Усвоена Резолуцијата за преговорите со Бугарија
29 јули 2021Македонското Собрание ја усвои Резолуцијата за утврдување на државните позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. За Резолуцијата гласаа 96 пратеник, 95 гласаа „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата - Република Северна Македонија.
„Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Токму затоа со оваа Резолуција посакуваме да ставиме крај на постојано присутните тенденции на негирање на волјата на народот и на преговори без граници за теми и дилеми кои припаѓаат во вековите од далечното минато“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски. Тој смета дека со Резолуцијата на македонската дипломатија и се дава цврста алатка во раце, со која на меѓународната сцена одговорно ќе се грижа за целосна заштита на македонскиот идентитет, традициите, етнокултурна посебност, колективниот интегритет...
-повеќе на темата: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се обединат за јазикот и идентитетот
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески ги повтори црвените линии во преговорите со Бугарија. „За македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност, немало, нема и никогаш нема да има преговори. Едноставно, не може да се преговара за тоа што е неспорен факт. Денес, за целиот свет ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик“, рече Митрески.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го поздрави донесувањето на Резолуцијата во македонското Собрание со која јасно се оцртуваат национални и државни позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет.
„Ваквата Резолуција како акт на законодавниот највисок демократски дом не може и не смее да биде прекршен и ќе биде обврзен акт за оваа и секоја идна Влада, претседател на држава и секоја институција по однос на идентитетските теми и прашања“, вели Мицкоски.