1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред 15 години на Паневропскиот пикник беше подотворена “железната завеса”

19 август 2004
https://p.dw.com/p/AezT

На денешен ден пред 15 години на границата меѓу Унгарија и Австрија се одржа голем празник на мирот, таканаречениот Паневропски пикник. Манифестацијата беше можност граѓани на тогашната Германска Демократска Република во голем број по заобиколен пат низ Унгарија и преку отворената унгарско-австриска граница да преминат во Западниот дел на тогаш поделената Германија. Претходно во Будимпешта амбасадата на Сојузна Република Германија беше преполна со илјадници бегалци од источниот дел на земјата. На Паневропскиот пикник кај Сопрон границата меѓу неутрална Австрија и членката на Варшавскиот пакт Унгарија беше отворена неколку часови. Меѓу оние што ја искористија беше и тогаш 14-годишната Корнелија Геншо, која денес живее во Бон: “Моите надежи се исполнија. Мислам дека е многу важно да се одрасне во слободна земја, таму да може слободно да се мисли и да се прави се”- вели таа потсетувајќи се на тие денови.

Оние 40 или 50 илјади источни Германци, кои тоа лето го одбраа патот за бекство на Запад преку Унгарија, а не успеаја на тој ден да минат преку "железната завеса", сепак три недели подоцна, на 10-ти септември, добија можност преку Австрија, која како и Унгарија ги отвори границите за нив, да стигнат во западниот дел на Германија. За сите сонот за слободен премин кон Западот се оствари со падот на Берлинскиот зид во ноември истата година, а наското потоа уследи и обединувањето на Германија.