Размена на територии е опасна
31 август 2018Германија отфрла размена на територии како решение на деценискиот конфликт меѓу Србија и Косово. „Сметаме дека на тој начин би се отвориле премногу стари рани на населението. Затоа, околу тоа сме многу скептични“, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во Виена, на средбата со колегите од ЕУ и со кандидатите за влез во Унијата од Западен Балкан.
Скепса има и претседавачот на ЕУ, Австрија. „Постојано сме сведоци дека промените на граници создаваат проблеми“, рече шефицата на австриската дипломатија Карин Кнајсл.
На претпазливост опоменуваат и Луксембург и Финска. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, предупреди дека на тој начин земјите „се делат на парчиња“. Такви планови „би можеле да се одразат многу, многу негативно на други земји во регионот“, рече Аселборн. Шефот на дипломатијата на Финска, Тимо Соини, побара да се постапува претпазливо и „да не се создаваат нови проблеми“. Размена на територии, според Соини, би можела да биде „ризична, доколку не е добро подготвена“. Во основа, меѓутоа, добро е што двете страни разговараат една со друга, изјави финскиот министер.
Повеќе:
Размена на територии - враќање во Среден век
За границите на Балканот и гаранциите на Балтикот
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во Виена рече дека неговата земја сака да постигне компромис со Приштина „затоа што тоа ќе ја зајакне стабилноста во регинот и ќе го отвори нашиот пат во насока на ЕУ“. Дачиќ меѓутоа додаде дека „сѐ уште не е сигурно кога тоа ќе се случи“.