1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците решаваат: Уставни измени или избори?

19 октомври 2018

Во пресрет на денешната седница на парламентот, од Брисел и Вашингон стигнаа пораки на охрабрување до пратениците за поддршка за уставните измени. Руското МНР тоа го нарече „најгрубото мешање на САД и ЕУ“.

https://p.dw.com/p/36oCG
Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Уставни измени или избори? Одговорот на ова прашање може да се знае уште денеска, но само ако завршат дискусиите на сите пријавени пратеници од мнозинството, и ако веднаш потоа се премине на гласање за владиниот Предлог за пристапување кон измени на Уставот. На претходното продолжение, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и нивната Коалиција „За подобра Македонија“, најавија дека се откажуваат од дебатата која ја нарекоа „јалова“ и соопштија дека ќе гласаат против уставни измени.

Најавата дека в понеделник во Македонија доаѓа заменик-помошникот државен секретар за европски прашања Метју Палмер „на разговори за поддршката на САД на Договорот од Преспа и важноста да се продолжи со реформската агенда на Македонија“, отвори извесни дилеми во јавноста: дали можеби гласањето ќе биде одложено до завршувањето на неговата посета? Владини извори неофицијално велат дека тоа е „претходно договорена, редовна посета“, и не треба да се поврзува со динамиката на собраниската седница.

Zoran Zaev mit Mike Pence in Washington
САД и натаму со поддршка на уставните измени: Зоран Заев и Мајк Пенс неодамна во ВашингтонФотографија: Mazedonien Regierung

Поддршка од Вашингтон

Денешното продолжение на 61. седница на парламентот започнува во 12 часот. Во пресрет на нејзиното одржување стигна безброј пораки на охрабрување од европратеници до македонските пратеници - да ги поддржат уставните измени. И не само од нив. Синоќа, додека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и генералниот секретар, Игор Јанушев, вечерта ја поминуваа на таканаречена комитска вечер во организација на Општинскиот Комитет од Сарај, претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, преку Твитер им порача дека „треба да се преземат клучни одлуки во Поранешната Југословенска Република Македонија, кои ќе бидат дефинирачки за идните генерации“. „Опозицијата има голема одговорност за патот на земјата кон ЕУ и НАТО и треба да биде конструктивна во демократскиот процес“, порача Дол.

Повеќе: 

Македонија на крстопат што ќе и ја одреди судбината

Филозофијата на Жан Пол Сартр во делата на Христијан Мицкоски

Ова е негова втора порака за десет дена. Во пртходната изрази „разочарување од улогата на опозицијата во процесот досега“.

Порака на охрабрување до пратениците стигна и од Вашингтон.

„САД ги поттикнуваат лидерите во македонското Собрание да ги надминат партиските политики и да ја искористат историската можност за подобра иднина на земјата“, се вели во изјава од Стејт департментот за грчката новинската агенција АНА-МПА.

Од таму потенцираат дека САД силно ја поддржуваат целосната имплементација на Договорот од Преспа, кој ќе овозможи Македонија да го земе нејзиното заслужено место во НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија, што ќе придонесе за регионална стабилност, безбедност и просперитет.

„Бидејќи во македонското Собрание продолжува расправата за уставните измени, ги поттикнуваме лидерите да ги надминат партиските политики и да ја искористи оваа историска можност за да се обезбедат подобра иднина за земјата како полноправна членка на западните институции“, е пораката од Вашингтон. 
Ваквите пораки не и се допаднаа на официјална Москва која го обвини Стејт Департментот за „најгрубо мешање во внатрешните работи на Македонија“. Со идентичен став се огласија претставниците на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), кои ја критикуваат „условеноста на Македонија за промена на уставното име, по цена на придобивките наведени во Преспанскиот Договор“. 

Mazedonien Ministerpräsident Zoram Zaev
Премиерот Заев вели дека верува во договор во СобраниетоФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Заев: Јас верувам!

На домашен терен растат очекувањата да заврши неиzвесноста и да се отворат перспективите на земјата. Никој ниту лицитира, ниту прогнозира каков би бил исходот на собраниската седница, односно дали е обезбедено двотретинско мнозинство. Дури и премиерот Заев се повика на чудо.

„Јас верувам. Јас сум верник. Некогаш и чуда се случуваат. Гледате, транспарентни сме до крај. Дебатата е отворена, навистина прифативме многу иницијативи што дојдоа од пратениците. Подготвен сум и понатаму да разговарам за иницијативите од пратениците, во функција на она што е дополнителна грижа произлезена од преговарачкиот процес, а тоа е да го зацврстиме идентитетот, да го потврдиме јазикот, да гарантираме тоа што го правиме дека ќе биде исполнето од грчка страна, да ја гарантираме европската иднина на Македонија (...) Она во што јас верувам, е дека пратениците ќе се смогнат сили, ќе се изнедри енергија, ќе се собере храброст, ќе се сплоти одговорност, за да се добие минимум двотретинско мнозинство“, изјави премиерот.

Повеќе: 

Заев и Ципрас остануваат верни на Договорот од Преспа

Оставката на Коѕијас и политичкиот цинизам на Ципрас

Претходно, координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Томислав Тунтев, ги повика сите пратеници да покажат одговорност за историскиот момент.

„Алтернатива не постои. Секој друг предлог за друг пат на Македонија значи туркање на нашата држава во нови изолации и кризи. Македонија припаѓа на западниот свет, без разлика што Христијан Мицкоски има проблем со тоа (...) Но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да се издигнат над ставот на антизападниот партиски лидер и да се приклучат во процесот што обезбедува европска иднина. Убеден сум дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се за влез во ЕУ и НАТО. Сега е историскиот момент да го покажат тоа на дело. Ајде сите пратеници, без разлика на партијата од која доаѓаме да ја обезбедиме иднината на нашите граѓани“, повика Тунтев.