1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Преголемиот Александар“

24 јуни 2011

Поставувањето на споменикот на Александар Велики, официјално означен како „Воин на коњ“, во центарот на Скопје и натаму е тема за весниците во Европа, денеска во „Ноjе цирхер цајтунг“ и „Интернешенел хералд трибјун“.

https://p.dw.com/p/11ipp
„Интернешенел хералд трибјун“-насловна страница со споменикот од СкопјеФотографија: DW

„Александар преголемиот“ е насловот на текстот во „Ноjе цирхер цајтунг“, во кој на почетокот се констатира:

„Тој е тука! На огромни камиони Александар Велики, заедно со неговиот пастув Букефал стигна на плоштадот Македонија во Скопје“. Потоа весникот пренесува први реакции на луѓето: „Еден угостител се жали поради сенката што сега паѓа врз неговото кафуле. Минувачи се собираат на плоштадот за внимателно да ја набљудуваат статуата. Ученици прават вицови за импозантната анатомија на пастувот. Неколкумина пензионери дискутираат попринципиелно: еден се радува дека плоштадот отсега ќе изгледа ’како во светски град‘. Другите ја тресат главата: сето тоа е прескапо - се зборува за пет милиони евра - а притоа еднас третина од луѓето се без работа. Вистинската цена се држи во тајност, владата молчи.

Но не и грчката. Статуата е провокација, велат кај јужниот сосед. Таа претставува узурпација на грчката историја и ги торпедира настојувањата на Атина да се најде решение во спорот околу името. Грција во државното име на Република Македонија забележува тајна аспирација кон нејзината истоимена северна провинција и затоа го блокира пристапувањето на соседната земја кон НАТО. Тоа е како Франција да му подметне на швајцарскиот кантон Јура поради името алчност за анексија на француската Јура. Балканска приказана.

Во Македонија се разидуваат мислењата околу тоа, дали има смисла со статуата на Александар да се дозатегнат и онака напнатите грчки нерви. Но итрецот, шефот на владата уште еднаш е чекор понапред од сите: статуата сега официјално се вика ’Воин на коњ‘“, се вели на крајот од написот во „Ноје цирхер цајтунг“.

Logo: Neue Züricher Zeitung, NZZ
„Ноjе цирхер цајтунг“

„Македонија се навраќа на славата од минатото“

„Интернешнл хералд трибјун“, пак, во денешното издание, покрај голема фотографија на споменикот во Скопје на насловната страна, објавува и анализа за македонско - грчкиот спор. Во текстот „Македонија се навраќа на славата од минатото“ се вели дека „според многумина во Македонија, соседите ја заплашуваат оваа мала балканска земја веќе подолго време. Бугарите гледаат на нејзините граѓани како на Бугари со поинаков акцент. Србија ја смета земјата за Јужна Србија. Грција ја обвинува земјата за ништо друго, освен за крадењето на нејзиното име, историја и националните симболи. Оваа недела Македонија го возврати ударот“.

Прилогот понатаму се задржува на поставувањето на споменикот.

’Ова е начин Македонија да го потврди своето национално постоење‘, вели Василики Неофотистос, антрополог од Државниот универзитет на Њујорк во Бафало, кој ги проучува идентитетските политики во Македонија. ’Македонија сака да настапи со тезите дека таа е каментемелник на Западната цивилизација‘, додава Неофотистос.

Ова повеќе не е филозофска дилема. Македонија е заглавена во еден од најнерешливите спорови во постокомунистичкиот свет. Грција ги држи меѓународните односи во заложништво во минативе 20 години, поради тоа што смета дека со името Макдонија се присвојува нејзиниот хеленски идентитет, а и нејзината северна провинција со истото име.

Ако не може да има богатство, Македонија, земјата на два милиона население со 31 процент невработеност, сака признавање. Врзувањето со глобално познатата античка личност е одек на луѓето кои чувствуваат дека се маргинализирани со векови, стои, покрај другото, во текстот на „Интернешнл хералд трибјун“.

Во подолгиот напис во „Интернешнл хералд трибјун“ се разработуваат многу аспекти од македонско – грчкиот спор. Се потсетува на двете блокади од грчка страна – онаа во 2008-ма за прием во НАТО и таа во ЕУ за почеток на преговори, како и дека земјата во меѓувреме е признаена од 135 земји. Текстот потсетува и на привремената спогодба од 95-тата, кога Грција го повлече ембаргото и се согласи да не ја блокира земјата во меѓународните институции. 16 години подоцна, двете страни уште преговараат за новото име, стои во текстот .

Автор: „Ноjе цирхер цајтунг“/„Интернешенел хералд трибјун“

Превод: Зоран Јордановски/ Александар Методијев

Редактор: Жана Ацеска