Почина потпретседателот на Бундестагот, Томас Оперман
26 октомври 2020Томас Оперман вчеравечер колабирал во тек на снимање за вториот канал на германската телевизија ЗДФ, по што бил пренесен во болница. Веста за неговата смрт ја пренесе изутринава неговиот партиски колега Хубертус Хајл. Тој на Твитер напиша: „Веста за изненадувачката смрт на мојот колега и другар Томас Оперман ме исполни со длабока тага. Томас со својата страст и разум има заслуги за нашата земја и социјалдемократија.“
Копретседателот на СПД, Норберт Валтер-Борјанс исто така на Твитер напиша дека веста за смртта на Оперман „е шок за сите нас“: „Длабоко сме потресени и тагуваме заедно со неговото семејство.“
Политичката кариера на Оперман почна во 1980 година со неговото приклучување кон Социјалдемократската партија (СПД). Во 1990 година тој стана член на покраинскиот парламент во Долна Саксонија, а по покраинските избори во март 1998 година тогашниот премиер Герхард Шредер го назначи Оперман за министер во својот кабинет. На предвремените избори за Бундестагот, во септември 2005 година, Оперман доби директен мандат во сојузниот парламент. Во 2013 година 91% од пратениците на СПД гласаа за Оперман како нов шеф на пратеничката група на во Бундестагот. На таа позиција беше до 2017 година. Оттогаш Оперман беше на позицијата потпретседател на Бундестагот. Тој особено се залагаше за намалување на сојузниот парламент и за реформа на избирачкото право.
На крајот на август Оперман најави дека нема да се кандидира на наредните парламентарни избори. „По 30 години како пратеник во покраинскиот парламент во Долна Саксонија и во германскиот Бундестаг, дојде вистинсккиот момент за мене да правам нешто други и да се посветам на нови проекти“, објасни тој.