Предизборен спектакл без преседан
20 април 2019Комичарот Володимир Зеленски кој важи за фаворит пред вториот круг на претседателските избори во Украина и неговиот противкандидат, актуелниот претседател Петро Порошенко, разменија вчера обвинувања за време на дебатата која се одржа на најголемиот стадион во Киев.
Порошенко, кој според анкетите е далеку зад Зеленски, го обвини својот ривал дека му недостасува политичко искуство потребно да ја задржи Украина на прозападниот курс и оти се спротиставува на обидите Русија да ја врати земјата во својата орбита. Додека Порошенко го обвинуваше својот ривал дека нема јасна програма, Зеленски возврати нарекувајќи го украинскиот претседател „волк во јагнешка кожа“.
Зеленски кој популарноста ја стекна во телевизиска серија, глумејќи украински претседател кој се бори против корупција, го обвини Порошенко за економски проблеми и за се' поприсутна корупција. Зеленски инсистраше дека ќе продолжи со интеграција на Украина на Запад. Дебатата ја следеа околу 60.000 луѓе кои го наполнија Олимпискиот стадион во Киев и гласно го поддржуваа својот кандидат или изразуваа незадоволство кон противникот.
Зеленски се обиде да го натера Порошенко да се брани, бомбардирајќи го милијардерот со прашања за неговиот компаниски имот и за соработниците обвинети за корупција. Комичарот рече оти гласал за Порошенко пред 5 години, но дека подоцна сфатил „оти направил грешка“.
Повеќе
-Украина пред политички земјотрес
-Украина: очајнички се бара претседател- спасител
„Дали тогаш можевме да замислиме оти новиот начин на живот е всушност борба за преживување? Јас не сум политичар, јас сум обичен човек кој дојде да го урне овој систем“, рече Зеленски, имајќи го предвид остриот пад на животниот стандард во земјата од 2014 година. Порошенко му врати, наведувајќи дека Зеленски не изнел програма и укажувајќи на неговите бизнис врски со тајкунот Ихор Коломојски, големиот противник на претседателот на Украина. Тој наведе и оти победата на Зеленски би ја користела Москва, велејќи дека тој не бил во состојба да му се спротистави на рускиот претседател Владимир Путин.
„Актер не може да води војна против Русија“, рече Порошенко.
Зеленски не водеше традиционална политичка кампања, туку ја посетуваше земјата со својата хумористична емисија. Во ретките интервјуа ветуваше дека ќе се стреми кон блиски врски со ЕУ и со НАТО, но најави и поактивни обиди за реинтеграција на бунтовниците кои ги контролираат источните делови на Украина.
Во првиот изборен круг на 31. март Зеленски освои 30 отсто од гласовите, а Порошенко 16 насто. Анкетите покажуваат дека разликата во меѓувреме е зголемена.
Утре (21.04) 30 милиони Украинци со право на глас во вториот круг од претседателските избори ќе гласаат за идниот шеф на државата.