Прво да се договорат ЕУ и САД, па потоа Белград и Приштина?
7 септември 2020Србија, Косово и американскиот претседател Доналд Трамп во петокот во Белата куќа ставија потписи на она што за Вашингтон е историски договор за „нормализација на економските односи помеѓу Србија и Косово“. За Србија станува збор за „билатерален договор со САД“, за Косово е меѓудржавен договор со Србија, а за ЕУ е „документ“ за кој, ете, знааат дека постои. Покрај различната интерпретација на различните документи кои ги потпишаа различни страни, она што е јасно од увидот во завршниот текст(ови) е дека економскиот и политичкиот пристап се испреплетуваат низ разновидни теми од инфраструктурни проекти, трговија, енергетика, религиозни слободи, права на ЛГБТ заедницата до 5Г мрежа и односите со Израел.
И додека специјалниот пратеник на американската администрација Ричард Гренел овој договор го опишува како „резултат на поинаков вид дипломатија на американскиот претседател Доналд Трамп“, од другата страна на Атлантикот овој пристап е оценет како едностран и типично „личен пристап“ на претседателот Трамп заснован на трговија во поширока смисла на зборот.
„Се работи за необврзувачки документ кој најмногу служи за прогласување на некој голем и историски успех, впрочем како што е сѐ историско кај претседателот Трамп. Во документот влегло сѐ што може да се искористи за остварување на целта на Трамп два месеца пред изборите во САД, а што можеше да го прифатат и Србија и Косово“, вели членот на Советот за демократизација на политиката од Берлин, Бодо Вебер за ДВ.
Повеќе:
Србија и Косово со посредство на Трамп ги нормализираа економските односи
САД сакаат да изнудат решение за косовскиот конфликт
Србија - Косово: Историските амбиции на Трамп
За разлика од актуелната американска администрација, германскиот аналитичар смета дека политички конфликт не може да се реши со економска нормализација, ниту дека може да дојде до економска нормализација без решен однос меѓу државите. Вебер укажува на фактот за кој се свесни и во ЕУ, и на Западниот Балкан, а тоа е дека поради големото влијание на САД и претседателот Трамп, ни Косово ни Србија не беа во можност да го одбијат процесот кој го организираше Вашингтон, но и дека поголемиот дел од договореното во Белата куќа воопшто нема врска со решавање на конфликтот меѓу Србија и Косово.
Брисел е информиран, но „не гледа“ историски договор
На информациите за „историски договор“ во Вашинтон, речиси и да немаше реакција од официјален Брисел. Дури на инсистирање на медиумите ЕУ, како главен посредник во преговорите меѓу Белград и Приштина, да ги искоментира дводневните случувања на највисоко политичко ниво во Белата куќа, се огласи само портпаролот на ЕК, Петер Стано.
„Информирани сме за потпишување на документ помеѓу Белград и Приштина во Белата куќа во Вашингтон. Очекуваме да ги поздравиме двете страни кои во текот на викендот и следната недела ќе продолжат со работа на сеопфатната спогодба за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово, базирана на меѓународното право и европски критериуми“, порача Стано.
ЕУ на почетокот на годината беше резервирана кон намерите кои во Вашингтон ги потпишаа претставниците на Белград и Приштина, а кои се однесуваат на нормализација на авио и железничкиот, и патниот сообраќај. Неофицијално во Брисел велат дека повеќе сакаат да видат конкретна одржлива имплементација на договореното, отколку хартија и потпис.
Истовремено, Брисел нагласува дека целта на дијалогот кој се води под закрила на ЕУ е решавање на сите отворени прашања меѓу Србија и Косово, еднаш засекогаш низ правно обврзувачки договор.
„Што и да прават Србија и Косово со други страни, а служи како поддршка на дијалогот кој го води ЕУ и носи конкретни и одржливи резултати во нормализација, модернизација и е придонес на нивиот пат кон ЕУ, е позитивно и за нас“, додаде Стано.
Она што изгледа како „отворен конфликт“ на линија САД-ЕУ, кога станува збор за процесот на нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина, малку стивна на почетокот на мандатот на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, по што, барем во официјалните изјави, Брисел и Вашингтон се „блиски партнери кои имаат исти цели за Западниот Балкан."
„Дојде до подобрување на комуникацијата, но тоа е далеку од координација“, оценува за ДВ, Бодо Вебер и додава: „САД и понатаму продолжија да си го гледаат само личниот интерес и не се грижат многу за процесот којшто го води ЕУ, кој пак е со многу посериозна цел, а тоа е конечна и сеопфатна правно обврзувачка спогодба“, вели Вебер.
Тој укажува дека во Брисел и Вашингтон дури не се водат ниту паралелни процеси на дијалогот меѓу Србија и Косово, како и дека станува збор за целосно одвоени процеси со свои недостатоци.
„ЕУ досега се покажа дека не е единствена и така го поткопува сопствениот дијалог, додека администрацијата на Трамп е единствена, но водена од сопствени интереси, а не од интересите за изнаоѓање трајно решение за Србија и Косово“, заклучува германскиот аналитичар.
Чекајќи го „џентламентскиот договор“ помеѓу ЕУ и САД
Веднаш по Вашингтон, делегациите на Србија и Косово директно се префрлија во Брисел, каде денеска на ред е трета рунда на преговори помеѓу претседателот Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдула Хоти.
Овојпат на преговарачката маса наместо Ричард Гренел и Доналд Трамп седат Мирослав Лајчак и Жозеп Борел, шеф на дипломатијата на ЕУ.
Откако во јули годинава повторно е рестартиран дијалогот меѓу Белград и Приштина, по дваесетмесечна блокада, во Брисел се инсистира на нова динамика и конечна спогодба за нормализација на односите во рок од „неколку месеци, а не години." Многумина би се согласиле дека тоа е прилично оптимистички пристап ако се земе предвид досегашниот стаж на бриселските преговори од речиси 10 години.
Што точно е тактиката на ЕУ?
Конкретно, ЕУ очекува експертите да ги финализираат прашањата поврзани со исчезнатите и раселените лица, како и економските односи меѓу двете страни, за да може Вучиќ и Хоти да ги отворат поглавјата за положбата на етничките малцинства, меѓусебните финансиски побарувања и имот.
Темите се важни, а разликите големи, па многумина со право се прашуваат дали такво нешто воопшто може да се заврши на добар начин и што точно е тактиката на ЕУ.
„Јас не верувам дека некој во лето успеал да реши каква било економска тема, ниту прашање за исчезнати. За жал, она што го гледаме повторно е нетранспарентност во преговорите. Ако е ова навистина ресетирање на преговорите за сеопфатно решение, тогаш јас не умеам да препознаам каков е сега пристапот на ЕУ во преговорите“, наведува Вебер.
Мнозинството познавачи на процесот на Бриселскиот дијалог, блокадата во преговорите ја ставаат на сметка на досегашната шефица на европската дипломатија, Федерика Могерини, токму поради нетранспарентно водење на дијалогот. Со новиот тим на ЕУ во 2020 дојде до нов ентузијазам, нова динамика и посветеност на Брисел на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но останаа и старите проблеми на затворен процес, полуизјави и меѓусебни обвинувања на претставниците на Србија и Косово.
Избори во САД
Аналитичарите укажуваат на тоа дека првите резултати и сериозна и конзистента работа на обновениот дијалог меѓу Белград и Приштина не треба да се очекува пред ноемвриските избори во САД, кои во голем дел ќе ги одредат идните односи помеѓу Брисел и Вашингтон, па и нормализацијата на односите помеѓу Србија и Косово.
„Каков и да е новиот пристап и концепт на господата Лајчак и Борел, ако воопшто го имаат, тој во моментов е замрзнат додека не се видат резултатите од изборите во САД. Ако победи Бајден, ќе се вратиме на старата линија, каде ЕУ има водечка улога, со силна улога на Германија и поддршка од САД. Ако остане администрацијата на Трамп, тогаш може да дојде и до промена на американската мотивација, која сега исклучиво се раководи од изборите и ‘џентламенскиот договор’ за неков вид на поделба на работата во овој процес“, предвидува Бодо Вебер.