1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преживеаните патници во петок ќе ја напуштат болницата

ДТЗ
24 ноември 2021

Дел од патниците се оперирани, а на други им се пружа психолошка поддршка. Министерот за здравство, Венко Филипче, најавува дека тие во петок ќе заминат дома.

https://p.dw.com/p/43P3W
Bulgarien Corona-Pandemie Krankenhaus
Во болницата Пирогов во Софија се сместени седум преживеани од автобуската несреќаФотографија: BGNES

Седуммина патници кои ја преживеаја вчерашната тешка автобуска несреќа во Бугарија се во стабилна состојба и се чувствуваат добро. Во болницата Пирогов во Софија ќе останат до петок. Министерот за здравство Венко Филипче изутринава разговарал до д-р Иван Поромански, директор на болницата, по што информираше дека повредените од лекарите во болницата ја имаат целата нега, терапија и дадена им е психолошка поддршка. 

„Стабилна е состојбата и на двајцата пациенти кои беа оперирани. Кај еден пациент беше извршен хируршки зафат на ногата, а на пациентка и беше извршен помал зафат, ѝ беше оперирано коленото. Сите седум пациенти ќе останат на болничко лекување до петок, а потоа ќе се направи план за нивен транспорт во Скопје“, соопшти Филипче. 

Изутринава и доктор Маја Аргирова од Клиниката за хирургија во „Пирогов“ потврди дека двајца од пациентите ќе бидат оперирани денеска. Според Аргирова, едното лице кое треба да биде оперирано е со изгореници на рацете, додека пак на друга девојка треба да и биде извршена операција на десното колено. 

„Вчера беше извршена операција на колено на еден од повредените“, рече д-р Аргирова. Таа информираше дека еден од пациентите се наоѓа во тежок психички шок и дека со него е психолог. „Работат психолозите со него, како и со сите останати“, додава таа. 

Меѓу преживеаните, во шок и траума во болницата лежи жена која во тешката сообраќајна несреќа ја изгубила својата ќерка. „Тешко беше да се гледаат тие луѓе, јас немам зборови. Трет преживеан го загубил целото семејство во несреќата. ‘Сакам кај моите да си одам’, зборуваше тој. Тажно!“, изјави вчера за сдк.мк  обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, по враќањето од Бугарија, откако ги посети повредените во болницата. 

Идентификација на жртвите 

Несреќата на автобусот на превозникот „Беса транс“, во која загинаа 45 луѓе, се случи на 23 ноември околу два часот на автопатот „Струма“ во близина на Перник. Во тек е истрага за причините на несреќата. 

Bulgarien | Busunfall
Остатоци од автобусот на „Беса Транс“ на автопатот во Бугарија. Фотографија: Minko Chernev/BTA/AP Photo/picture alliance

„Мислам дека институциите во Бугарија ја имаат почнато истрагата. Тука се и нашите експерти да помогнат ако е потребно. Очекуваме да бидат вклучени во процесот на идентификација на жртвите. Важно е што побрзо да заврши овој процес за да можат посмртните останки на настраданите да бидат пренесени во Скопје. Цело време сме во комуникација со бугарските институции“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

-повеќе на темата: 

Парче гума, искрење, лоши знаци: „Обдукција“ на 31-иот километар

Еден од роднините на преживеаните во несреќата, во изјава за медиумите побара од надлежните институции што побрзо да завршат сите процедурални работи во врска со телата, но и трансферот на преживеаните на скопските клиники.

Али Селмани вели дека докторите ги информирале дека преживеаните туристи од автобусот се добро, но дека не им дозволувале да ги видат. „Дојдовме да им дадеме поддршка на преживеаните, од вчера сме тука, но ги нема… Немаме увид, не можеме да ги видиме. Ни кажуваат докторите дека тие се добро, во траума се, но вака не ги имаме видено“, вели тој. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема