„Предвремени избори никогаш не се знак на стабилност“
10 март 2014Покрај редовните претседателски избори во Македонија, распишани се и предвремени парламентарни, кои за Дојче веле ги коментираат неколкумина пратеници од Бундестагот кои се занимаваат со Западниот Балкан и кои, како што велат - порадо би сакале збор да имаат за стартот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ или да реагираат по повод решениот спор со името!
„Сметам дека предвремените избори сами по себе и распуштањето на Собранието, нема да бидат пречка за еврпскиот пат на Македонија. Право на секоја држава е да повлекува консеквенции од одредени ситуации и да избере нов парламент и влада. Би рекол дека ваквиот процес сам по себе е знак на востановена и разумно водена демократија. Но, јас во Македонија гледам други проблеми кои, како и порано, го блокираат почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е пред се‘ непроменетата позицијата на Грција околу спорот со името. За жал, морам да констатирам дека нам, кои во тешката криза и‘ помогнавме Грција, не ни појде од рака таа помош и солидарност да ја условиме. Како што кажав многупати досега, очекував резултат преку мотото - кога вам мили Грци ние ви помагаме, помогнете и вие и отворете го патот за Македонија. Тоа можеше добро да се поврзе, но за жал, во Унијата не беше прифатено и прашањето остана отворено“, вели за ДВ Јирген Климке, член на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот. Тој е на мислење дека оние кои ќе ја добијат довербата на македонскиот народ треба да придонесат спорот со името со Грција да се сведе на најмал проблем на европскиот пат. Зашто Грција, а и други европски држави, се' почесто ја пласираат тезата дека Македонија е се' уште незрела за ЕУ, па се наведуваат прашањата околу слободата на медиумите, проблемите околу независното судство, законските промени околу абортусот, законот за антидискриминација од кој се исклучени оние со различна сексуална ориентација...
„Тоа се работи кои покажуваат дека Македонија ја нема достигнато европската зрелост. Задача на новата влада и на парламентот би била овие нешта да се подобрат и да се расчисти патот за оние работи кои се оценуваат како критични, па да остане само спорот со името, па и тоа прашање да се реши. На ова беше фокусиран и критичниот извештај на Стејт Департментот кој практично покажа дека во Македонија има премалку јавна дискусија - во медиумите и во општествените структури, а тоа се работи кои мора да се елиминираат“, анализира за ДВ Јирген Климке (ЦДУ-ЦСУ).
Решавање на дефицитите
„Патот на Македонија кон ЕУ нема да зависи од парламентарните избори, иако секако при гласањето може да има резултати кои ќе донесат промени. Но, кога станува збор за членството во ЕУ сите македонски партии се единствени и сметаат дека местото на земјата е во Унијата. Независно дали Грција и Кипар понатаму ќе ја блокираат Македонија, секоја нова влада треба да се погрижи во земјата да владее демократија и транспарентност. Не смее овие дефицити да се кријат со спорот со името“, категоричен е и Дитмар Нитан од пратеничката група на социјалдемократите во Бундестагот, според кого има причини за загриженост, имајќи ги предвид состојбите во медиумите и слободата на изразувањето, како и недоволната волја владата да ги истурка до крај демократските реформи.
И Штефан Либих од Партијата на левицата предвремените избори ги квалификува како внатрешна работа на земјата. Тој едновремено забележа дека и по изјаснувањето, европските интеграции остануваат најголем проблем чие решавање и натаму не зависи исклучиво од Македонија.
„Но, од она што го следам во македонската политика, морам да кажам дека ме загрижуваат можните конфронтации. И порано имало одлуки кои од моја гледна точка на политичар од левицата, се многу популистички. Тука би ги споменал дискусиите и решенијата околу правата на жената и абортусот, или заострувањето на казните за педофилите и сл. Во секој случај кога се во прашање парламентарните избори - одлуката и изборот е кај македонскиот народ. Секако дека ќе следиме што ќе се случува, кој ќе биде избран и како процесот понатаму ќе се одвива. Но, македонската политика мора самата да си го пробива сопствениот пат и притоа помалку треба да гледа на етничката позадина, а повеќе што навистина е добро за целата земја. Независно од ова, дебатата околу деблокирање на пристапниот процес на Македонија во ЕУ треба да се надмине. Го знаете моето мислење. И порано, а и сега сметам дека Грција делува погрешно. Јас така гледам на спорот со името, а вака гледаат и повеќето во Европската унија. Ова, меѓутоа, во никој склучај не смее да биде оправдување и македонската политика мора да си ги исполни своите домашни задачи“, коменира Штефан Либих.
Се решаваат ли со избори големите проблеми?
За разлика од германската висока политика, која од дистанца следи и очекува какви промени би можеле да донесат предвремените избори, експертите со аргументи и бројки детално ги анализираат потезите на владата, како и причините и можните последици од вонредното изјаснување.
„Предвремените парламентарни избори никогаш не се знак за политичка стабилност на една земја. Ако ја погледаме состојбата во Македонија од 2006 –тата, од кога е на власт Груевски, во просек практично секои две години имало избори. Тоа е сигнал и за комплицирани политички односи и култура. Ова влијае како на внатрешно, така и на надворешнополитички план. Едноставно, не е добар сигнал ниту за европските партнери. Во јуни Европскиот совет ќе одлучува за пристапните преговори со Албанија и би било добро кога на агендата конечно би се нашло и отворањето на пристапните преговори и со Македонија, кое поради предвремените парламентарни избори можеби нема да се случи. Понатаму, во септември е самитот на НАТО во Велс. И тука би требало одново да се актуелизира полноправното членство на Македонија во Алијaнсата. Но, и во овој случај, не гледам позитивни сигнали“, образложува за Дојче Веле д-р Оливер Шварц, политиколог и експерт за европска политика од Универзитетот Дуизбург-Есен.
Во контекст на предвремените избори д-р Шварц ја анализирал работата на владата, во чија агенда како што вели, имало масивни проблеми. На економски план не успеала да се справи со невработеноста во земјата, која и натаму е драматична кај младата популација. Понатаму, во светлината на критичниот извештај на Стејт департментот околу влијанието на владата врз медиумите, порастот на непотизмот, мешањето на партиските и државните ингеренции, д-р Шварц го наведува и Бертелсман индексот за трансформација, кој е двегодишен извештај во кој се рангираат демократијата и пазарното стопанство на 128 држави.
„И тука развојот во управата на Македонија се оценува мошне критички. Наведени се и бројки. Меѓу 2006 и 2012 година, квотата на лица вработени во управата е зголемена од 95.000 на 150.000. За земја со 2 милиони жители тоа е многу. Во корелација со ова, доколку се погледне јануарскиот извештајот на Европската унија за повлекување на средствата од ИПА фондовите, се констарира дека Македонија, односно управата, успеала да искористи само една треттина од она што е на располагање. Ова покажува дека управата работи под своите капацитети, односно лошо и затоа е тажно што има пораст на вработените во администрацијата, а едновремено квалитетот, работата на владата, на управата, на јавните институции не е подобрена“, вели д-р Оливер Шварц.
„Треба да е исто јасно дека комбинацијата на двата избори (претседателски и парламентарни) строго минуваат долж етничките линии. Сегашниот претседател имаше предност што беше поддржан и од претставниците на албанските партии. Овој пат нема да е така. Значи и во изборната трка за претседател ќе има јасна линија на поделба меѓу македонското и албанското население. Едновремено, интересно е како ќе тече изборната кампања за парламентарните избори, зашто треба да се има на ум дека има една нова партија, граѓанска опција, која ќе претендира на места во Собранието. За мене ќе биде исто толку провокативно да се види од кои партии ќе се одлеат гласачите кон овој нов политички субјкект или како ќе се однесуваат двете најголеми албански партии? Дали ќе бидат конфронтирани или потесно ќе соработуваат, што секако би придонесло за промена на нивното влијание во политичкото милје на Македонија“, оценува за Дојче веле д-р Оливер Шварц од Универзитетот Дуизбург-Есен.