1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна Народниот конгрес во Кина: Нервоза и славје

Франк Зирен
22 мај 2020

На Националниот народен конгрес, Пекинг ќе ја слави победата над коронавирусот. Зад кулисите владата мора да одговара и на некои непријатни прашања, смета Франк Зирен.

https://p.dw.com/p/3cbDJ
China - Xi Jinping
Фотографија: picture-alliance/X. Guangli

Симболичното значење не е за потценување: со речиси два месеца задоцнување, од денеска почна да заседава кинескиот Национален народен конгрес во дотераниот град. Долго изгледаше како годинешната средба на околу 3 илјади делегати од сите провинции заради епидемијата на вирусот да ќе се одржи во најдобар случај онлајн. Тоа што кинескиот таканаречен парламент сепак се собра во Големата хала на народот треба пред сѐ да сигнализира една работа: Кина се справи со кризата за разлика од многу други земји.

Пекинг сепак не може целосно да се врати во нормала. Во главниот град и натаму важат строги правила за карантин. На странски новинари не им е дозволен влез. Пекинг го диктира наративот и повеќе од вообичаено.

China - Xi Jinping
Делегатите му аплаудираат на кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: picture-alliance/AP/N. Han Guan

Регионалните политичари ќе имаат прашања

И покрај сета нанадвор демонстрирана сигурност во победата, владата годинава ќе мора да одговара на неколку тешки прашања кои регионалните политичари ќе ги имаат за Пекинг. Сакаат детално да знаат како владата ќе спречи втор бран инфекции и како во иднина ќе може да се спречуваат такви катастрофи. Не заборавиле дека обидот да се премолчи избувнувањето на епидемијата не заврши славно. Конечно мораа токму во провинциите да го платат цехот за тоа.

Покрај превенцијата и борбата со зарази, ќе се зборува пред сѐ за тоа како економски да се врати земјата во нормала. Пекинг всушност сакаше годинава да ја постигне самопоставената „цел на столетието”: скромна благосостојба за сите Кинези. Сега Пекинг се бори со голем број невработени лица. Потрошувачката уште не функционира како што беше посакувано.

Frank Sieren *PROVISORISCH*
Франк ЗиренФотографија: picture-alliance/dpa/M. Tirl

Ако државата не преземе ништо, во најлош случај и’ се закануваат социјални немири. Соодветно на тоа ќе има и тензии на парламентарната седница. Во Парламентот нема слободно гласање, но дискусиите зад кулисите со години се жестоки и контроверзни. Секој регион има свои грижи и потреби. Пратениците се обидуваат што е можно повеќе да ‘извадат’ за својата провинција. На многумина им е јасно дека актуелниот товар не може да го носат сами.

Нема пакет помош што ќе помогне на светската економија

Дури и во самата влада не се сложни што е сега подобро - да се инјектираат повеќе пари во економијата, или да се остави таа да се опорави од сопствени сили? Актуелно државната програма за конјунктурата по релевантни проценки е околу 4 проценти од брутодомашниот производ. За време на светската финансиска криза 2008/09 Кина инвестираше 10 проценти од БДП. Во Јапонија сега тоа се преку 20 проценти, Американците одвојуваат 13 проценти, а Германија 10.

Кина значи има уште простор за зголемување. Веројатно е дека премиерот Ли Кечијанг за време на Народниот конгрес, покрај годишната цел за раст на економијата, ќе најави и големи инфраструктурни проекти. Државните градежни фирми веќе јавуваат за зголемена побарувачка. Опширен пакет за помош кој на крај ќе ја извлече целата светска економија од кризата, нема да има.

Пекинг сака задолжувањето по секоја цена да го држи под контрола. Тоа изнесува 250% од БДП и веќе е многу високо. Но, Кина барем не должи речиси ништо на други земји, задолжувањето во странство е ниско. Таквата независност Пекинг сака да ја сочува.

Повеќе:

Трамп се заканува со прекин на односите со Кина поради коронавирусот

Втор корона бран од североистокот на Кина?

„Преработена“ статистика - во Вухан 50 проценти повеќе жртви од коронавирус

На константен пат кон нормала

Бројките од Кина влеваат надеж дека Народната република полека, но константно е на пат на враќање во нормала. Во првиот квартал со минус 6,7 проценти мораше да го претрпи најстрашниот пад на економијата по смртта на Мао. Изненадувачкиот пораст на извозот во април од 3,5 проценти е добар знак, исто како и 45-те милијарди суфицит во трговската размена. Индустриското производство е веќе на нивото од лани. Западни аналитичари сметаат дека е можно Кина годината да ја заокружи со дури еден до два процента економски раст.

Тоа е добро и за германската економија. Досега Европа и Германија повеќе извезуваа во САД отколку во Кина. Тоа во оваа кризна година за првпат може да се промени. Додека Европа со оглед на корона пандемијата со право размислува како може да се намали економската зависност од Кина, кризата прво може да доведе до уште поголема зависност - едноставно од недостиг на алтернативи.

China Peking | Tiananmen Platz
Плоштадот Тјенанмен во Пекинг пред почетокот на Народниот конгрес (21.05.2020)Фотографија: picture-alliance/AP Images/K. Kataoka

Дали повторно ќе заживее трговскиот спор со САД?

Тоа секако важи само во случај Кина да спречи втор бран на вирусот. Актуелно градот Јилин на североистокот на земјата заради нови кластери на заразени, се изолира од околината. И тоа иако бројот на заболени со 125 случаи е низок во споредба со европските и американските градови. Во Вухан новите инфекции се причина за тестирање на сите 11 милиони жители до 24 мај.

И тука во преден план е симболичното значење. Со острите мерки Пекинг пред Националниот народен конгрес сакаше уште еднаш да демонстрира одлучност. Треба да се покаже дека Кина и натаму има начини и средства да го сузбие вирусот, за разлика особено од САД.

Едно нешто ги обединува парламентарците и партијата годинава: национализмот, кој како реакција на анти-кинеските пароли на Трамп процвета повеќе од кога било. Со оглед на таквото расположение, дискутабилно е дали договорот за трговскиот спор ќе го преживее летото.

Нашиот колумнист Франк Зирен живее повеќе од 20 години во Пекинг.