на партискиот конгрес на СПД од изминатиот викенд во Бон, но со тесен резултат од 56 проценти за почеток на коалициони разговори, се наѕираат макотрпни преговори. СПД гледа неопходна потреба од подобрување на резултатот постигнат во сондирачките преговори во врска со временски ограничените договори за работа на вработените, правото на бегалците со ограничена заштита да ги доведат своите семејства и здравственото осигурување на граѓаните. Унијата пак во основа одбива измени во веќе постигнатите договори во сондирањето.

Доколку преговарачите постигнат согласност, на патот до нова влада стои уште една пречка. За резултатот од коалиционите преговори треба да се изјаснат преку 440.000 членови на Социјалдемократската партија. Тој процес ќе трае уште три недели. Во СПД и натаму постои силен отпор кон повторна голема коалиција. Мартин Шулц ќе мора да ги „скроти“ првенствено младите но и останатите контрирачи, кои неуморно агитираат за прием на нови членови во партијата, кои ќе гласаат против коалиција со ЦДУ и ЦСУ.