Прагматизам во грчката политика кон бегалците
10 март 2016Со помош на армијата, која од крајот на февруари наголемо работи на изградба на прифатни центри за бегалци, работата би требало да оди брзо. Грчката левичарска влада уште во 2015 година вети дека до крајот на годината ќе создаде место за 50.000 бегалци, но тоа не беше сторено.
Во времето на кампањата левичарската Сириза на премиерот Алексис Ципрас жестоко ја напаѓаше рестриктивната политка кон бегалците на тогашниот конзервативен премиер Андонис Самарас, а само неколку недели по свртувањето на Грција в лево беше затворен најголемиот и преполн камп за прием на бегалци во атинското предградие Амигдалеза. Министерот за цивилна заштита Јанис Панусис тогаш вети дека ќе бидат отворени нови „центри за добредојде“, во кои ќе владеат, како што рече, „човечки услови“.
Со отворањето на нов камп за прием на бегалци, со забрзано темпо, Ципрас сега се осмелува на пресврт во насока на реализам, уверен е Јоргос Цогопулос, соработник на атинската тинк-тенк организација ЕЛИАМЕП. Тој за ДВ оценува дека за левичарскиот премиер нема друга алтернатива освен отворање сместувалишта за бегалци и мигранти. Дали поради тоа ќе има бунт во Сириза, слично на ситуацијата летото 2015-та, кога левичарското крило на партијата од протест поради политиката на штедење на Ципрас откажа послушност? „Не верувам, поради тоа што за актуелната лоша состојба обвинивме други, имено државите на Вуишеградската група и Турција“, објаснува Цогопулос.
Жителите протестираат
Но не се сите согласни со итните акции кои се преземаат. На викендот атинската полиција првпат го расчисти централниот плоштад Викторија, кој во текот на изминатите месеци беше отворен камп и место за средба на бегалци и мигранти од цел свет. Цели семесјтва бегалци беа транспортирани во камповите за прием. Според владини наводи, полициската акција е обид да им се запре бизнисот на криумчарите на луѓе кои се врткаат таму. Но градоначалникот на Атина, социјалдемократот Јоргос Каминис, постави услов - за да се стават воопшто на располагање простории за сместување на бегалците, треба прво да биде расчистен плоштадот.
Сега во целата земја би требало да се отворат т.н. „хотспотс“, односно центри за регистрација и прием на бегалци. Но, тоа е поедноставно да се каже отколку да се направи. На пример, кога во селото Атирон се расчу дека локалните власти на армијата ѝ ставиле на располагање 10 хектари земјиште за градење на камп за прием на бегалци, жителите почнаа невообичаена акција - по залезот на сонцето го изораа целиот простор, поради што тој потоа беше сосема несоодветен за градба на објекти.
И во атинското предградие Илион, каде се планира хотспот за 1000 бегалци, локалните власти соопштија дека почвата е несоодветна за какви било градежни работи.
Но, има и спротивни примери. Во Кожани градоначалникот Лефтерис Јоанидис се покажа како особено пријателски настроен кон бегалците и на средината од февруари дозволи отворање камп за прием на 150 бегалци. „За само неколку часа организиравме сместување на бегалците во една спротска сала“, објасни Јоанидис во едно ТВ-интервју.